Анализи

„ПРИНОСОТ“ ОД ЗАПУСТЕНИТЕ ОРАНИЦИ СЕ ПОВИСОКИ ТРОШОЦИ И ПОВИСОКИ ЦЕНИ НА ХРАНАТА

Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис

05.02.2025г

Производството на сопствена храна е меѓу најважните фактори за самоодржлив и континуиран раст на една нација.  Македонија е богата со обработливо земјоделско земјиште, но кое е недоволно и неадекватно искористено. Во изминатите години од осамостојувањето на нашата држава земјоделското производство беше ставано во приоритените сектори на кој треба да се потпира економскиот развој на државата. Но, низ годините податоците за обработливото земјиште покажуваат континуиран пад. Според Статистичкиот годишник на РС Македонија 2024 во периодот од 2019 до 2023 година има намалување на вкупното земјоделско земјиште, како и во обработливите површини. Загрижува податокот дека има намалување и во ораниците според начинот на користење, но затоа растат површините под угари!

Намалувањето на обработливите површини подразбира и намалување на домашното земјоделско производство. Со продолжување на овој неповолен тренд постои опасност Македонија да  стане и целосно увозно зависна земја за храна. Искористувањето на необработливата земјоделска површина се наметнува како главен приоритет во услови и на високи цени на храната, на што сме изложени во последните години. Изгубените приходи од неискористеното, пред се приватно земјоделско земјиште, се високи. Необработените парцели, особено оние што се наоѓаат во близина на интензивно обработувани земјоделски насади, го загрозуваат квалитетот на трудот на активните земјоделци. Проблемот е особено акутен кај културите како лозјето и овоштарството, каде што болести и штетници од запуштени парцели често преминуваат на обработените. Штетите стануваат многу повисоки и тоа бара посериозен институционален пристап за ставање во функција необработеното приватно, но и државно земјиште.

Земјоделска површина по категории на користење (во 000 хектари)

Извор: Статистички годишник на Република Северна Македонија 2024 година

 

Неискористен земјоделски потенцијал

За тоа колкав е неискористениот потенцијал од необработеното земјоделско земјиште во приватна сопственост во Македонија, доставивме прашања до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но оттаму не добивме конкретен одговор. Во врска со второто прашање за тоа колкава е површината на неискористеното земјоделско земјиште во државна сопственост, ни беше речено дека „во МЗШВ во тек е креирање на софтверско решение за евиденција на државното земјоделско земјиште“.

-        Со воспоставување на системот ќе може да се знае точната површина на земјоделското земјиште кое е на располагање. Досега има околу 12.000 склучени договори за закуп на земјоделско земјиште. Во моментов објавени се четири Јавни повици се со цел целото земјоделско земјиште да се стави во функција, ни одговорија од Министерството за земјоделство.

Претходните години беа иницирани идеи за зголемено земјоделско производство преку  предлози за измени на Законот за земјоделското земјиште, со кој државата ќе може(ше) да го дава на користење приватното необработливо или напуштено земјиште. Според тогашните објавени податоци во јавноста, околу 577.000 хектари беа класифицирани како обработливо земјиште во земјата. Од оваа површина, околу 240.000 хектари, или 41 отсто, беа во државна сопственост. Неискористеното земјоделско земјиште во приватна сопственост беше околу 90 илјади хектари. Со предложените законски решенија се предвидуваше да се искористи необработеното земјиште од субјекти кои се заинтересирани да го обработуваат. Се разбира, тоа да биде за соодветен надомест. Осумдесет отсто од надоместокот за „изнајмување“ на земјата ќе им се исплаќаше на приватните сопственици, а 20 отсто на државата. Но,  овие законски решенија, кои се темелеа на искуството на земји од Европската Унија, не помина низ собраниските комисии.

Покрај директната штета од необработливите земјоделски парцели, кој се состои од неостварени приноси односно приходи, постојат и други индиректни штети. Земјоделските експерти и земјоделците се согласни во тоа дека неискористените површини во приватна сопственост, предизвикуваат и нуспојави, кои негативно се одразуваат  на другите обработливи површини.

Штетници го намалуваат производството

На необработеното земјиште се шират разни други растенија, како плевелот, кои ги загрозуваат посевите на соседните површини. Во обраснатите површини се кријат и штетници, што бара поголеми трошоци за хемиска заштита на посевите или овошките. Ова влијае на зголеми трошоци во земјоделското производство, намален род, и намалена продуктивност, која се одразува на конкурентноста и на земјоделските производи при извозот во други земји.

-        За ефикасно земјоделско производство од голема важност е окрупнувањето на обработливите површини. Познато е дека македонското земјоделство е раситнето, пред се на мали приватни површини. Ваквата состојба произлегува од нашата традиција на наследување на повеќе лица. Тоа е и проблемот и при една ваква иницијатива на изнајмување на приватниот имот на заинтересирани земјоделци, поради нерасчистени имотно правни односи. Проблемот е што постојат и големи необработливи површини кај поранешните земјоделски комбинати. Но, и тука има нерешени односи при издавање на државно земјиште, околу следењето од тоа дали  се искористува од „изнајмувачите“, па до висината на цената за користење, која е неисплатлива за многу земјоделци кои се заниваат со оваа дејност. Во однос на изнајмувањето на приватното земјиште кое е необработено, се поставува прашањето за навлегување во приватната сопственост и нарушување на слободен избор за користењето на земјиштето, вели Диме Димитриевски, индивидуален производител на тутун и овоштар и член во Националната земјоделска мрежа.

Ораници според начин на користење (култури)  (во 000 хектари)

Извор: Статистички годишник на Република Северна Македонија 2024 година

 

Ангажираноста на земјиштето во рамките на земјоделското производство, подеднакво како и напуштањето, според проф. д-р Станислава Лазаревска, од Факултет за земјоделски науки и храна, на Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, имаат своја улога и влијание во животната средина, кое може да доведе до позитивни или негативни ефекти.

-        Кога се зборува за напуштање на обработливите површини, не смее да се запостави и негативниот аспект на биолошките штетни организми и нивното влијание врз активните производни површини. Овие запуштени зони претставуваат природен резервоар и место на одржување и штетните организми од растително или животинско потекло. Тие се места од каде се генерира масовната појава и напад на штетните организми на земјоделските култури, а кои заради неприкосновените сопственички основи, не смеат да бидат дистурбирани. Напуштените места стануваат континуирана опасност за културните растенија од штетните организми, трпат економски штети, бидејќи заштитата на растенијата на одгледуваните површини не го решава прашањето со нив. Штетниците повторно надоаѓаат од запуштените места. Посебна опасност од напуштените земјоделски површини претставува можноста да прераснат во места за развој и намножување на инвазивните видови, кои се наша реалност во изминативе декади. Интензивната интерконтинентална интеракција на луѓето и климатските промени носат опасност од пренесување и населување на нови организми од еден во друг ареал на живеење.  Инвазивните видови населени на новите места, каде има доволно храна и еколошки поволности, без присуство на природни непријатели, стануваат опасност со економски последици за стопанството во целата земја, вели  Лазаревска.

Изнаоѓање на решенија

Многу често, активните и совесни земјоделски производители, за да ја намалат штетата на своите култури, превземаат мерки и вршат заштита на растенијата и на напуштените места. Сепак, како што  нагласува Лазаревска, овие мерки се со ограничен карактер, бидејќи на туѓи имоти не смее да се навлегува. Исто така, дополнителната заштита на растенијата на напуштените површини, ја поскапува земјоделската продукција и претставува уште еден општ проблем.

-        Во ваква општа состојба, се очекува изнаоѓање на решенија, кои комплексно ќе одговорат на предизвиците. Генерално подобрување на условите за земјоделските производители, поголема финансиска сигурност, повеќе инвестиции во современи технологии и едукација, се дел од решенијата за намалување на трендот на напуштање на обработливите земјишта, вели професорката Станислава Лазаревска.

Во врска со тоа каков е  планот за намалување на влијанието на необработеното земјиште врз активните насади, од Министерството за земјоделство и шумарство ни одговорија дека „во тек се четири Јавни повици до 3 хектари и еден Јавен повик за над 3 хектари, за регулирање на правото на користење на државното земјиште и издавање на земјоделско земјиште под закуп кое до сега од било кои причини не било предмет на закуп, како и регулирање на правото на користење на земјоделското земјиште над кое има подигнато насади или оранжерии“.

-        Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема надлежност над земјиштето во приватна сопственост. Можноста за отстапување и користење е право на сопствениците на приватното земјиште, ни изјавија од МЗШВ.

Во функција на изнаоѓање на механизмите за поттикнување обработка на приватно земјиште, од Министерството посочуваат дека „во тек е подготовка на нов Закон за земјоделско земјиште и се прави анализа за начинот, постапката и мерките кои ќе се предвидат за да се опфати оваа категорија на земјоделско земјиште“.



Со овој текст, Економија и бизнис се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ПРЕПОРАЧАНО