Економија
ИНИЦИЈАТИВАТА „ТРИ МОРИЊА“ − (НОВА) МОЖНОСТ ЗА ЕКОНОМСКИ РАСТ ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН
Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2025г.
ВОЗОБНОВЕНА РЕГИОНАЛНА „ЕКОНОМСКА ПЛОВИДБА“ ПОД АМЕРИКАНСКО ЗНАМЕ!
Иницијативата „Три мориња“ во која активно партиципираат 12 држави од подрачјето на Средна и на Источна Европа, кои се членки на Европската Унија и кои се наоѓаат меѓу Балтикот, Јадранското и Црното Море, повторно се враќа високо на листата на бројни регионални концепти за меѓусебна економска соработка на земјите од Западен Балкан. Иницијативата која своите први почетоци и обиди ги има во 30-тите години од минатиот век, а која беше иницирана во Полска како геостратешка платформа за „одбрана“ од напливот на комунизмот од тогашниот Советски Сојуз и од влијанието на националсоцијалистичката Германија, ја добива својата прва институционална форма во Дубровник на 25 август 2016 година. Од овој собир произлезе документ во кој се наведува дека иницијативата „Три мориња“ е неформална платформа воспоставена за да се преземат решителни активности и да се обезбеди политичка поддршка за одредени прекугранични и макрорегионални проекти кои имаат стратешко значење за Централна и за Источна Европа.

Иницијативата „Tри мориња“ беше лансирана од дванаесет земји членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море − Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Словенија. Во 2023 година, Грција стана 13-та членка на иницијативата. Стратешки партнери што ја поддржуваат иницијативата „Три мориња“ се Европската комисија, Германија и САД, а од минатата година и Јапонија. Иницијативата има цел да ја прошири економската соработка меѓу нејзините членки и да го поттикне нивниот развој. Пред сè, во проширувањето на енергетската инфраструктура, вклучително и терминалите за течен природен гас (LNG) кои се неопходни за отворање нови рути за алтернативни доставувачи во услови на длабока меѓународна поделеност по случувањата во Украина. Поддржувачите на иницијативата ја гледаат и како потенцијална противтежа на интересот на Кина за учество во регионални инфраструктурни проекти како дел од нејзината глобална иницијатива „Патот на свилата“.

Втора цел на иницијативата за три мориња е да го забрза економскиот развој и да ги намали регионалните разлики во ЕУ. Според податоците на ЕУ, земјите од регионот вклучени во иницијативата за три мориња се економски помалку развиени во споредба со остатокот од ЕУ. Земјите меѓу трите мориња заедно сочинуваат нешто помалку од 30 % од територијата на ЕУ и 22 % од нејзиното население, но учествуваат со 10 % во бруто-домашниот производ на ЕУ.
За значењето од вклучувањето на земјите од Западен Балкан во иницијативата „Три мориња“ беше разговарано и на панел-дискусијата која беше организирана од Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Институтот за стратешки иницијативи и политики. Пораката од оваа јавна трибина беше дека интегрирањето на Западен Балкан ќе придонесе за поефикасно поврзување меѓу земјите од регионот и од ЕУ, а ќе придонесе и за зајакнување на европската кохезија преку развојот на транспортните коридори, зајакнување на трговските, на енергетските и на информатичките врски, што би довело до забрзување на економскиот раст.

Морињата се одредниците кои ќе ги исцртаат новите сфери на интерес во светот. Бизнисот е единственото врзивно ткиво на овој свет. Иницијативите кои доаѓаат однадвор се многу значајни и треба да ги прифатиме како свои и да ги ставиме во рамките на нашите бизнис-интереси. Локалните иницијативи мора да најдат свое место во една ваква глобална иницијатива како што е „Три мориња“. Само на овој начин можеме да кажеме дека сме направиле колосек кој ќе нè води кон евроатлантските интеграции. Нам ни требаат пазарите на Романија, на Грција, на Бугарија, на Србија, на Хрватска, на Европа. Ќе го поддржиме сето она што ќе го препознаеме како оваа иницијатива „Три мориња“, која оди во правец за поттикнување на економскиот раст, порача Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.
Интегрирањето на Западен Балкан во оваа иницијатива ќе придонесе за поефикасно поврзување на земјите од регионот и на членките на оваа иницијатива и на ЕУ пошироко, смета Зоран Јолевски, експерт за меѓународна трговија и поранешен амбасадор. Иако овие земји сè уште не се полноправни членки на ЕУ, нивната интеграција во оваа иницијатива ќе придонесе за зајакнување на европската кохезија, развој на поефикасни коридори, унапредување и зајакнување на трговските, на енергетските и на информатичките коридори, а со тоа и за акцелерирање на економскиот раст. Можеби во првата фаза земјите од регионот ќе добијат ист статус како Украина и Молдавија, но сепак ова треба да се смета како чекор напред, потенцира Јолевски.
Претседателот на Српско-американскиот конгрес Владимир Маринковиќ ги искажа заложбите на Србија за вклучување во сите регионални иницијативи, а особено на оние кои се фокусирани на економскиот развој и за создавање подобро инфраструктурно поврзување и енергетска безбедност и зголемени инвестиции. Според него, потребно е да продолжи да работи со полн капацитет Канцеларијата во Белград, која беше формирана во партнерство со САД, а преку која беа пласирани 200 милиони долари преку различни гарантни фондови за развој на проекти иницирани од приватниот сектор.
Србија има добар економски развој во последниве години и ги поддржуваме сите регионални иницијативи. Таква е и „Отворен Балкан“ која не е само економска иницијатива туку и иницијатива за мир. Залагањето за слободен пазар без граници е добро за економијата, но и за решавање на сите прашања преку економска соработка и трговија. За нас е мошне охрабрувачки да бидеме и дел од иницијативата „Три мориња“. Ни треба енергија, гас и нафта и охрабрувачки ќе биде ако САД поактивно се вклучи во овој процес, рече Маринковиќ.
Иницијативата „Три мориња“ сега е приоритет за земјите од регионот, но во иднина ќе биде итен приоритет, особено кога станува збор за конфликтите, за несигурноста и за недостигот на безбедност, смета Арбен Малај, поранешен министер за финансии и за економија на Република Албанија.
Балканот создава повеќе историја отколку што може да консумира. Затоа е многу важно да се спроведат вистински проекти за инфраструктурен развој. Секогаш има добри идеи за вакви иницијативи, но нивното спроведување секогаш е проблем. Треба да се разговара на сите полиња за да се тргнат предусловите кои би овозможиле Западен Балкан да биде активен партнер во иницијативата „Три мориња“ бидејќи Европа не може да стане силна ако не ја продлабочи интеграцијата со Западен Балкан, посочи Малај.
Досегашните барања за вклучување на Западен Балкан во оваа иницијатива не беа прифаќани со образложение дека за да се биде членка на иницијативата предуслов е членство во ЕУ. Основата за ваквата позиција беше настојувањето земјите членки од регионот да можат да користат повеќе фондови од ЕУ.
Во моментот на објавување на Извештајот за статусот за 2024 година, вкупниот број на проекти за интерконекција во рамките на иницијативата „Три мориња“ достигна 143 со проценета инвестициска вредност од 111 милијарди евра. Бројот на приоритетни проекти е речиси тројно зголемен од 2018 година кога беше поставена првата Листа на приоритетни проекти за интерконекција. Списокот на приоритетни проекти на Третиот самит одржан во Букурешт во 2018 година содржеше 48 проекти во енергетската, во дигиталната и во транспортната инфраструктура. Во структурата на реализираните инвестициски проекти во рамките на оваа иницијатива, 51 отсто се во транспортни коридори, 39 отсто во енергетско поврзување и 10 отсто во инернет-комуникациите. Моментално се активни 89 проекти со вредност од 102 милијарди евра.