Економија
ОД „ЗАКОНСКИТЕ“ 1.800 ДЕНАРИ ДО „СИНДИКАЛНИТЕ“ 20 ОТСТО РАСТ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА? - почнуваат разговорите во Економско-социјалниот совет
03.02.2025
Работодавачите, синдикатите и Владата денеска треба да седнат на заедничка маса за да разговараат за зголемувањето на минималната плата која во моментот изнесува 22.567 денари. Според најавите, денеска треба да се одржи седницата на Економско-социјалниот совет на која ќе се разгледаат можностите за нејзино зголемување што како барање го поставија синдикатите според кои има реална потреба од вакво нешто.
Синдикатите бараат минималната плата да се зголеми на 450 евра, а дел од бизнис секторот се изјасни дека ќе го прифати ваквиот предлог, но да се намалат придонесите. Од Владата велат дека ќе остават да се договорат синдикатите и работодавачите.
- Минималната плата ќе ја разговараат синдикатите и работодавачите. Ние ќе го следиме процесот и што ќе се договорат меѓу себе, ние ќе го прифатиме затоа што во изминатиот период, врз база на направените анализи, констатиравме дека минималната плата, како компонентна која влијае на платите во државните институции, опфаќа многу мал број на државни службеници, околу 14.000 службеници, а сите останати не се поврзани со компонентната минимална плата, изјави во петокот министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Согласно законот, во март треба да има усогласување на минималната плата, која според пресметките, треба да се зголеми за 1.800 денари, што според синдикатите е малку во однос на трошоците на живот.
Пресметките што ги прави Сојузот на синдикати на Македонија за минималните трошоци на едно четиричлено семејство покажуваат дека во јануари тие изнесувале 63.252 денари што значи дека две минимални плати се малку за да се задоволат основните потреби. За само една година, вредноста на синдикалната минимална кошничка пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти.
- Граѓаните во Македонија не дека живеат многу добро и имаат многу добри плати, па пазарат и со тоа ја погреваат инфлацијата и платите се виновни за зголемувањето на инфлацијата, не туку трговците се алчни и се богатат на грбот на работниците со тоа што го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Дури се сомневаме и дека она што го ветуваат сега, во наредните месеци ќе го задржат нивото на цените на основните прехранбени производи е мамка да не ги намалат цените на производите кои на светските берзи бележат намалување, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција на 21 јануари.
Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти. Велат дека нивното барање за растот на платите и на минималната плата е повеќе од оправдано.
Извор МИА
фото freepic