Lifestyle

ФИЛМ: МЕЈД ИН ИНГЛАНД

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2024г.

Некои киноискуства се незаборавни и оставаат убава и длабока трага. И голема глад за филм. Едно од тие беше и привилегијата да се гледа, „Црвените чевли“ (The Red Shoes), на големото платно, во целиот свој техниколор раскош. Она што ме остави во неверица беше фактот дека филмот е снимен во 1948 година, а изгледа толку свежо и современо.
Искуството на „професорот“ било многу поинакво, но сепак оставило слични траги. Како дете кое живее во населбата Мала Италија во Менхетн, младиот Мартин Скорсезе страдал од астма и бил принуден да седи дома каде што гледал многу телевизија. Бидејќи американските студија сè уште не ги продавале правата за своите филмови на телевизиите (тогаш доживувани како заканувачка конкуренција), повеќето од оние прикажувани биле британски. Иако младиот Скорсезе, како и многу деца од тој период, за прв пат ги гледал овие филмски дела (замислени за големото платно) на мали црно-бели телевизори, нивната моќ да инспирираат стравопочит, чудење и опсесија оди многу подалеку од големината на екранот. Меѓу нив е и „Црвените чевли“ на Мајкл Пауел (Michael Powell) од Кент и на унгарскиот Евреин Емерик Пресбургер (Emeric Pressburger). Вториот бил сценарист кој работел во легендарното германско студио УФА (UFA) пред да побегне од нацистичкиот режим. Пауел, син на фармер, ја започнува својата работа со продуцентот на неми филмови Рекс Инграм (Rex Ingram) во студиото Викторин (Studios de la Victorine) во Ница, каде што полека почнува да ги искачува скалилата на филмската индустрија. Назад во Англија, Пауел и Пресбургер ќе бидат креативно споени од страна на продуцентот Александeр Корда (Alexander Korda) во трилерот „Шпионот во црно“ (The Spy in Black, 1939). Со овој филм започнува речиси дваесетгодишната креативна соработка на „Стрелците“, прекар кој ќе го добијат според името на нивната независна продукциска компанија Ди Арчерс (The Archers), основана во 1943 година. Пауел го работеше најголемиот дел од режијата, додека Пресбургер беше сценарист и продуцент кој исто така помагаше во монтажата, особено во делот поврзан со користењето на филмската музика. Невообичаено, парот ги делеше заслугите, па така и двајцата најчесто се потпишани како сценарист - режисер - продуцент.
„Направено во Англија: Филмовите на Пауел и на Пресбургер“ (Made in England: The Films of Powell and Pressburger, 2024) е документарен филм во режија на Дејвид Хинтон (David Hinton), наградуван автор со значително искуство во изработка на филмови за уметници, најчесто за потребите на британската телевизија. Мартин Скорсезе е потпишан како извршен продуцент, но пред сè тој е главниот протагонист и наратор кој, во веќе препознатлив стил, со многу авторитет и страст, ги презентира своите мисли и сеќавања директно пред камерата. Тој е директно одговорен за повторното откривање, како и за реставрацијата на делата на овие автори кои беа запоставени од страна на британскиот филмски естаблишмент. Како што ќе напише Гардијан: денес филмовите на Пауел и на Пресбургер речиси и не можат да се видат освен преку медиумот на славното евангелизирање на Скорсезе; нивните и неговите филмови практично станаа интертекстуални настани.
Скорсезе е најголемиот филмофил меѓу филмаџиите, тој е совршениот кинодаскал кој има заразна енергија. Ваквата улога не му е нова. Во 1995 година, тој е коавтор на филмот „Лично патување со Мартин Скорсезе низ американските филмови“ (A Personal Journey with Martin Scorsese Through American Movies), додека вo 1999 година е автор на „Моето патување во Италија“ (My Voyage to Italy). Обата се документарни серијали кои надминуваат четири часа времетраење, вистински филмски лектири и инспиративни дела кои поттикнуваат понатамошно истражување.
„Направено во Англија“ хронолошки ja прикажува еволуцијата на Пауел и на Пресбургер, од филмовите на воена пропаганда, преку раскошните експерименти и филмската опера, па сè до нивниот креативен залез за кој Скорсезе е брутално искрен. „Животот и смртта на полковникот Блимп“ (The Life and Death of Colonel Blimp, 1943), кој се смета за едно од најголемите достигнувања на двојката, Черчил го проценува како непатриотски во време кога се барало евтино морално закрепнување од војната. „Црниот нарцис“ (Black Narcissus, 1947) ја покажува нивната раскошна фантазија и желбата да се развие чисто визуелна форма на раскажување заснована на монтажа, каде што потезите на камерата танцуваат во совршена кореографија. И, пред сè, „Црвените чевли“, според Скорсезе, „ултимативниот комерцијален субверзивен филм“, каде што еросот на уметноста е во конфронтација со љубовната страст. Неговото обожавање на нивната експресионистичка работа се граничи со опсесија, тој го доловува духот на нивната работа и пластично прикажува како тоа влијаело на неговите филмови, честопати на изненадувачки начини. Во еден момент тој ги нарекува „експериментални филмаџии кои работеле во рамките на индустријата“, нагласувајќи ја нивната бескомпромисност во период (40-тите и 50-тите) во кој сè уште не се наѕира ниту „А“ од она што подоцна ќе биде наречено авторски филм. Ваквиот храбар сензибилитет ќе остави силен впечаток и кај неговите современици од Новиот Холивуд, посебно кај Френсис Форд Копола и Брајан де Палма.
По пријателската разделба на овој филмски тандем, секој оди по својот авторски пат. Во 1960 година, Пауел го снима проколнатото ремек-дело „Ѕиркачот Том“ (Peeping Tom), приказна за сериски убиец со камера и филм кој, како што вели Скорсезе, покажува „колку снимањето филмови може да доведе до лудило“. Во контраст на убавите зборови, режисерот Хинтон нафрла натписи со критички бисери кои го масакрираат филмот и практично ставаат крај на неговата кариера. Во седумдесеттите години, веќе етаблиран како автор, Скорсезе го сретнува Пауел во Англија, каде живее во опскурност и незавидна финансиска состојба. Заедно со Копола го канат како консултант во Америка каде што ја запознава својата трета сопруга, извонредната монтажерка Телма Шунмејкер (Thelma Schoonmaker), долгогодишна и верна соработничка на Скорсезе. Малку среќен крај за крај.

ПРЕПОРАЧАНО