Економија
На социјалните мрежи повици за бојкот поради високите цени на храната, Организацијата на потрошувачи ја поддржува акцијата
28.01.2025
По примерот на Хрватска, на социјалните медиуми се појавија повици в петок граѓаните во земјава да не пазарат во маркетите поради високите цени, а деновиве оваа акција се проширува и на други балкански земји како Босна и Херцеговина и Црна Гора. Организацијата на потрошувачите на Македонија, иако не е организатор на овие активности, ги поддржува повиците за бојкот, особено што, како што вели нејзината претседателка Мирјана Лончар, граѓаните секојдневно се соочуваат со зголемување на цените на прехранбените производи.
- Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните медиуми за бојкот на маркетите. Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени, вели Лончар во изјава за МИА.
Таа потенцира дека за намалување на цените треба да се земат цените на производите од ноември минатата година.
Втората мерка што ја предлага претседателката на Организацијата на потрошувачи е да се провери дали големите ланци на супермаркети имаат меѓусебен договор во однос на зголемувањето на цените. Според Лончар, мерките што би се преземале треба да бидат утврдени заедно со синдикатите и Организацијата на потрошувачите на Македонија.
За ова денеска се огласија и партиите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите и велат дека институциите ќе ги истражат сите злоупотреби. Додаваат дека нема никаква економска причина за зголемување на цените надвор од своеволноста на трговците, која тоа го оправдува освен голиот профит на грбот на граѓаните.
Од СДСМ, пак, оценија дека акцијата за бојкот на маркетите се прелева и кај нас бидејќи Владата не ги заштитила граѓаните од зголемувањето на цените.
фото freepic