Перспектива

Поврзување на платите на јавната администрација со движењето на македонската економија – решение за повисока продуктивност и повисок економски раст?

Зоран Јовановски | Авторот е економист

Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2025г.

Системски проблеми – можни решенија

Ова за што пишувам во текстов е идеја што ја имав и ја комуницирав уште пред година и половина (не со претходната влада или со јавноста). Мислам дека е дојден моментот идејата повторно да ја актуелизирам, овојпат директно со јавноста и притоа прописно да биде презентирана нејзината концептуална содржина.

Од осамостојувањето на државава наваму, македонската економија се соочува со еден фундаментален проблем што заслужува посебно внимание. Проблемот има најмалку три елементи. Прво, низ годините сведоци сме на континуиран стрес кај вработените во делови на јавната администрација кој се манифестира со протести, со штрајкови и со барања за повисоки плати. Работите дополнително ги усложнува сознанието дека во системот отсуствува конзистентна рамка, има различни колективни договори, па порастот на платите се решава на поединечна основа, кој како ќе успее да издејствува во преговори со владата... Многу е важно да се најде ефикасно и долгорочно одржливо решение за платите и за сеопштата благосостојба на јавната администрација затоа што таа е ’рбетниот столб на која било економска реформа во земјава. Не постои ниедна реформа што може да биде успешно реализирана ако земјата нема квалитетна, соодветно мотивирана и ефективна јавна администрација. Без таква јавна администрација економските реформи, колку и да се добро обмислени и формулирани, ќе останат само парче хартија. Во оваа прилика не навлегуваме во прашања како што се бројноста на јавната администрација, соодветноста на нејзините знаења и на вештините, нејзината нецелосна искористеност, технолошката поддршка (дигитализација) на нејзините работни процеси итн.

Вториот елемент на проблемот е продуктивноста. Македонската економија мака мачи со продуктивноста на работната сила, која е ниска и не претставува движечка сила на растот. Третиот елемент на проблемот е бавниот економски раст. Изминативе триесетина години македонската економија има неприфатливо ниска стапка на раст со која нема никаде да стигне.

Значи, да резимираме: имаме нископродуктивна економија, јавна администрација која е незадоволна од платите и остваруваме многу ниски стапки на раст. Во вакви околности се поставува прашањето има ли решение што може да ја направи јавната администрација позадоволна, што ќе ја зголеми нејзината продуктивност и истовремено ќе го забрза растот на македонската економија.

Логично, решението мора да биде поврзано со коренот на проблемот. Клучниот проблем за македонската економија, поврзан со јавната администрација во земјава, е тоа што администрацијата во основа се гледа себеси како еден посебен свет издвоен од остатокот на економијата. Системот на наградување на јавната администрација (плати итн.) е апсолутно изолиран од она што се случува во целата економија. Што и да се случува, низ каква криза и да поминува македонската економија, платата за јавната администрација останува во основа недопрена, шокот го апсорбира приватниот бизнис-сектор.
Ваквата поставеност на работите го намалува сензибилитетот на јавната администрација за потребата на приватниот сектор да добие квалитетни, брзи и ефикасни услуги од јавната администрација. Всушност, недостасува суштински поинаква мотивација која ќе го максимизира сензибилитетот на јавната администрација и ќе ја поттикне да реагира сосема поинаку.

Потег што има потенцијал „да ја смени играта“ е да се поврзе наградувањето на јавната администрација (платите итн.) со резултатите што ги остварува целата економија. Еден начин да се направи тоа е движењето на платите да се поврзе со стапката со која се движел реалниот бруто-домашен производ во период од 12 месеци. Еве како би можел оперативно да функционира таквиот механизам:
 - Во месец март/април во тековната календарска година, Државниот завод за статистика, согласно својата редовна динамика на објавување на податоците, го објавува официјалниот статистички податок за стапката на промена на реалниот бруто-домашен производ во претходната календарска година (на пример, во март/април 2025 година за цела 2024 година). Тоа не е конечниот податок, тој може подоцна да биде ревидиран, но разликата нема да биде голема и може да се користи привремениот податок објавен во март/април.
 - Стапката на промена на реалниот бруто-домашен производ во претходната календарска година ќе служи како репер за нивото на платите на јавната администрација во периодот мај од тековната до мај во наредната календарска година.
 - Доколку реалниот бруто-домашен производ во претходната календарска година се зголемил за одреден процент (на пример за 5 %), тогаш вработените во јавната администрација би добивале плати зголемени за одреден процент (на пример, 2,5 или 3 %) како дел од растот на економијата. Вака зголемената плата би била своевидна награда за јавната администрација за нејзиниот придонес во растот на економијата во текот на претходната календарска година. Зголемената плата би се земала по објавувањето на стапката на реален раст на БДП во март/април, во период од 12 месеци, од мај во тековната година, па заклучно со април во наредната календарска година кога ќе биде објавена новата стапка на годишна промена на бруто-домашниот производ.
 - Логично целата работа не може да биде еднонасочна. Ако во претходната календарска година реалниот бруто-домашен производ наместо да се зголеми се намалил за одреден процент (на пример, за 5 %), тогаш би ја имале обратната ситуација, тогаш во периодот од мај од тековната, па заклучно со април во наредната календарска година јавната администрација би земала намалена плата (на пример, за 2,5 до 3 %).
 - Процентот за кој би се зголемиле/намалиле платите (како дел од вкупниот процент на промена на реалниот БДП) би се утврдил прецизно по детален увид и анализа на релевантните податоци за масата плати што се исплаќа за јавниот сектор и поврзаноста на годишниот економски раст со порастот на приходите во буџетот на државава. Ваквиот механизам мора да биде јасен и прецизен и неговата примена не смее да предизвикува ризик за фискалната позиција на државава.

Растот на македонската економија значи и зголемени приходи во буџетот на државава со што се создава реална основа за зголемување на платите на јавната администрација. Воведувањето на механизам што ќе ги поврзе платите на јавната администрација со остварувањата на македонската економија ќе значи дека кога македонската економија во некоја календарска година остварила раст и платите на јавната администрација ќе се зголемат за дел од тој раст во период од 12 месеци. Тој раст на платите на јавната администрација е награда за нејзиниот придонес во растот на целата македонска економија во претходната календарска година. Случајот е обратен доколку има пад на македонската економија.

Која е клучната придобивка од воведувањето на ваков механизам? Јавната администрација ќе биде многу повеќе заинтересирана за тоа каков резултат остварува македонската економија. Ова ќе резултира со зголемена продуктивност, со подобар квалитет на услугите на јавната администрација, побрзо издавање на какви било дозволи, лиценци и сл., поедноставување на процедурите и на законската и на подзаконската регулатива, сè со цел што поголем раст на македонската економија.

Со воведувањето на ваков механизам, за првпат, јавната администрација и приватниот сектор нема да припаѓаат на различни изолирани светови, туку ќе припаѓаат на ист простор, ќе бидат тим, заинтересирано ќе соработуваат, сè со цел да се оствари што повисок раст на македонската економија затоа што тоа ќе носи придобивки за сите. Сите ќе ја делат судбината на македонската економија. Тоа ќе биде вистинска вин-вин ситуација за јавната администрација и за приватниот бизнис-сектор. Механизмот ќе помогне подобро да се ускладат платите на јавната администрација, ќе влијае на продуктивноста и на побрзиот раст на македонската економија.

ПРЕПОРАЧАНО