Економија

Цената на нафтата во пораст по слабеењето на доларот

22.01.2025

Цените на нафтата денеска се во благ пораст по новите податоци за резервите во САД и можноста за воведување увозни царини од страна на претседателот Доналд Трамп, како и потенцијалното влијание на вонредната состојба во енергетскиот сектор прогласена од него веднаш по инаугурацијата.

По отворањето на берзите денеска цената на нафтата од марката Брент порасна до 77,16 долари за барел, додека на WTI се зголеми до 75,64 долари за барел.

- Нафтата добива поддршка од малото слабеење на доларот, како и од позитивниот ризик од растот на берзите, рече Џовани Стауново од банката „Ју-Би-Ес“ (UBS), пренесoa дел од американските медиуми.

- Цените неделава најверојатно ќе бидат повишени и од очекувањата за намалување на резервите на нафта во САД. Движењата на пазарот се умерени, бидејќи учесниците очекуваат поголема јасност за следните чекори на Трамп во врска со тарифите и санкциската политика, додаде тој.

Трамп вчера изјави дека неговата администрација разговара за воведување царини од 10 отсто за увезените производи од Кина, почнувајќи од 1 февруари – истиот ден кога, според неговите претходни изјави, е предвидено евентуално воведување на 25 отсто тарифи за Мексико и Канада.

Тој исто така вети воведување увозни царини за стоки од Европа, но не даде детали за тоа.


Извор МИА

фото freepic  

 

ПРЕПОРАЧАНО