Економија
Дали добро управуваме со отпад од пластични шишиња?
Александар Матески | Авторот е доктор на економски науки
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2025г.
Изминатава деценија ја одбележаа тектонски промени во начинот на управување со отпад од пакување. Потребата од континуирано подобрување на системот отвори дилеми во последниве две години и во Македонија − дали поставениот систем е адекватен и што треба да се преземе за негово подобрување.
Една од главните причини за тоа, особено во делот на управување со отпад од пластични шишиња, е Директивата 2019/904 од Европската Унија од 5 јуни 2019 година за намалување на влијанието на одредени пластични производи врз околината. Имено, директивата предвидува обврска до 2029 година, а со цел идно рециклирање, да се соберат 90 % од пластичните шишиња кои се пуштени на пазарот во таа година1.
За остварување на тие цели, државите членки имаат опција да воспостават програма за депозит на амбалажа или да утврдат цели за одвоено собирање во рамките на проширена одговорност на производителот.
Македонскиот закон за управување со пакување и отпад од пакување нема посебни национални цели кои се однесуваат на собирање отпадни пластични производи (шишиња), туку тие се како дел од целите за пластика2. Оттука нема непосреден нормативен притисок за промена на сегашниот систем на управување со отпад од пакување.
Најголемите производители на пијалаци кои произведуваат и увезуваат повеќе од три четвртини од сите ПЕТ-шишиња и алуминиумски лименки што се продаваат секоја година на македонскиот пазар се основачи и членки на колективниот постапувач Пакомак ДОО Скопје, па затоа и ставовите на колективниот постапувач може да се сметаат за исклучиво релевантни.
Пакомак ДОО посветено работи на достигнување на сите предизвикувачки цели од ЕУ на најефикасен начин. Со цел поуспешно остварување на законските цели, од пред некоја година започна да функционира т.н. „депозит без депозит“ (deposit without deposit) или „систем базиран на поттик“ (incentive based system) користејќи повратни вендинг машини (ПВМ). Системот се заснова на давање стимулации на граѓаните кои ги враќаат своите ПЕТ-шишиња и лименки во ПВМ3.
Дали е време за депозитен систем во управувањето со амбалажа во Македонија?
Во изминатиов период беа анализирани и решенијата што се актуелни во: Литванија, Германија, Естонија, Хрватска и Словачка. Предностите на депозитниот систем (deposit Return System DRS) се однесуваат во ефикасноста на собирањето на отпадот, чистината на собраниот материјал, високиот процент на собран отпад и малото негативно влијание од неформалните собирачи врз функционирањето на системот. Негативните страни се во исклучително високата инвестиција во инфраструктура и високите оперативни трошоци.
Анализите спроведени од една од најупатените консултантски куќи4 што беше ангажирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, но и ставот на производителите и најголемиот колективен постапувач укажуваат на тоа дека во сегашните услови треба да остане да функционира постоечкиот систем на управување со овој тек на отпад. До крајот на 2024 година, вкупниот број на поставени ПВМ на територијата на државава ќе достигне 70. Вложувањата во машините ќе продолжат интензивно и во следните години. Во следната декада, Пакомак ДОО планира да постави и да менаџира околу 400 ПВМ кои ќе бидат дел од „систем базиран на поттик“. Овој систем е одлично прифатен и од страна на општините кои одвојуваат средства во сè поголем број и од сопствените буџети за доделување дополнителни т.н. зелени поени. Преку постоечкиот систем на проширена одговорност (ПВМ-машините и собирањето отпад од пластика и лименки преку конвенционални канали [канти, контејнери, пристап врата до врата]) се очекува да се реализираат високите национални цели. Сè додека таквиот комбиниран пристап може да ги постигне националните и ЕУ-целите, депозитниот систем е непотребен и превисок трошок за менаџирање со овој тип отпад.
Но, што доколку не може да се остварат целите?
Ставот на Пакомак и на производителите кои ги застапува е дека во тој случај операторот на депозитниот систем треба да биде основан од индустријата. Таква е препораката и од консултантската куќа што беше ангажирана од Министерството за животна средина и просторно планирање. Системот најдобро може да се менаџира од производителите, а не од државата. Собраниот материјал треба да биде во сопственост на операторот на системот. На овој начин ќе се има добра контрола и врз квалитетен рециклиран ПЕТ што станува вредна суровина. Системот треба да се однесува исклучиво за ПЕТ и за лименки, исто како што е сегашниот „систем базиран на поттик“. На тој начин и постоечката инфраструктура од ПВМ (која континуирано расте) би се искористила во новиот систем. Стаклото не треба да биде дел од депозитниот систем бидејќи неповратното стакло одлично се собира во каналот ХОРЕКА (HORECA) и преку поставените контејнери на јавниот простор.
Фактите укажуваат на тоа дека континуирано се инвестира во проширување на мрежата на ПВМ на територијата на државава, „системот на поттик“ е одлично прифатен од страна на потрошувачите со над 42 000 корисници, а ефикасноста во искористеност на машините се подигнува. Македонија сè уште нема доволно развиена инфраструктура за имплементација на депозитен систем, а постоечкиот комбиниран пристап досега дава одлични резултати и треба да се задржи со натамошно вложување во инфраструктура.
1 До 2025 година, изразено во маса, 77 % од отпадните пластични производи (шишиња) што се пуштени во тековната година треба да се соберат за рециклирање.
2 Најдоцна до 31 декември 2030 година, минимална цел која треба да се исполни по тежина за рециклирање е 50 % од вкупната пластика.
3 <https://pakomak.mk/Pages/Index/povratni_vending_masini?selectPage=info_za_vending_masini_2>
4 <https://www.horvath-partners.com/en/>