Економија
Бугарија и нуди договор на Македонија за граничниот железнички тунел
15.01.2025
Бугарската Влада и испрати на Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји, соопшти бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС).
Предлогот на бугарската држава е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел. Тоа е клучен елемент на изградбата на европскиот транспортен Коридор 8, кој го поврзува Црното Море со Јадранското Море и поминува низ териториите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија.
- Со потпишувањето на договорот ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот. Тие мора да бидат во согласност со европското и националното законодавство на Бугарија и Северна Македонија, се наведува во соопштението.
Според предлогот, двете држави ќе се договорат која ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на изградбата.
Планирано е управителите на железницата на Бугарија и Северна Македонија да формираат заеднички работни групи за подготовка на потребната документација за тендерските постапки.
Во рок од три месеци од стапувањето во сила на договорот, Бугарија и Македонија мора да подготват и да испратат до Европската комисија и финансиските институции генерален распоред за реализација на изградбата.
- Двете земји ќе вложат максимални напори да обезбедат грант-помош за изградба на тунелот и неговата соседна железничка инфраструктура, почитувајќи ги барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), се наведува во нацрт-договорот.
Извор МИА
фото freepic