Економија

За денеска најавен протест на вработените од осум министерства, Заводот за статистика и Државниот архив

14.01.2025

Вработени од јавната администрација денеска ќе излезат на протест барајќи потпишување на колективен договор и исплата на 30 проценти додаток на плата.

Од Синдикатот на УПОЗ, кој ги обединува синдикалните организации на повеќе министерства и други јавни институции, во изјава за МИА велат дека на протест денеска излегуваат осум министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив.

Во средата во штрајк стапија вработените од Државното правобранителство со истите барања. 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски смета дека проблемот со зголемувањето на платите во јавната администрација е комплексен и бара системско решение. Според него, решението е систем за плати којшто би овозможил вработени со исти компетенции да земаат иста плата. За протестот на вработените во осум министерства, Андоновски вели дека не треба веднаш да се оди на протест без да се разговара и да се најдат решенија.

Според Андоновски, генералниот проблем е што дел од министерствата и дел од институциите потпишале колективни договори со поединечни закони во изминатиот период, успеале да ги зголемат платите на одредени вработени во тие институции, додека, администрацијата во министерствата генерално е оставена на истите плати од претходно и го нема додатокот од 30 проценти. 

- Оставено е секое Министерство само да решава како ќе се справува со проблемот. Единствено Министерство кое потпишало ваков колективен договор пред изборите е Министерството за финансии. Тоа е генералниот проблем, се носеле ад хок решенија, Собранието си ја зголемило својата плата, високото образование ја зголеми својата плата, УЈП, поединечни, парцијални решенија, рече министерот. 

Вториот проблем, како што рече, е тоа што во Министерството за дигитална трансформација повеќе од 15 години има луѓе кои се оставени на работни позиции со средно образование, иако повеќе од пет години имаат завршено високо образование и кои во изминатите 12 години можеле да бидат унапредени. 

- Не велам дека вработените не заслужуваат повисока плата. И ние размислувавме за 10 проценти скалесто зголемување следната година, 30 проценти понатаму. Но, сето тоа мора да дојде кога ќе бидат расчистени работите што ви се оставени како лошо искуство, посочи тој.

Протестот, вели дека тоа е демократско право, но дека не треба веднаш да се оди на протест, туку да се разговара и да се најдат излезни решенија. 

- Неколку пати сум се сретнал со претставниците во синдикатот во моето министерство, УПОЗ и Сојузот на синдикати. Не мислам  дека првиот одговор на некое неразрешено барање на синдикатите да биде штрајк и протест, секако, тоа е нивно право, но верувам дека не треба веднаш да се оди на протест без да се разговара и да се најдат излезни решенија. Тука сме, стоиме на располагање да продолжиме со дискусиите и да видиме како да ги надминеме проблемите, рече Андоновски.

На прашањето дали има пари со коишто на кој било начин би можело да се најде компромис, министерот одговори дека тоа е прашање за генералниот буџет.

- Тоа е сепак прашање за генералниот буџет на државата кој што го раководи Министерството за финансии. Мислам дека токму таму потенциравте каде е точката каде што треба да биде дискусијата, треба да биде меѓу сите засегнати страни да се најде системско решение, не треба да се бараат решенија парцијално во една институција, во едно министерство, затоа што тоа го прелева проблемот на другите институции, рече Андоновски, во разговорот за телевизија Телма.


Извор МИА

фото freepic  

 

 

ПРЕПОРАЧАНО