Финансии / Банкарство
СРБИЈА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СО НАЈВИСОКА ИНФЛАЦИЈА ВО ЕВРОПА И РЕГИОНОТ
13.01.2025
Годишната инфлација во Србија, мерена преку индексот на потрошувачките цени (CPI), во декември 2024 година изнесуваше 4,3 отсто, што е на нивото од ноемвриската инфлација, објави денеска Заводот за статистика на Република Србија. Цените во Србија лани во просек пораснале за 4,6 отсто во однос на 2023 година.
Граѓаните најмногу се жалеа на зголемени цени на храната, но официјалните податоци покажуваат дека поскапувањето на храната во декември 2024 година во однос на истиот месец претходната година изнесува само 3,5 отсто.
Кога би се споредил растот на цените на стоките и услугите во Србија со растот на цените во регионот и Европа, цените кај нашиот сосед пораснале најбрзо во речиси цела Европа.
Додека годишната инфлација (мерена со CPI) во Србија во декември беше 4,3 отсто, во Хрватска беше 3,4 отсто, во Албанија беше 2,1 отсто, Македонија имаше нешто поголем пораст на цените од Србија, со инфлацијата од 4,4 отсто.
За да се спореди растот на цените на стоките и услугите во Србија со растот на цените во европските земји, потребен е усогласен индекс на потрошувачки цени (HICP), кој се користи за мерење на инфлацијата во Европската Унија и се користи од страна на Евростат. Во декември 2024 година во однос на истиот месец од претходната година HICP во Србија изнесува 4,5 отсто, објави „Данас“.
фото freepic