Lifestyle
КОГА Е НАЈДОБРО ДА СЕ ПИЕ КАФЕ: НАУТРО ИЛИ ВО ТЕКОТ НА ДЕНОТ?
12.01.2025
Утринското пиење кафе може да има повеќе корист за здравјето на луѓето, отколку да се пие во текот на денот, покажало најновото истражување во кое се следеле навиките на повеќе од 40.000 возрасни лица во САД.
Истражувањето е дел од неколкугодишната студија која се занимава со здравјето, исхраната и животниот стил на луѓето. Во него се опфатени два примерока на испитаници: луѓе кои пијат кафе претпладне и луѓе кои пиеле во текот на целиот ден. Во првата група биле 36 отсто од учесниците во истражувањето, а 14 отсто пиеле кафе во текот на целиот ден, пренесува ДПА.
Тимот на истражувачите од Универзитетот Тулејн во САД ги следеле учесниците десет години, а во овој период починале 4.295 лица. При анализирањето на повеќе фактори, било констатирано дека лицата кои пијат кафе наутро имале 16 отсто помалку можност да починат од тие кои воопшто не пиеле кафе. Исто така, имале помала можност за 31 отсто да умрат од срцеви заболувања.
За лицата кои пиеле кафе во текот на денот немало намалување на ризикот во споредба со тие кои не пиеле кафе.
- Пиењето на кафе наутро можеби е силно поврзано со помалиот ризик од смртност отколку пиењето кафе подоцна во текот на денот, објавија истражувачите во списанието „European Heart Journal“.
Авторот на студијата Лу Кви изјавил дека досегашното истражување упатува на тоа дека пиењето кафе не го зголемува ризикот од болести на срцето и крвните садови, а се чини и го намалува ризикот од некои хронични болести како дијабетис од типот 2.
- Нашите наоди упатуваат на тоа дека не е важно само да пиете кафе и колку, туку и кога тоа се прави во текот на денот. Во принцип, не давам совети за тајмингот во нашите препораки за диети, но во иднина можеме да ја разгледаме и оваа опција, изјави Кви, пренесува „Хина“.
фото freepic