Економија
НЕМА ОТКУП НА ОРИЗОТ, ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ НЕ ГИ ПОКРИВААТ ТРОШОЦИТЕ, предупредуваат земјоделците
10.01.2025
Откупот на оризовата арпа од минатогодишната реколта е во застој, а земјоделските производители од кочанскиот регион се револтирани што не се почитува договорот, постигнат во ноември, за пласман на произведените количини и принудени се да ги чуваат во домашните амбари.
За надминување на состојбата бараат нова средба со ресорниот министер, а во спротивно се закануваат со протести.
- Уште од август минататa година нема откуп. Имавме неколку средби со министерот, но после секој разговор состојбата уште повеќе се влошуваше. Очигледно е дека се прави манипулација со нас, па и со откупувачите. На средбата со министерот беше договорена мерка на откупните претпријатија да им се исплаќаат по 6.000 денари за откупен тон арпа, ама таа не се почитува и не е откупен ниту еден килограм. Производната цена е пресметана на 26 денари за килограм, а нам ни нудат да го откупат под тој износ. Откупувачите се жалат дека имаат нарушени пазари во Србија, Косово и регионот, истакна Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево.
Откупните цени што им се нудат на оризопроизводителите се на нивото што го имале пред пет години, така што со порастот на трошоците на производство не можат да ги покријат ниту основните давачки.
Земјоделците тврдат дека близу 80 отсто од минатогодишното производство не е откупено, а заедно со неоткупените количини од претходната година, во моментот залихите се проценуваат на околу 29.000 тони оризова арпа.
Според нив, дополнителен проблем пред почетокот на новата сеидбена сезона е што водостопанската подружница „Брегалница“ доцни со чистењето и поготовката на каналската мрежа за наводнување, поради што може да се пропушти оптималниот рок за сеидба во април и мај.
Извор МИА
фото freepic