Економија
Стојков: Ако продолжиме да дејствуваме исто како и во 2024 година, што би ја направило 2025 година поинаква?
Што очекувате од 2025г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
“И покрај економската стагнација во еврозоната, особено во Германија, моите очекувања за македонската економија се умерено позитивни. Проекциите за економски раст од околу 3,5 % и инфлација од 3 % најавуваат стабилна, но невпечатлива година. Во пресрет на локалните избори наесен ќе бидеме сведоци на засилена градежна активност во многу општини. Втората половина на 2025 година ќе донесе појасна слика за реформскиот капацитет на новата влада, како и за очекуваните социо-економски и политички резултати. Притисокот за деблокирање на процесот за почеток на преговорите со Европската Унија ќе ја интензивира дебатата за користите и за трошоците поврзани со европската интеграција. Наталожените проблеми во многу сфери бараат трансформациско лидерство, политичка мудрост, скротување на суетите и храброст за имплементација на непопуларни, но долгорочно корисни реформи. И во 2025 година многу важни теми поврзани со квалитетот на животот на граѓаните ќе останат недопрени поради недоволна одлучност. Ако продолжиме да дејствуваме исто како и во 2024 година, што би ја направило 2025 година поинаква?“