Економија

Бишев: Нареднава година се очекува да биде година на тешки одлуки

Што очекувате од 2025г.

Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.

„Нареднава година се очекува да биде година на тешки одлуки − на политички план, првенствено војната во Украина, дали ќе се воспостави траен мир, што ќе донесат изборите во Германија, а најверојатно и во Франција, ќе се оствари ли траен мир на Блискиот Исток.
На економски план, клучното прашање ќе биде дали САД ќе отвори трговска војна со најголемата извозна економија во светот − Кина − која е втор трговски партнер на ЕУ и земја од каде што ЕУ најмногу увезува, но и што ќе донесе консолидацијата на јавните финансии во Франција, во Италија, во Португалија и во Шпанија каде што јавниот долг е повисок од бруто-домашниот производ и, конечно, што ќе се случува со автомобилската, со хемиската и со машинската индустрија во локомотивата на ЕУ – Германија.
Македонија, исто така, ќе мора да носи тешки одлуки во исклучително висока економска неизвесност. Првата тешка одлука ќе биде консолидацијата на јавните финансии. Втората ќе биде справувањето со иселувањето на младото, високостручно работоспособно население и создавање можности и шанси за негово ангажирање во земјава. Третиот предизвик ќе бидат зелената транзиција, автоматизацијата и дигитализацијата на економијата и на јавната администрација и подигањето на продуктивноста. Четвртата одлука ќе биде најтешка − како да се вратат довербата и ентузијазмот дека на долг рок можеме да остваруваме висок економски раст и можеме да им конкурираме на најдинамичните економии“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано