Економија
Зафировски: Заедно можеме да изградиме попросперитетна иднина
Што очекувате од 2025г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
„Во 2025 година очекувам посилен економски раст, со цел од 4 %, придружен од силни економски реформи, подобрувања во деловниот амбиент, повисоки инвестиции на јавниот и на приватниот сектор и повисоки нивоа на странски директни инвестиции споредено со претходните години. Реформите и инвестициите треба да го отклучат потенцијалот за долгорочен раст бидејќи земјава мора да расте со годишна стапка од најмалку 5 % со цел да конвергира кон повисоки нивоа на животен стандард.
Исто така очекувам значителен напредок на патот на Македонија кон членство во Европската Унија – стратешки приоритет на земјава. Интеграцијата во ЕУ е значајна за промовирање на посилна демократија и сочувување на слободите, како и градење на отпорни и на функционални институции во кои нема корупција. Во однос на последново, овогодинешните добитници на Нобеловата награда ја добија наградата за нивната работа за тоа зошто некои земји просперираат, а други не. Причината број 1 е довербата во институциите. Волстрит џурнал ја сумираше нивната работа со два збора: „Институциите се важни!“
Друг индикатор од критична важност ќе биде да се отстранат македонските градови од листата на најзагадени градови во светот. Остварувањето на оваа цел бара значителни инвестиции во заштита на животната средина и во обеазбедување на цврсто почитување на регулативата што ќе придонесе за поздрава и за поодржлива иднина за сите.
Конечно, да ја направиме 2025 година − година на дијаспората − преку обединување на Македонците во светот со цел тие да дадат поголема поддршка за развојот на татковината. Заедно можеме да изградиме попросперитетна иднина.
На сите ваши читатели им посакувам радост и успеси, честит Божиќ и Среќна Нова година!“