Вести
Наумоски: Се надеваме на стабилизација на пазарот и ставање на стопанството во фокусот на промените
Што очекувате од 2025г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
„Веќе неколку години наназад како да ни се повторува истиот предизвик што секоjа година го очекуваме, а и го чувствуваме со растечки интензитет. Енергетската криза повторно се заканува да ги помати инвестициските и развојните планови на целата индустрија. Како земја и мал пазар ние сме премногу зависни од движењата на цената на енергентите на светските берзи, што неминовно се одразува и врз цената на останатите материјали и на суровините. Со последнава ескалација на случувањата на Блискиот Исток, тоа станува сè поизвесно. Сепак, во годинава што изминува започнаа и продолжија процеси, посебно во инфраструктурата, што е еден долгоочекуван проект и значајно ќе се одрази врз нашата работа, посебно автопатот Скопје−Прилеп−Битола. Исто така очекуваме позитивни промени во однос на регулирањето на пазарот, поттикнато од новиот Закон за нефер трговски практики за што имаме оптимистички ставови дека ќе го регулира пазарот во однос на сите учесници, но најмногу во однос на граѓаните. Со оглед на големината на овој сектор, значењето на законот е суштинско. Вредно е да се напомене и дека оваа година дојде до стабилизација на внатрешните политички и општествени движења, што секогаш влијае врз индустријата, а овој пат имаме повеќе слух и поангажиран однос за потребите и за проблемите на стопанството. Тоа е, сепак, нешто што сите го очекуваме секоја година. По сето ова, се надеваме на стабилизација на пазарот и ставање на стопанството во фокусот на промените, но со ваквите предвидувања за цената на енергијата не би се впуштале во преголем оптимизам“.