Економија
Мизо: Tреба да се стремиме кон зголемен квалитет на идните инвестиции
03.01.2025
Една милијарда евра директни странски инвестиции до крајот на изминатата година се остварливи, смета првиот човек на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо. Во изјава за МИА, тој вели дека е потребно да се стремиме кон поголем квалитет кај идните инвеститори, за што државата треба да инвестира во соодветно образование и постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима.
Износот на странски директни инвестиции, сам по себе, е добар показател за економските процеси и состојби во земјата. Дополнително, ако се земе предвид дека на глобално ниво приливот на странски директни инвестиции годинава бележи сериозен пад, а според анализата на Виенскиот институт во Централна, Источна и Југозападна Европа, во трите претходни квартала споредено со истиот период лани е за 44 отсто помал во однос на бројот на гринфилд проекти, а 39 проценти помал генерално од аспект на вредноста на најавени гринфилд проекти. Исклучок е само Молдавија која има раст, додека соседна Албанија има пад од дури 88 проценти на инвестициски проекти, појаснува Мизо.
- Сметам дека е побитно, наместо најавите за инвестиции, од кои многу во минатото не ни започнаа, да се гледа повеќе на износот на вистински, реализирани инвестиции. Она кон што треба да се стремиме е зголемен квалитет на идните инвестиции, нивниот степен на технолошки развој и целокупното знаење кое го носат тука. За да бидеме подготвени да привлечеме вакви квалитетни инвестиции, треба државата да инвестира во соодветно и неопходно напредно образование, постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима, и тоа од сите аспекти, како би била атрактивна за нови инвеститори, но и за проширување на активностите на постојните инвеститори во државата, вели Мизо.
Мизо не гледа ризик за одлив на инвестициите поради глобалниот минимален данок од 15 отсто претставува можност за државата да оствари бенефит за буџетот.
- Според последните информации, новиот Закон е веќе изгласан и стапи формално во сила, а ќе се однесува за 2024, за што директно апелиравме кога првично ја покренавме оваа дискусија пред речиси три години. Паралелно со ова се очекува и адаптирање на субвенциите за корпоративен данок, кои дел од овие фирми ги користат како би се постигнала погоре посочената предност. На овој начин дополнителниот данок ќе се плати и слее во државната каса кај нас, наместо ние како држава да го изгубиме овој приход. Дополнителниот данок до 15 проценти, фирмите во секој случај мора да го платат и за нив е неутрално во која јурисдикција тоа ќе се пресметува. Секако дека за нашата држава е подобро да не субвенционираме данок на добивка во државите – централи на овие фирми каде индиректно не постои никаква стимулациска природа за мајката фирма која одлучува за инвестициите во Македонија. Ова ќе значи дека наместо на фискални даночни поволности и ослободувања во арсеналот на алатки за привлекување на нови инвестиции треба да се изнајдат посовремени и атрактивни опции, истакнува Мизо.
Економската состојба во Германија веќе се одразува на македонската економија, особено ако се има предвид дека половина од македонскиот извоз е од странските фирми добавувачи во автомобилската индустрија, а 40 проценти во првите 10 месеци од 2024 година од вкупниот македонски извоз е насочен кон Германија.
- Во првите 10 месеци на 2024 извозот кон Германија бележи пад од 13,5 отсто споредено со 2023, а вкупниот македонски извоз во истиот период е паднат за 5,6 проценти. Со оваа состојба ќе се соочуваме се додека не се подобри економската состојба во Германија. Истовремено, ова е уште еден дополнителен индикатор за неопходноста за диверзификација на нашиот извоз и изнаоѓање нови трговски земји-партнери за пласман на македонските производи, но и нови сектори на кои ќе се потпираме за иден раст и развој на економијата. Можно е во иднина да има потреба и за поголема, посебно дизајнирана поддршка од државата за секторите што ќе се погодени во поголеми размери, а имаат сериозен импакт на националната економија и животниот стандард тука, вели првиот човек на Советот на странски инвеститори.