Економија
Адеми: Очекувам континуитет во ентузијазмот на Врховниот суд кој дава нов елан на судството преку заложбите кои носат општествени промени
Што очекувате од 2025г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
„Како личност која верува во човековите вредности и доблести, првенствено го посакувам она што му дава смисла на животот, а тоа се љубовта, здравјето и радоста. Но, за да постои таквата среќа, мора да постои и надеж. И личен принцип за кој се бориме.
Како претседател на највисокиот суд во државава очекувам посветеност кон принципите на владеењето на правото, инспиративна промена на правната култура и исполнување на европските стандарди.
Владеењето на правото подразбира правна сигурност за граѓаните, заштита на правата и на слободите, стабилност на економијата и европска иднина на државава. Очекувам континуитет во ентузијазмот на Врховниот суд кој дава нов елан на судството преку заложбите кои носат општествени промени. Тоа е одлика на силната верба во идеалите на правдата и на солидарноста со јавноста.
Како граѓанин очекувам нова општествена енергија, хармонија и благосостојба. Очекувам праведно општество, силна борба против насилството, стереотипите, корупцијата и загрозувањето на здравата животна средина за што Врховниот суд утврди начелен став, потоа унапреден здравствен, административен и инфраструктурен систем, како и севкупен прогрес на правно-економски и на социолошко-културолошки план“.