Економија

Полска го презема кормилото на ЕУ: Главни приоритети подобрување на безбедноста, проширувањето и враќање на конкурентноста на европската економија

01.01.2025

По Унгарија која за време на своето претседавање со ЕУ се обиде „да ја направи Европа одново голема“, од денеска Полска има намера да работи на тоа Европа да биде побезбедна. Токму под мотото „Безбедност, Европа!“, Варшава за време на своето шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ планира да се посвети на седум димензии на концептот за поголема безбедност на Унијата. Безбедносната мултидимензионалност на која планира да работи Полска ќе биде насочена кон зајакнување на надворешната, внатрешната, кибер, економската, енергетската, прехранбената и здравствена безбедност на ЕУ и нејзините граѓани. 

Проширување на ЕУ кон исток и југ 

Постојаната полска претставничка во ЕУ, Агњешка Бартол најави дека проширувањето на Унијата претставува геополитички приоритет за Полска, додавајќи дека кон пристапниот процес Варшава „има намера да заземе избалансиран пристап, особено за Западниот Балкан“. 

Според Сикорски, пак, Полска за време на своето претседателство ќе обезбеди „соодветна брзина и квалитет на проширувањето на Европската Унија кон исток и југ“.  

Зајакнување на безбедноста и отпорноста на ЕУ и справување со илегалната миграција 

Полското претседателство најавува дека врвен приоритет ќе му биде зајакнувањето на безбедноста и отпорноста на ЕУ, особено развојот на одбранбената димензија на Унијата. 

Поголема соработката со НАТО и партнерите

Полска ќе се посвети и на продлабочување на соработката меѓу ЕУ и НАТО и на подобрување на комплементарноста на активностите на блокот со оние на Алијансата.  

Справување со хибридните закани, дезинформациите и странското мешање 

Претседателството ќе работи и на подобрување на „невоената безбедност и издржливост“ на ЕУ и на нејзиното источно соседство. За таа цел се предвидува фокусот да се насочи кон на зајакнување на отпорноста и одговорот на кибер, хибридните и терористичките закани, кон продлабочување на соработката во справувањето со кризи, зајакнување на стратешките комуникациски капацитети на ЕУ и спротивставувањето на странските, особено руските, мешања и ширење дезинформации.  

Зајакнување на конкурентноста на компаниите и благосостојбата на граѓаните и ограничување на бирократијата 

 Амбасадорката Бартол најави дека полското претседателството има намера да се фокусира и на зајакнување на конкурентноста на европските компании, особено во области како што се цените на енергијата, но и на намалувањето на бирократијата. 

Во тој контекст полското претседателство има намера да преземе мерки за справување со предизвиците поврзани со брзите технолошки промени, енергетската и климатската транзиција и геополитичките тензии.  

- Потребно е продлабочување на единствениот пазар и отстранување на бариерите за прекугранична активност, особено во услужниот сектор. Исто така, ќе биде важно да покренеме иницијативи кои ќе го подобрат пристапот до приватен капитал за бизнисите кои сакаат да растат и инвестираат, најави Варшава. 

Полското претседателство ќе се концентрира и на подобрување на механизмите за поддршка на индустријата во областите важни за безбедноста и за градење на економските предности, истовремено со одржување еднакви услови за игра во ЕУ. 

- Приоритет ќе ни биде да ја вратиме фер конкуренцијата за европската индустрија на глобалната арена. Имаме намера да ги подобриме инструментите на трговската политика, следење кога стоките влегуваат на пазарот на ЕУ и подобро искористување на силните страни на широкиот тек на јавните набавки на ЕУ. Полското претседателство ќе иницира дискусија за идната форма на кохезивната политика, бидејќи подобрувањата на единствениот пазар треба да бидат придружени и со политики кои промовираат безбедност и економска конкурентност, се посочува во приоритетите. 

Полска во текот на претседавањето ќе се фокусира и на дигитална трансформација на здравството и на потребата за подобрување на безбедноста на лековите во ЕУ, со посебен фокус на заштитата на пациентите, диверзификација на снабдувањето со медикаменти и поддршката на нивното производство во Унијата. 

- Здравствената безбедност се однесува и на благосостојбата на граѓаните на ЕУ, така што ќе се фокусираме на начините за подобрување на менталното здравје на децата и адолесцентите во дигиталната ера и активностите за промоција на здравјето и превенција на болести, најави Варшава. 

Полското претседателство ќе промовира и намалување на бирократските оптоварувања и во овој контекст ќе работи на поголема флексибилност при спроведувањето на европски политики, особено преку намалување на казните и обврските и зголемување на наградите и стимулациите. 

Обезбедување поевтина енергија и стабилен земјоделски сектор 

Полска нагласува дека сигурноста во снабдувањето со енергенси ресурси е од клучно значење за енергетската безбедност на ЕУ.  

За таа цел ќе бидат промовирани активности насочени кон целосен прекин на увозот на руски енергенси и кон намалување на цените на енергијата во ЕУ. Ќе се работи и на ревидирање на Рамката за енергетска безбедност со цел подобрување на физичката и кибер безбедноста на енергетската инфраструктура во ЕУ и во нејзиното соседство и обезбедување рамноправни услови за развој на сите извори на чиста енергија во Унијата. 

- Ќе се стремиме да ја намалиме нашата зависност од технологиите од увоз, од компонентите за производство на тие технологии и од критичните суровини потребни за нивно производство, се посочува меѓу приоритетите на полското претседавање. 

Според Варшава, Европа мора да се погрижи за зајакнување на позицијата на земјоделците во синџирите на вредност и да се им се обезбедат стабилни приходи.  

Потребно ни е конкурентно и отпорно европско земјоделство кое гарантира безбедност на храната за Европејците. Сите активности треба да ги имаат предвид ранливите земјоделски сектори и да обезбедат дека производителите кои не се членки на ЕУ ги почитуваат стандардите за квалитет, безбедност и одржливост на храната на Европската Унија. Полското претседателство ќе се стреми да формира силна Заедничка земјоделска политика која ги поддржува земјоделците и развојот на руралните области. Наместо да ги принудува, таа Политика треба да ги охрабри земјоделците да преземат акција за заштита на животната средина и за ограничување на ефектите од климатски промени, како што се поплави и суши. Ќе работиме и на предизвиците што идното проширување на ЕУ ќе му ги донесе на секторот, се наведува во полските земјоделски приоритети на претседавањето со ЕУ.


Извор МИА

фото freepic 

 

ПРЕПОРАЧАНО