Економија
Стефаноска: Со иновативни решенија, туризмот може да стане двигател на одржлив развој
31.12.2024
Сумираните туристички резултати годинава покажуваат континуиран раст на туризмот во земјава. Прва според реализирани посети за десет месеци, вкупно 262 404, е Турција, по што следуваат Србија, Германија, Грција, Бугарија, Холандија Полска, Романија, САД и Хрватска. Вкупниот девизен прилив од туризмот во БДП во првите три квартали е со раст од три отсто споредбено со истиот период лани. Се забележува и раст на бројот на странски туристи за 15 проценти, како и раст на ноќевањата за десет отсто, вели директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Билјана Стефаноска.
Таа најавува дека Предлог-програмата на АППТ за 2025 година вклучува посеопфатна туристичка промоција преку учество на светските саеми за туризам, регионален туристички развој и збогатување на понудата. Целта е, нагласува, земјава да биде конкурентна туристичка дестинација со оглед дека има атрактивни и уникатни ресурси кои треба да се стават во активна функција на туризмот. АППТ во 2025 година ќе го реализира и проектот „Означување на културни добра“. Со поставување информативни табли ќе бидат означени локалитетите Скупи, Аквадукт и Говрлево. Ќе се реализира и првата фаза од проектот „Поставување туристички информативни знаци“.
Туристичкиот развој, порачува директорката, треба да го следи и економски раст, но потребни се вложувања и нова стратегија за туризам, која ќе го трасира патот на овој сектор да биде фактор во македонското стопанство.
- Развојот на туризмот треба да биде наша стратешка цел, особено во насока на нови инвестиции и технолошки развој, како фактори за кои ќе се бараат неодложни промени. Растот може да биде дел од развојот, но самиот по себе не гарантира одржлив или инклузивен развој. Успехот во туризмот лежи во иновативниот став што го користат засегнатите страни, како и во издржливоста што ја покажуваат дестинациите и компаниите подеднакво во моменти на неизвесност, потенцира Стефаноска.
Уште еднаш истакнува и дека со упорност и кохезија меѓу засегнатите страни, како и со примена на иновативни решенија, туризмот може да стане двигател на одржлив развој.
- Потребни се вложувања и инвестиции ако сакаме туристичката индустрија да има значаен удел во БДП-то како стопанска гранка. Македонија има голем туристички потенцијал, но трендовите во туризмот се динамични. Затоа мора да се размислува за нови алтернативни форми на туризмот. Одржливиот туризам е нашата иднина и нашиот следен чекор во развојот на дестинациите, бидејќи има неверојатни придобивки за животната средина, општеството и локалните заедници. Развојот на алтернативните форми на туризам директно ќе влијае на зголемување на девизниот прилив, јакнење на малите и средните претпријатија кои работат во областа на туризмот, намалување на невработеноста како и подобрување на севкупната економска состојба во земјата. Одговорните туристички практики имаат за цел да ги минимизираат негативните влијанија врз животната средина, културата и локалните заедници додека ги максимизираат придобивките. Одржливиот туризам може да поттикне создавање работни места преку промовирање на еколошки, социјално и културно одговорни практики. Со фокусирање на безбедноста, автентичноста, одржливоста и персонализацијата, дестинациите можат да ја подобрат својата репутација и да привлечат посетители и за авантуристички и за културен туризам. Нашето културно наследство и претставуваа интегрален дел на нашиот стратешки развој за одржлив туризам како голема предност за Македонија, така и за регионот, подвлекува директорката Стефаноска.
Извор/фото МИА