Економија
Jавни повици за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
28.12.2024
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави пет јавни повици за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Првиот јавен повик се однесува за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост над 3 хектар, додека пак другите четири се однесуваат за доставување понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари за различни региони и катастарски општини.
Понудите се поднесуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на Јавниот повик во дневните весници кои се издаваат во Република Северна Македонија, до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Јавните повици се објавени и на веб страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известуваат сите заинтересирани правни и физички лица дека во првиот квартал од 2025 година ќе се објави Јавен повик за доставување на барања за користење на финансиски средства од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програма за периодот 2021-2027 година).
Целта на ИПАРД Програмата 2021-2027 е преку соодветни мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се подобри конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор, преку нивно усогласување со стандардите на Европската унија, како и постигнување на одржлива животна средина и социо-економски развој на руралните средини преку поттикнување на економската активност и зголемување на можностите за вработување.
Финансиските средства од ИПАРД Програмата 2021-2027 во врска со спроведување на овој Јавен повик од 2025 година се наменети за Мерка 1: Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства за следните сектори:
1. Секторот за растително производство и тоа следните потсектори:
- житни култури,
- индустриски и фуражни култури,
- лозови насади (само вински сорти),
- други култури од Анекс I кои не се поддржани во рамките на Мерката 7..
2. Сектор сточарство производство и тоа следните потсектори:
- говеда (за: млечно говедарство, гоење),
- свињи (за: репродукција, гоење),
- овци и кози (за: млечно овчарство, козарство, гоење),
- живина (кокошки несилки, пилиња одгледувани за производство на месо - бројлери),
- други добиток од Анекс I што не е поддржан во рамките на Мерката 7
3. Сектор рибарство: фарми за аквакултура за слатководни риби.
4. Преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на фарма и тоа следните потсектори:
- млеко и млечни производи,
- јајца, месо и производи од месо;
- овошје и зеленчук, вклучувајќи компири и мешункасти култури;
- шира, сок од грозје, вино.
Претстојниот јавен повик на ИПАРД Програмата 2021-2027 овозможува зголемени можности по однос на типот на инвестиции, поголем обем на потенцијални корисници или генерално се поддржуваат инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства во насока на подобрување на вкупните перформанси, економската продуктивност и конкурентноста на земјоделските стопанства.
Правилата за користење на финансиските средства од ИПАРД Програмата 2021-2027 налагаат претходно склучување на договор на корисниците со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и реализација на одобрената инвестиција согласно претходно договорените услови. Контрола на самото место и спроведувањето на надзорот над договорот извршуваат овластени лица од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и релевантни институции од Република Северна Македонија за управување, спроведување и контрола на ИПАРД и Европска Унија.
Начинот и постапката за користење на финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2021-2027 се пропишани во Уредбата за начинот и постапката за користење на финансиска поддршка за мерки за рурален развој финансирани од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија.
Јавниот повик ќе трае 45 дена од денот на објавување во дневните весници.
НАПОМЕНА: Потребната документација за подготовка и поднесување на барања, вклучително и Упатството за корисници на средства по мерка 1 “Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства” од ИПАРД Програмата 2021-2027 ќе бидат ажурирани и објавени на веб страната на Агенцијата во периодот до објавување на Јавниот повик 01/2025.
Подетални информации во врска со типовите на инвестиции, критериумите за добивање на финансиска поддршка, висината на поддршката заинтресираните можат да ги добијат во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.