Економија

Заедничкиот регионален пазар чекор кон интеграција во единствениот пазар

Зоран Јолевски | Авторот е експерт од областа на меѓународна трговија и поранешен амбасадор

Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2024г.

Пред еден месец, на 14 октомври оваа година, се одржа Самит на Берлинскиот процес на кој беше одбележана 10-годишнината на оваа иницијатива која имаше цел да ја забрза интеграцијата на земјите од Западен Балкан како во рамките на регионот така и во ЕУ. Оваа деценија беше одбележана со ковид пандемијата, со војната во Украина, но и со геостратегиските промени на глобален план. Регионалната соработка во Западен Балкан се реализира преку ЦЕФТА која, иако обезбеди одредена либерализација во трговијата со стоки, сепак ни оддалеку не успеа да ја продлабочи регионалната интеграција на очекуваното ниво. Ова беше резултат на техничко-технократскиот карактер на водењето на овие интегративни процеси во рамките на ЦЕФТА и на различните политички видувања на овој договор. Како резултат на незадоволството од длабината во интеграцијата се појави иницијативата Отворен Балкан која даде одреден интензитет на регионалните интегративни иницијативи како резултат на нивната поддршка од највисоко ниво. Но, оваа иницијатива беше прифатена само од 3 држави.
Анализата на економиите на Западен Балкан покажува дека тие се многу отворени. Ако како показател за отвореноста на економијата се користи вкупната надворешно-трговска размена (извоз + увоз) во однос на БДП, тогаш може да се забележи дека тие имаат високо ниво на отвореност (показателот во 2023 г. за Македонија е 159,15 %, за Србија − 124,26. %, за Црна Гора − 120,00 %, за Косово − 110,25 %, за Босна и Херцеговина − 101,04 % и за Албанија − 84,51 %).
Главни партнери на економиите од Западен Балан се земјите од единствениот пазар со кои во 2023 година е остварена над 62 % од вкупната надворешно-трговска размена, а потоа следува регионалниот пазар (ЦЕФТА) со 11,7 %. Од особена важност е што лавовскиот дел од извозот на економиите на Западен Балкан се реализира на единствениот пазар (во 2023 година речиси 68,5 % од нивниот извоз бил на овој пазар), а потоа ЦЕФТА со 16,5 %, односно 85 % од извозот се реализира на овие два пазара.
Промените на геополитичките односи кои настанаа како на глобално ниво така и на европскиот континент, како и многу спориот процес на целосно интегрирање на Западен Балкан, укажа дека статус квото на интегративните процеси на земјите од овој простор не е добро и ја отвора можноста за некои други влијанија во регионот. Паралелно со ова, ЕУ е во процес на реформирање, особено на процедурите за носење одлуки што се покажаа како неефикасни последниве неколку години. Одредени европски стратези укажуваат дека е неопходно внатрешните реформи на Унијата да се завршат пред следниот бран на проширување.
Во вакво опкружување беше неопходно Европската комисија да изнајде иновативни решенија со кои, конкретно, а не само со изјави, ќе ги придвижат интеграциите на регионот. Ова иновативно решение беше Новиот план за економски раст на Западен Балкан кој се состои од 4 четири столба: 1) подобрување на интеграцијата сo единствениот пазар на ЕУ; 2) зајакнување на економската интеграција на Западен Балкан преку воспоставување заеднички регионален пазар врз основа на правилата и на стандардите на ЕУ; 3) забрзување на фундаменталните реформи и 4) зголемување на финансиската помош за поддршка на реформите.
Очигледно дека за Западен Балкан најпосакувана опција би била целосна интеграција во единствениот пазар. Ова, всушност, би претставувало силен чекор кон постепено интегрирање во Европската Унија и би придонело економиите од регионот, односно приватниот сектор, да се интегрираат во европскиот економски простор. Но, за жал, Новиот план за економски раст на Западен Балкан на Европската комисија само делумно ја отвора вратата на единствениот пазар. Но, сепак, ова претставува чекор напред и неопходно е да се искористи моментумот за да се бара целосен пристап спрема единствениот пазар. Впрочем, тоа го бара и приватниот сектор. Анкетата на Европската комора во која учествуваа компании од земјите членки на ЕУ и од земјите кандидатки и потенцијални кандидатки покажа дека бизнисот силно го поддржува интегрирањето на економиите од Западен Балкан во единствениот пазар. Воедно приватниот бизнис се залага за усвојување на јасна временска рамка, како и транспарентен и постепен процес со цел да се олесни прилагодувањето на приватните компании за пристапувањето кон ЕУ. Временската рамка ќе придонесе за зајакнување на реформите неопходни за интеграцијата во единствениот пазар.
Вториот елемент на стратегијата е воспоставување заеднички регионален пазар базиран на стандардите и на регулативата на единствениот пазар. Основањето заеднички регионален пазар и интегрирањето во единствениот пазар се два процеси кои е неопходно да се надополнуваат еден со друг. Затоа владите на Западен Балкан и Европската комисија треба да преземат сеопфатни и координирани активности за да ги забрзаат и да ги интегрираат овие два процеси. Напредокот во воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар владите од Западен Балкан треба да го искористат како аргумент во барањето за нивна интеграција во единствениот пазар. Ќе биде грешка доколку воспоставувањето на заедничкиот регионален пазар не се искористи за усогласување со европското acquis . Иако има различни гледања кај одредени сегменти од општествата во земјите на регионот кон продлабочување на регионалната економска интеграција, сепак треба да се истакне дека тоа е добар чекор напред и е неопходно да се искористи како инструмент за постигнување на повисоката цел: активностите за воспоставување заеднички регионален пазар да се функција за постепено целосно интегрирање во единствениот пазар.
Според студијата на Светска банка, создавањето на заедничкиот регионален пазар ќе ја зголеми благосостојбата за 8 %, а доколку економиите станат дел од единствениот пазар придобивките ќе се зголемат за дополнителни 6 %. Овие користи ќе ги надминат трошоците што произлегуваат од прилагодувањето на единствениот пазар.
На Самитот на Берлинскиот процес беше усвоен Акциски план за воспоставување заеднички регионален пазар со конкретни носители и рокови. Притоа се дефинира и носечката улога на КИФ ЗБ 6 (WB6 CIF), на Секретаријатот на ЦЕФТА и на Регионалниот совет за соработка. Исто така се идентификуваат и други институции како што се: Европската комисија, Светската банка, Транспортната заедница, Енергетската заедница и некои други организации и асоцијации кои треба да се вклучат во реализацијата на овој Акциски план.
Иако задачите содржани во Акцискиот план се главно од техничка природа, за да успее овој процес неопходно е воспоставување политички механизам за следење на имплементацијата на Акцискиот план. Неопходно е овие активности директно да се насочувани од највисокото раководство на земјите од Западен Балкан. Така, на пример, владите треба да одржуваат тематски седници еднаш месечно на кои ќе бидат присутни сите институции одговорни за спроведување и ќе известуваат за напредокот и за предизвиците во спроведувањето на Акцискиот план. Следењето на напредокот од страна на највисокото раководство ќе придонесе за надминување на бирократските одложувања.
Покрај ова, корисно би било да се обезбеди одредена регионална координација која не мора да биде во формален формат. Искуството од иницијативата Отворен Балкан покажа дека кога одредени области од меѓусебната економска соработка се директно насочувани од највисоко ниво, тогаш администрацијата во земјите од регионот поревносно работи во исполнување на поставените цели. Затоа би било корисно, покрај Самитот ЕУ Западен Балкан што се одржува во рамките на Берлинскиот процес, да се одржуваат одделни регионални самити (на ниво на шефови на држави или на влади) двапати годишно за да се дискутира унапредувањето на процесот на воспоставување на заедничкиот регионален пазар.
Финансирањето предвидено со Новиот план за раст за Западен Балкан изнесува 2 милијарди € во форма на грантови и 4 милијарди € во форма на заеми за периодот 2024 − 2027 година, односно 29,22 € по жител годишно во форма на бесповратна помош и 58,43 € во форма на кредити. За споредба, соседните земји членки на ЕУ од кохезионите фондови на ЕУ добиваат по жител на годишно ниво меѓу 210,1 € (Бугарија) до 332,6 € (Хрватска). Средствата што ги добиваат земјите од Западен Балкан во форма на грантови се само 6,57 % од просекот на ЕУ. Затоа неопходно е земјите од Западен Балкан да се залагаат за поголемо учество на приватниот сектор на ЕУ во забрзувањето на економскиот раст на нивните национални економии. Впрочем, и Новиот план за раст за Западен Балкан посочува дека е од суштинско значење за земјите кандидатки да привлечат приватни инвестиции за да го забрзаат економскиот раст бидејќи тие „ќе имаат позитивно влијание врз темпото со кое се движат земјите по нивниот пат за пристапување во ЕУ“.
Европските компании се најголеми инвеститори во регионот. Но, неопходно е да се охрабрат поинтензивно да инвестираат во регионот за да се намали јазот во економскиот развој. Затоа е значајно да се инсистира на вклучување на регионот во влијателните инвестиции од Европа. Придобивките од овој пристап се големи како за Западен Балкан така и за приватниот сектор за ЕУ. За да се случи ова, неопходно е да се создаде атмосфера во општествата на земјите членки на ЕУ за важноста да се инвестира во регионот бидејќи тоа ќе придонесе за поголема стабилност и за обезбедување на инклузивни економски можности за граѓаните од Западен Балкан.
Влијателните инвестиции имаат двојна цел: профит и поддршка на одредена социјална цел и може да бидат во форма на директни инвестиции, на јавно-приватно партнерство или на други модели. Покрај средствата на компаниите, изворот на финансирање може да биде: пензиски фондови и други институционални инвеститори. За да се постигне ова, потребно е земјите од Западен Балкан да усвојат соодветно правно опкружување кое би обезбедило силни гаранции и заштита од некомерцијални ризици. Гарантниот механизам за Западен Балкан усвоен од Европската комисија би можел да ги олесни влијателните инвестиции од европските компании.
Воедно треба да се искористат можностите за вклучување на приватниот сектор од Западен Балкан во европските синџири на снабдување, особено по искуствата од ковид, кои укажаа на потребата од географска диверзификација. Преместувањето на производните капацитети кои се географски оддалечени од Европа во Западен Балкан ќе придонесе за намалување на ризиците од европските синџири на додадена вредност и ќе го промовира развојот на Западен Балкан.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано