Вести

Тошковски: Уапсени 17 лица поврзани со сквернавење на национални симболи

30.11.2024

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција информираше за серија инциденти поврзани со сквернавење на национални симболи во кои вкупно 17 лица, меѓу кои и малолетници, се лишени од слобода во различни градови низ Македонија. Тој истакна дека според информациите од безбедносните служби, немало индиции за можни инциденти, а во однос на барањето за оставка и интерпелација од ДУИ, Тошковски одговори дека е легитимно тие да бараат оставка од одреден член на владата.

Според информациите што ги сподели на денешната прес-конференција по посетата на Единицата за интерветна полиција, заклучно со денеска, вкупно лишени од слобода во врска со кривично-правните настани со сквернавење на нзационални симболи се 17 луѓе, дел од нив малолетници.

- Четворица малолетници во Скопје се лишени од слобода вчера. Двајца поврзани со кривично правен настан каде што се кине македонско знаме, истите помагаат на сторителот. За нив ќе следува соодветна постапка. И двајца малолетни лица, поврзани со настан во кој што се симнува знамето од јарбол и се пали, рече министерот. 

Дополни дека три лица во текот на вчерашниот ден се лишени од слобода во Прилеп, кои што го сквернават албанското национално знаме. Еден од нив, како што посочи министерот, е малолетник, двајца се полнолетни лица. Според информациите што ги сподели министерот, уапсено е и лице во Куманово кое корнело национален симбол на Република Србија од почесниот конзулат на Србија. Станува збор за малолетник против кого, исто така, ќе бидат преземени дејствија. Во текот на вчерашниот ден, како што дополни, е затворен еден настан во рамки на СВР Охрид, односно ОВР Кичево, каде што едно лице симнува и македонско и албанско знаме од јарбол.

Министерот упати апел дека да не се дозволи понатаму да се случуваат вакви работи. 

- Сакам да испратам порака и апел до сите. Ние живееме во оваа наша заедничка татковина долги години, убаво, со почит едни кон други. Не смееме да дозволиме вакви немили инциденти и настани да не однесат во погрешна насока. Упатувам апел до сите општествени чинители и релевантни фактори во државата да го почитуваме законот, Уставот, едни со други, рече министерот, дополнувајќи дека МВР одлучно и жестоко ќе одговори.

Во врска со прашањето дали полицаец во текот на случувањата е забележан како фрла знаме, тој одговори дека МВР ќе ги преземе сите потребни дејствија во рамки на своите надлежности и во врска со предметното лице затоа што е полициски службеник. 

Прашан дали од безбедносните служби добил информации за можни инциденти во врска со претстојните прослави на Деновите на Албанската азбука и знаме, одговори дека немало индиции. 

- Информациите што ги имам се дека од страна на Агенцијата за национална безбедност, по поднесено барање од страна на МВР, е добиен одговор дека нема индиции за немили настани при вчерашниот ден и прославата што се однесуваше на Денот на албанското знаме и Денот на албанската азбука. Полицијата многу добро изреагира, разумно и одлучно, посочи Тошковски. 


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано