Економија

РЕАЛНИТЕ ПЛАТИ ВО СВЕТОТ РАСТАТ НЕРАМНОМЕРНО ВО РЕГИОНИТЕ, СО ВИСОКА НЕЕДНАКВОСТ МЕЃУ БОГАТИТЕ И СИРОМАШНИТЕ РАБОТНИЦИ

30.11.2024

Реалните плати во 2024 година треба да растат со највисока стапка со последните 15 години, благодарение на ублажувањето на инфлацијата, но со големи разлики и континуираната нееднаквост, предупредуваат од Меѓународната организација на трудот ИЛО.

Минатата година реалната заработувачка е  повисока за 1,8 отсто, а годинава нивниот раст се забрза на 2,7 отсто, се наведува во извештајот на ИЛО.

- Разликите во платите и натаму се неприфатливо високи. Да не заборавиме дека милиони работници и нивните семејства ги трпат последиците  од кризата на трошоците на живот. Тоа го нарушува нивниот животен стандард и диспаритетот во платите во земјите и меѓу нив се неприфатливо високи, изјави Гилберт Хунгбо, генералниот директор на ИЛО.

Во економиите во развој од групата Г20 реалните плати минатата година пораснале за шест отсто, а позитивниот тренд треба да продолжи и годинава. Во развиените економии од Г20 реалните плати се намалени за 0,5 отсто.

Во 2023 година во повеќето региони имало подобрување  во висината на платите, со исклучок на Африка, Северна Америка и Северна, Јужна и Западна Европа. Во Африка се намалени за 2,4 отсто, во Северна Америка останаа на истото ниво од 2022 година, а во Северна, Јужна и Западна Европа се  помали за 0,2 отсто.

Годинава реалните плати во просек се зголемени во сите региони, за 17,9 отсто во централна и западна Азија, до 0,3 отсто во Северна Америка.

Наспроти повисоките плати, цените и натаму се превисоки за домаќинствата  со ниски приходи , кои продолжуваат да се борат со растечките трошоци на живот.

Нееднаквоста во висината на платите се уште е изразена, односно 10 отсто од најслабо платените работници заработуваат само 0,5 отсто од вкупниот износ на плати на светско ниво. Најдобро платените 10 отсто заработуваат 38 отсто, информираат од ИЛО, пренесува „Блиц“.


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано