Lifestyle
Во сеќавање на Џина Роулендс (1930 − 2024): ЕДНА ЕДИНСТВЕНА
Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2024г.
На 14 август, на 94 години, почина Џина Роулендс (Gena Rowlands), жена која ја редефинира уметноста на филмското актерство.
„Тоa е лик што не го разбирам. Ако барем имав што да изразам, гледате, јас... ќе се држев до тоа. Ќе имав причина да бидам овде. Па еве, веќе немам... Како повеќе да не ја сфаќам... реалноста на реалноста.“ Стоејќи на сцената за време на пробите за нејзината најнова театарска претстава, Миртл Гордон полека одмавнува со главата, со усните стиснати во грч, нешто што може да биде потсмев или гримаса полна со горчина. Нејзиниот глас пелтечи и трепери во обид да ги најде вистинските зборови за да ја изрази својата збунетост. Една полунасмевка на крајот од реченицата додека над нејзиниот поглед се издолжува сенка кога ќе дојде време да каже дека се предава: „Сега сонувам, па дури и се смеам. Јас не сум веќе јас.“ Во оваа кратка сцена од филмот „Премиера“ (Opening Night, 1977) во режија на Џон Касаветис (John Cassavetes), нејзин сопруг и долгогодишен креативен сопатник, може да се види и да се почувствува зошто е една од најголемите филмски уметници на дваесеттиот век. Џина Роулендс умееше чудесно да одржува рамнотежа меѓу силата, ранливоста и очајот, таа направи да се почувствуваме емпатични, длабоко да ја доживееме бездната со која се соочуваат нејзините ликови кои ги интерпретираше со невидено ниво на интензитет и на реализам. Нејзините изведби нудат безброј изненадувања, непредвидливи шокови и инвентивност во емоционалното прикажување на внатрешниот живот. Овој несекојдневен и чудесен талент можеби немаше потполно да излезе на виделина доколку не се случеше интимното и креативно партнерство со Џон Касаветис со кого беше во брак 35 години, сè до неговата смрт во 1989 година. Нивната интимна и креативна симбиоза ги изнедри некои од најдлабоките филмови за љубовта воопшто направени.
По некоја логика на нештата, ниеден филмски режисер кој почнал да работи од 1960 година, па наваму не би стигнал никаде без влијанието на Касаветис и на Роулендс. Конкретно, Мартин Скорсезе (Martin Scorsese) одамна изјави дека најверојатно ќе го напуштил целосно филмот да не била поддршката што тие му ја дале на почетокот на кариерата. По смртта на Џина Роулендс, Скорсезе објави изјава во која ѝ оддаде почит на големата актерка: „Таму горе на екранот, немаше никој друг како неа. Ваквите опсервации често се прават по нечија смрт, но во случајот на Џина, тоа е вистина. Таа имаше исклучително необична комбинација на квалитети. Нејзиниот талент беше извонреден. Нејзината храброст и посветеност на нејзините уметнички форми − подеднакво извонредни. Нејзиното присуство... таа беше личност која можеше да ги освои просторот и луѓето, само со чекорење и со стоење. Нејзината добрина и хуманост ги доживеав од прва рака. Нејзината убавина беше земјена и етерична во исто време.“
Споредувајќи ја со минатите кинематографски величини, Скорсезе ќе додаде: „Ако Џина беше родена малку порано, можеби ќе беше поинаква ѕвезда, повеќе како Мери Астор (Mary Astor) или Бет Дејвис (Bette Davis), чии дела ги обожаваше. Но, таа се омажи за Џон Касаветис. Таа направи извонредни улоги со многу режисери, вклучувајќи ги Вуди Ален (Woody Allen), Пол Шрадер (Paul Schrader), Џим Џармуш (Jim Jarmusch) и нејзиниот син Ник Касаветес (Nick Cassavetes). Но, филмовите што Џина и Џон ги направија заедно, повеќето од нив снимени во нивниот дом со сопствени пари, беа вистински семејни афери направени со целосна независност. Тие филмови се врв во историјата на светската кинематографија. Тие меѓусебно се предизвикуваа, заемно се убедуваа да одат подалеку и подалеку. Со ’Лица‘ (Faces, 1968), со ’Жена под влијание‘ (A Woman Under the Influence, 1974), со ’Премиера‘ и со ’Љубовни потоци‘ (Love Streams, 1984) тие направија филмови кои беа инспирација за генерации филмаџии и актери.“
„Жена под влијание“ e меѓу најважните филмови на американскиот филм од 70-тите години. Неговата реалистична вивисекција на едно семејство на работ на распаѓање е нешто дотогаш невидено. Во улогата на Мејбл Лонгети, домаќинка која е жртва на алкохол и на психотропни супстанции, Џина Роулендс дава неповторлива интерпретација за аналите − висцерален портрет на депресија, болест која се претвора во самодеструктивна опсесија. Претходно ниеден друг актер не успеал да жонглира со толку сила, во рамките на една иста сцена, меѓу скриените, но опипливи тензии и ерупциите на параноичен бес, меѓу неискажливото страдање и бодежите на остар сарказам. Да се гледа Џина Роулендс во „Жена под влијание“ е како да се живее во иста соба. Се работи за еден од најшокантните прикази на ментална болест снимени на филм, без прибегнување кон маниризам, но со чувство за идентификација и за натурализам.
Филмскиот критичар Брајан Талерико (Brian Tallerico) ќе напише: „Изведбата на Џина Роулендс мора да се гледа двапати за да може вистински да се почитува. Првиот пат би биле премногу воодушевени од ликот. Веројатно немаше никој подобар од неа во целосното отелотворување на некој кој се доживува толку реалистично, и тогаш заборавате дека гледате филм.“