Општество
НУБ „Свети Климент Охридски“ одбележува 80-годишен јубилеј
23.11.2024
Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје свечено го одбележа јубилејот - 80 години од именувањето на првиот директор и започнувањето со работа на библиотеката во слободна Македонија со заповед на Поверенството за народна просвета на Президиумот на АСНОМ на 23 ноември 1944 година.
Претседателката на државава Гордана Сиљановска - Давкова пред присутните рече дека НУБ „Свети Климент Охридски“ е океан на духовна храна, непресушен вруток на знаење, космос на идеи, вулкан на нови сознанија. Таа, додаде, е светилник на умот и срце на мудроста.
- Осум децении од првите чекори на оваа институција, насловена како Народна библиотека, со првичен фонд од 150.000 книги, 50 читатателски места и 12 вработени - вљубеници во книгата, се осум децении на учење, борба, непокорност и истрајност во мисијата - чувар на македонскиот идентитет, култура и колективна меморија. Од 1944 година, кога се круниса ослободувањето на таковината, па до денешната дигитална ера, библиотеката континуирано ги надминува границите на просторот и времето, посочи претседателката.
Во историските мигови на раѓање на македонската државност, додаде таа, среде пепелта на војната, асномските визионери го положија темелот на народна библиотека - храм на словото и речта, симбол македонската ренесанса.
- Старословенски ракописи, музичките партитури, ретките карти и книги, сега се на сигурно, во дигитална форма, непокорно пркосејќи му на заборавот и на времето. Македонската култура, овековечена во овие дигитални артефакти, денес е достапна насекаде, носејќи ја нашата историја, музика и мисла ширум светот. Тука, во овие ѕидови исполнети со вековна мудрост, приказните на нашите предци се пренесуваат од генерација на генерација, а делата на нашите современици ја осветлуваат патеката кон иднината, истакна Сиљановска - Давкова.
Како што рече таа, НУБ „Свети Климент Охридски“ е, не само духовна ризница, туку и амбасадор на македонската културна историја, чувар на македонскиот идентитет и симбол на вечноста.
- Дозволете ми, да им изразам најдлабока благодарност на сите, кои со својата пожртвуваност, љубов и визија, го градеа и се вградија во ова културно светилиште во изминатите осум децении. Нивното наследство е наш завет - да ја чуваме и славиме мудроста на словото. Не случајно и не попусто, НУБ „ Свети Климент Охридски“ е лауреат на: орденот „Заслуги за народ“, наградата „ 11 Октомври“, Повелбата на културата „Климент Охридски“. Не случајно и не попусто, во овој дом се вдомиле и „Британскиот совет“, „Гетеовиот институт“, Кинескиот културен центар „Конфуциј“. Не случајно и јас сум домувала овде, работејќи на магистерскиот труд и докторатот, уживајќи во светот на книгите. Можеби затоа, проблемите со што се соочуваше оваа уникатна институција, ги доживував како свои, солидаризирирајќи се со книгите и нивните верни пријатели, сподели претседателката.
Пред присутните се обратија и в.д. директорот Јовица Никчевски и државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Ѓоргова.
Извор/фото МИА