Општество

МИСЛИТЕ НА НЕПОЗНАТИОТ ЧОВЕК

Сузана Камберова | Авторот е доктор по медицина

Големата сала на хотелот Шангри-Ла во Париз, кој го добил името по митската земја на задоволството, беше преполна со посетители кои се туркаа околу бројните експонати, штандови и паноа. Многумина од нив беа облечени во светлечки одела од алуминиум или во разнобојни скафандери и носеа антени на главите. Меѓу таквото необично друштво се шеташе и нормален свет, поединечно или во помали групи, често со себе носејќи огромни ранци преполнети со фигурички, печатен материјал или книги кои ги купиле на некој од штандовите.
Во една од халите, на едно кренато плато во вид на подиум, седеше еден сериозен постар господин со очила и со обелени мустаќи, облечен во костум од волнен штоф со пеперушка под крагната на кошулата и со неодгатлив израз на лицето читаше некаква книга. Зад него на ѕидот се наоѓаше високо поставен дисплеј на чија темна површина светлеа кругови во различни бои, додека на масичка од неговата лева страна се наоѓаа бројни слушалки приклучени во долгнавеста, црна кутија.
„ЧИТАЊЕ МИСЛИ“ − пишуваше со големи букви на дисплејот.
На главата на овој господин се наоѓаше метална капа слична на стара фризерска хауба за сушење коса од која излегуваа голем број жици кои го поврзуваа со дисплејот зад него. Боите на екранот се менуваа, наводно во согласност со моменталната емоција која читателот ја доживува во текот на читањето. Кога содржината, преку која полека прелетуваше со очите, беше пријатна, се јавуваше сина боја во сите нијанси или зелена, а црвената и портокаловата означуваа возбуда или дури лутина, додека жолтата – среќа и радост. Имаше тука цела дополнителна палета различни бои кои ја дополнуваа главната емоција.
Алек и Теа стоеја еден покрај друг, обидувајќи се да не се допираат со големите торби кои ги носеа преку рамо, и љубопитно гледаа во човекот пред себе.
Сакаш да се обидеме?, предложи Алек.
Теа заинтересирано климна со главата.
Се запознаа претходниот ден, на свеченото отворање на големата меѓународна манифестација посветена на научната фантастика. Љубителите и обожаватели на жанрот од целиот свет се беа слеале во Париз да присуствуваат на овој настан кој со нетрпение беше исчекуван и долго најавуван по СФ-медиумите, форумите и групите. Двајцата беа вистински поклоници на правецот и негови прекалени познавачи. Не им беше тешко бргу да склопат познанство откако сосема случајно посегнаа со рацете кон истиот примерок на романот на Урсула ле Гуин на штандот со книги.
Теа беше похрабра, отворена и прва започна разговор, а Алек воодушевено прифати. Речиси да не ни забележаа како цел нареден час заедно шетаат меѓу поставките. Сакаа исти автори, следеа исти едиции и серии, дури двајцата се фотографираа со истиот омилен јунак од „Војната на ѕвездите“. Толку беа слични во поглед на интересите што самиот тој податок беше причина да се воодушевуваат до крајот на тој возбудлив ден, полека шетајќи покрај Сена и пиејќи пиво од конзерва. Дури по ист чуден случај беа отседнале во ист хостел, што претставуваше, по нивно мислење, врв на синхроницитет помешан со чудесно и грст ѕвезден прав.
Се договорија утредента заедно да го посетат предавањето за Станислав Лем, кого обајцата исто така го обожаваа, на кое актери ќе читаат извадоци од неговите најпознати дела.
Ајде Алек, му рече сега долгоногата, русокоса Теа. Земи ги слушалките, па да видиме што вели овој господин кој тврди дека може да чита мисли. За што размислуваме ние двајцата, баш да видиме, го подбуцнуваше таа со неодолива насмевка, дразнејќи го да го прифати предизвикот.
Теа и Алек платија по десет евра и истовремено ги зедоа и ги ставија слушалките на уши. Господинот се наведна надолу кон масичката и го вклучи приемникот, па без збор им даде знак со главата дека контактот е воспоставен.
Алек е баш сладок. Ме потсеќа на мојот бивш, на Томи, одеднаш непознат глас одекна во главата на Алек и зборовите му одѕвонија во просторот меѓу ушите. Тој запрепастено погледна во човекот на подиумот. Овој мирно му се насмевна и не се ни помрдна од фотелјата. Зад него на екранот блесна круг во портокалова боја.
Алек ја подголтна плунката, па од страна кришум фрли поглед кон Теа. Таа воопшто не го гледаше. Беше зафатена, со раката придржувајќи ја слушалката на увото и сконцентрирана на она што го слушаше.
Теа, помисли тој, и подзина од изненадување. Навистина ли мисли дека сум сладок?
Последен пат вака убаво се дружел со некоја девојка пред речиси две години. Беше тоа Мери, неговата сосетка. За жал, Мери се отсели заедно со нејзината фамилија и веќе не беа во контакт. А Теа, помисли тој повторно, па таа е навистина многу убава.
Човекот му даваше некакви знаци со очите. Што ли сака?, се праша Алек. Теа сè уште изгледаше внесена во она што го слушаше и како да беше исклучена од светот наоколу.
Всушност, Томи се покажа како вистински никаквец, повторно одекна гласот во главата на Алек. Измамник и женкар. Со него само изгубив нерви и време.
Алек изненадено ѕуреше пред себе. Се прашуваше што ли слуша Теа преку нејзините слушалки. Ако тој ги слуша нејзините мисли, дали таа може да ги чуе неговите? Или овој човек пушта некаква снимка која ја подготвил однапред? Можеби се ова измислици на човекот од бината? Се шегува со нив, а тие уште и му платија за тоа.
Теа стоеше неподвижна откога ги ставија слушалките на уши. Кој е сега тој Томи и што бара тој во неговите мисли?, се прашуваше Алек. Ќе се обиде да го избрка од нив. Ќе му се спротивстави со поинаква мисловна содржина.
Се обиде да смисли некаков убав есеј-сонет во стилот на Петрарка, кој би ги воспеал внатрешните и надворешни убавини на Теа. Алек се напрегна сиот сконцентриран на таа задача, дури и капки пот му го оросија челото.
На дисплејот ненадејно блесна голем црвен круг, а Теа нагло потскокна, се заврте накај него и му удри една жешка шлаканица од која во главата му заѕвони. Човекот веднаш ги исклучи нивните слушалки од модемот и мирно ѝ се врати на книгата која ја читаше. На дисплејот повторно се разлеа априлско зелена боја.
Теа, Господи, повика Алек шокиран. Сакаше да ја дофати девојката за рамо и да ја задржи, но таа му се отргна и со трчаница се изгуби во навалицата меѓу бројните посетители кои ги гледаа збунето.
Секој го слуша само она во што и самиот верува или го замислува, му одекна повторно гласот во главата. Алек нагло се заврте зад себе. Му се пристори дека човекот на подиумот му намига. Пушти ја Теа да си оди. Што и да мислиш добро за неа, трансмисијата на сигналот во нејзината глава секогаш ќе биде со негативен предзнак. Повеќе среќа во некоја друга прилика, момче.
Алек ги симна слушалките и истрча на улица. Од Теа немаше веќе ни трага.
Тој мене ќе ми кажува дека сум дебела и досадна четвороока, слушна некој непознат глас во главата додека брзајќи се пробиваше низ масата луѓе на улицата. Еј, еј, која тоа будала ме турна?, го потрефи ненадејно друг глас.
Алек погледа наоколу. Никој не зборуваше. Една малку полничка девојка со очила чекореше на мало растојание од него.
Застана и се фати за глава. Што му се случува? Дали халуцинира? Можеби без да знае испил некоја чудна билка во утринскиот чај?
Во џебот од панталоните се огласи неговиот мобилен телефон. Го зеде и погледна во екранот. Нова порака. Ја отвори и ја прочита содржината.
Драг Алек, барам соработник кој повремено би ме заменувал во работата. Досадно е секогаш самиот да ги читаш мислите на луѓето. Тоа е најтешка работа на светот. Вие сте вистинска личност за таа позиција, како што веројатно во меѓувреме веќе се уверивте и самиот. Слушате, зар не, сите ги слушате. Пуштете ја таа девојка, не е за вас. Вратете се назад до мојот штанд и нашата соработка може да започне веднаш. Се разбира, моето име и презиме го знаете, не морам ни да ви го кажам. Ве очекувам.
П. С. Јас веќе сигурно знам дека ќе дојдете.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано