Економија
„СТРУЕН УДАР“ ЗА ИЗВОЗНИЦИТЕ СО ВОВЕДУВАЊЕТО НА ДАНОКОТ ЗА CO2
Автор: Митко Јовановски
07.11.2024г.
МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО ЕНЕРГЕТСКИ РАСЧЕКОР ПРЕД ПРИМЕНАТА НА ЕУ МЕХАНИЗМОТ ЗА ЈАГЛЕРОДНО ГРАНИЧНО ПРИЛАГОДУВАЊЕ (ЦБАМ)
Земјите од Западен Балкан, а меѓу нив и нашата, доцнат со енергетската транзиција, посебно во делот на производството на базната енергија. Периодот на користењето на поевтина електрична енергија која доаѓа(ше) во најголемиот дел од блоковите во РЕК Битола се ближи кон својот крај, поради технолошката старост на битолската термоелектрана и намалувањето на домашните резерви со јаглен. Од 2026 година се наметнува уште една „административна пречка“, а тоа е примената на ЕУ-регулативата 2023/956 за воведување на механизмот за јаглеродно гранично прилагодување ЦБАМ. Со неа се пропишува плаќање на јаглеродна давачка при увоз на производи во ЕУ чие производство е поврзано со високи емисии на јаглерод диоксид. ЦБАМ регулативата се однесува на производите од 6 категории (железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија) кои се произведени во трети земји, а треба да се увезат во земја – членка на ЕУ. Целта на оваа европска мерка е ист тип на производ од наведените категории произведен во земја членка на ЕУ и во трета земја, да подлежи на иста наплата на јаглероден надоместок.
Добрата вест во нашата македонска енергетската состојба која е детално опишана во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во 2024 година, е што земјата прави крупни чекори во енергетската транзиција со примената на обновливите извори на енергија. Домашното производство на електрична енергија учествува со 97,25 отсто во бруто-потрошувачката на електрична енергија, додека само 2,75 отсто се обезбедуваат од увоз. Но, лошата вест е што големиот дел од домашната произведена енергија произлегува од користењето на фосилните горива односно на јагленот, кој во Европската Унија одамна е прогласен за „непожелен енергент“. Во европскиот извештај јасно се посочува дека „земјата останува значително зависна од јаглен и термоелектраните Битола и Осломеј, кои продолжуваат да работат на јаглен од ограничени домашни ресурси и увоз“. Позитивен ветер за македонската енергетската транзиција е податокот за инсталираната моќност на електраните од обновливи извори на енергија (ОИЕ) која се зголеми на 50 отсто од вкупната инсталирана моќност на електрична енергија и 33 отсто од вкупното производство на електрична енергија. Но, прашањата кои се поставуваат се: дали чекориме доволно брзо во примената на „зелената енергија“ што е важен фактор за примена на новиот механизам на ЕУ, колку домашните фирми се прилагодија на идното воведување и како тоа ќе се одрази врз нивната конкурентност?
ПРЕДИЗВИЦИTE ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ
Од 01.01.2026 македонските извозници ќе мора да плаќаат еколошка такса ако сакаат да продаваат производи на пазарот на ЕУ , а за производство на тие производи користеле електрична енергика која е прозведена од јаглен, при што се испушта СО2 во атмосферата. Оваа давачка во моментов е од 70 до 80 евра од мегават час. Тоа значи, со оваа давачка ќе се зголеми цената на производите на македонските извозници што извезуваат во ЕУ, со што ќе се намали ценовната конкурентност на нивните производи на тој пазар. Имајќи предвид дека македонската економија е мала и отворена и е упатена да извезува на тој пазар за да може да опстане, ваквата давачка од страна на ЕУ бара сериозен пристап за минимизирање или елиминирање на последиците од неа.
Од Регулаторната комисија за енергетика и другите регулатори од земјите во Балканот веќе отворено реагираа на преголемиот финансиски товар што ќе им се наметне на компаниите со примената на системот за воведувањето на таксата за CO2. Производството на електрична енергија во земјите од регионот се базира на термоелeктраните и примената на оваа еколошка давачка ќе направи сериозен притисок на самите економии, предупредуваат од македонските енергетски регулатори.
- Во Министерството за енергетика треба да се формира тело кое ќе координира со активностите поврзани со примената на механизмот за јаглеродно гранично прилагодување. Ова е сериозна реформа и треба да се разгледа прашањето дали треба драстично да се почне со примената и во нашиот регион. Доколку се примени обврската од 1 јануари 2026 година ќе ни треба сериозна подготовка и добивање на финансиски средства од ЕУ, како што беше направено и за сите земји членки на Унијата, ни изјави Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.
Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување овозможува јаглеродната давачка да не се плаќа во ЕУ, туку да се пропише во националната регулатива за да се влева во националниот буџет. На механизмот ќе подлежи само оној дел на електрична енергија произведен во РСМ, од фосилни горива, а кој е употребена за производство на производите кои ќе се извезуваат од нашата земја во земја – членка на ЕУ.
- Останатата електрична енергија која ќе се произведе и потроши во РСМ не подлежи на ЦБАМ. Она што нам ни недостасува е систем преку кој треба да се докаже потеклото на електричната енергија, дали е од јаглен, гас или од одржливи извори на енергија. Во регулативата за ЦБАМ механизмот, наведен е привремен исклучок од обврската за плаќање ЦБАМ надоместок при извоз (само) на електрична енергија во земја-членка на ЕУ. За да подлежиме на исклучокот треба да ги исполниме следните два услови. Првиот е да постигнеме целосно спојување на пазарите за електрична енегија и тоа за пазарот ден однапред и во тековниот ден, најдоцна до 31 декември 2025 година. Вториот е да развиеме патоказ и да се обврземе на имплементација на механизам за наплата на јаглероден надоместок, со цена која ќе е еквивалентна на ЕУ ЕТС цената до 2030 година и да се заложиме за постигнување јаглеродна неутралност најдоцна до 2050 година, ни изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини.
Спојувањето на пазарите за електрична енергија е во надлежност на МЕРМС, кое работи интензивно, со изработката на предлог Законот за енергетика, по што треба да следи донесување на соодветни подзаконски акти и соодветни активности од страна на МЕМО и МЕПСО со цел да се спои пазарот ден-однапред, како и да се воспостави пазар во тековниот ден, кој понатаму треба да се спои со европските пазари во тековен ден. Оваа активност е дел и од реформската агенда, со рокови кои се усогласени со ЦБАМ регулативата. Во однос на втората точка, земјата треба интензивно да работи на воспоставување на систем за трговија со емисии, поточно првично за воведување на MRVA пакетот (monitoring, reporting, verification and accreditation) кој е дел од Директивата за ЕУ ЕТС 2003/87/ЕЦ, посочуваат од Министерството за енергетика.
Прв чекор е да се усвои Законот за климатска акција, кој ќе опфати воведување на ваков систем за сите инсталации кои подлежат на ЕУ ЕТС, да воведат систем на мониторирање на емисиите на стакленички гасови и соодветно да им се наплаќа јаглероден надоместок. По донесување на Законот за климатска акција, потребно е да се усвојат најмалку 5 подзаконски акти кои во детали ќе го уредат одредувањето на соодветните инсталации, начинот на мерење на емисиите и начинот на наплата на јаглероден надоместок.
СИСТЕМ ЗА СЛЕДЕЊЕ И НАПЛАТА НА ЕМИСИИТЕ
За да профункционира системот за следење и наплата на емисиите, според Министерството за енергетика, неопходно е градење на административните капацитети, вработување на соодветен кадар во министерството за животна средина и просторно планирање кој ќе работи на имплементација на овој систем и соодветно обука на овој кадар и на индустријата која подлежи на наплатата на јаглероден надоместок.
Прво треба да се воспостави систем на верификатори кои ќе вршат мониторинг и ќе издаваат потврда на измерените емисии и ќе подготвуваат извештаи. Верификаторите може да се воспостават во земјата или да се регулира на меѓународно ниво да признаваме верификатори од странство.
- Индустриските објекти кои подлежат на ЕУ ЕТС, до надлежното тело (МЖСПП согласно предлог Законот за климатска акција) поднесуваат барање за дозвола за испуштање на стакленички гасови, заедно со нацрт Мониторинг план. Нацрт Мониторинг планот содржи информации каков тип на постројка се работи, каков тип на емисии ќе има, колкава количина емисии, како ќе се мерат и што треба да содржи Годишниот извештај за емисии. Нацрт Мониторинг планот го проверува и потврдува верификационо тело. По одобрувањето на мониторинг планот и извештајот за емисии следи годишно следење и известување за количините на емисии. Откако овој систем е воспоставен, ќе може да се воспостави соодветна наплата на јаглероден надоместок, објаснуваат во Министерството за енергетика.
Во врска со производите кои се увезуваат во ЕУ а подлежат на ЦБАМ, при увоз во земја-членка на ЕУ увозникот треба да приложи документ за количината на ЦО2 емисии и да плати соодветна сума за ЦБАМ сертификати. Доколку во земјата на производство е воведен одреден тип на јаглероден надоместок, при наплата на ЦБАМ се одбива веќе наплатениот надоместок.
Европска Комисија во моментот прави истражување за останатите системи за наплата на јаглероден надоместок и во текот на 2025 година треба да издаде извештај кој начин на наплата го сметаат за компатибилен на ЕУ ЕТС и ќе го признаваат при пресметката за доплатување на ЦБАМ. Во моментот постои можност да воведеме јаглероден надоместок кој не е признаен од Европска Комисија и индустријата да е двојно оптеретена со давачки, велат од Министервото за енергетика.
Износот на надоместокот (за EU ETS, а кој ќе се користи и за ЦБАМ) се изразува во €/tCO2 и е предмет на берза, која е достапна на https://www.eex.com/en/Во однос на електричната енергија на овој износ ќе подлежи само делот од електрична енергија кој ќе биде извезен во земја-членка на ЕУ.
ЧЕЛИЧНАТА ИНДУСТРИЈА СО ИНВЕСТИЦИИ ЗА ПОДДРШКА НА ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА
Македонските компании што ќе бидат најмногу засегнати од таксата за CO2 се производителите на железо и на челик. Оваа индустрија учествува со 12 отсто во македонскиот извоз во 2023 година , а над 60 отсто од вкупниот извоз на железо и на челик бил реализиран на пазарот во ЕУ. Главните предизвици за македонските компании се поврзани со пресметките на емисиите на јаглерод диоксид содржани во нивните производи. Ова од причина што пресметувањето и плаќањето на оваа давачка ќе ги поскапи македонските производи, а може да доведе до намалување на извозот во ЕУ. Земјите од Унијата се најголемиот трговски партнер за нашата извозна економија, која во првите девет месеци бележи и забележителен пад на извозот во ЕУ и посебно во Германија, која и самата се соочува со економски проблеми.
- Регулативата за воспоставување на „Прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродни емисии" (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), во чија основа е спречување на протекувањето на јаглеродните емисии т.н. (carbon leakage), усвоена од страна на Европската Комисија во мај 2023, во моментов е во транзициски период кој е предвидено да трае до почетокот на 2026, кога регулативата влегува во дефинитивна фаза, која ќе наметне квартално купување на ЦБАМ сертификат. Процесот на имплементацијата на новата регулатива на ЕУ во државата отпочна во јануари оваа година, а Макстил како општествено одговорна компанија и воедно, како една од компаниите која припаѓа на петте сектори каде е предвидено да отпочне примената на регулативата ги прави потребните чекори за еколошка и климатска трансформација. За Макстил овој процес ќе значи инвестирање во зголемување на ефикасноста во делот на употребата на енергијата, влезните материјали како и инвестирање во енергетски ефикасни технологии, вложување во зелена енергија, а сето ова се очекува да изврши значително влијание врз структурата на трошоците, како на слабот, така и на лимот. Сето ова во крајна линија ќе значи намалување на конкурентноста на челичните производи на пазарот во ЕУ, ни изјавија од Макстил.
Во однос на прашањето колку се подготвени за примената на оваа регулатива, од Макстил нагласуваат дека се „една од првите компании во државата, која отпочна со целосна примена на сите начела кои се внесени во ЦБАМ регулативата“.
- Направиме пресметка на јаглеродните емисии согласно методологијата, и во тек е подготовка за нејзина верификација. Дополнително, се развиваат инвестиции поврзани со поддршката на зелената агенда, кадешто преку нивна имплементација ќе се обезбеди намалување на вкупната количина на јаглеродни емисии кои ги создава компанијата при производство на слабови и топло валани лимови, велат од Макстил.
Случувањата околу примената на Регулативата за воспоставување на „Прекуграничен механизам за прилагодување на јаглеродни емисии“ ја зацврстуваат потребата од сериозен пристап и навремен третман на ова прашање со цел македонската економија односно компаниите да останат конкурентни на европскиот пазар.
Со овој текст, Економија и бизнис се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.