Економија

НАШАТА ПРЕДНОСТ E ШТО СМЕ ВО ЕВРОПА, ТРЕБА ДА ЈА ИСКОРИСТИМЕ СО БРЗИНА И КВАЛИТЕТ НА ИСПОРАКИТЕ, вели Марија Дуковска Павловска генерален менаџер на „Макстил“

31.10.2024

„Макстил“ има долгорочно искуство во примената на циркуларната економија и како основен материјал во своето производство го користи старото железо. Компанијата е целосно насочена кон зголемувањето на дата базата со нови добавувачи од локалниот и регионалниот пазар. Во наредниот период фокусот ќе биде ставен кон помагање и контрола на малите компании во примената на ESG стандардите на повисоко ниво, кои се поставуваат од европските партнери, но и од банките кои се повеќе го  анализираат исполнувањето на овие фактори, изјави Марија Дуковска Павловска, генерален менаџер на „Макстил“, на денешната панел дискусија на тема: „Иднината на индустријата: Како да се постигне одржливост и раст“, организирана од МАМЕИ.

- На глобалниот пазар на металната индустрија се случуваат истите проблеми како и во автомобилскиот сектор, со високите трошоци во синџирите за снабдување. Проблемите во металопреработувачката индустрија, како  базна, се одразуваат и  на работата и на другите индустриски сектори. Како компанија сме дел од глобалната економска слика и зависиме од случувањата на надворешниот пазар. На локално ниво, болна тема е недостигот на работна сила од металуршките занимања. За жал, ние не зборуваме за неквалитет кадар, туку за кадар што воопшто го нема. На студиите по металургија нема запишани студенти. Во нашиот производен процес не може се да се автоматизира.Потребна е и стручна и високообучена работна сила. И да го купиме и најсовремениот робот, прашањето е кој ќе го одржува тој робот, вели Дуковска Павловска.

Во идниот период, според неа,  загрижува тоа што се случува со германската економија што секако ќе се одрази и на македонската индустрија.

- Треба да го искористиме тоа што го имаме како Македонија, а тоа е што сме во Европа. Како индустрија не можеме да се натпреваруваме со цена со поразвиените економии. Но можеме да бидеме конкурентни со брзината во испораката и со квалитетот на производите за европските партнери, поради нашата близина. Треба да се фокусираме на мали и специјализирани производни серии. Потребна ни е национална стратегија преку која ќе ја искористиме нашата предност што сме тука во Европа, заклучи Марија Дуковска Павловска, генерален менаџер на „Макстил“.

ПРЕПОРАЧАНО