Економија

МАКЕДОНИЈА, УНГАРИЈА, СРБИЈА И ГРЦИЈА ЌЕ ПОТПИШАТ ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА ЗА БРЗАТА ПРУГА БУДИМПЕШТА-СКОПЈЕ-АТИНА

30.10.2024

Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави дека брзата пруга на делницата Нови Сад - Суботица ќе биде пуштена во сообраќај на 24 ноември, а ден претходно Унгарија, Србија, Македонија и Грција ќе потпишат заеднички изјава за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина (Патра) преку Скопје, јави дописникот на МИА од Белград.

- Брзата пруга низ Србија, како дел од идната брза пруга од Унгарија до Грција, се наоѓа на европската железничка мрежа. Како што најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ден пред да се пушти во сообраќај новата делница од Нови Сад до Суботица, Унгарија, Србија, Северна Македонија и Грција ќе потпишат заедничка декларација за изградба на брза пруга од Будимпешта до Атина, односно Пиреја и Патра, изјави Весиќ за ТВ Пинк.

Тој кажа дека се очекува до крајот на 2025 година унгарските партнери да го завршат својот дел од пругата, од српската граница до Будимпешта, долга 166 километри со што брзата железничка врска од Белград до Будимпешта ќе трае два часа и 45 минути.

Весиќ посочи дека до февруари ќе заврши реконструкцијата на пругата Ниш - Брестовац, долга 23 километри.

- Тогаш ни преостанува уште 135 километри пруга од Брестовац до Прешево. Се договоривме со Владата на Северна Македонија заеднички да побараме финансирање и да работиме на нашите 135 километри и нивните 50 километри до Скопје. Грците веќе проектираат пруга од Солун до Идомени, на грчко-македонската граница и ја обновуваат пругата Солун-Атина. Останува да се реши поврзувањето од Скопје до Идомени, а кога ќе се заврши ќе имаме над 1.638 километри пруга од Будимпешта до Патра. Тоа ќе биде столбот на транспортот на Западен Балкан, објасни министерот Весиќ.


фото freepic  

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано