Општество
Во Велес двојно зголемен бројот на жени заболени од карцином на дојка
29.10.2024
Велес го презема приматот на водечки град во земјава по број на заболени жени од карцином на дојка. На годишно ниво бројот на заболени пациентки се зголемил на илјада новозаболени, а кој пред пандемијата на корона бил 500 годишно. Се симнува и старосната граница на заболените. Таа сега паднала на 40-годишна возраст, иако најмладата велешанка која е оперирана од канцер на дојка има само 21 година, додека во земјава канцер на генитални органи е откриен кај 17-годишна девојка.
Освен кај жени, болеста засега е официјално откриена и кај еден маж во Велес, а може да има и други заболени, кои не се регистрирани. Овие информации ги изнесе Македонка Икономова Давчева од велешкото здружение „Љубов сме“, во кое членуваат жени онколошки пациентки, на трибината „Рано откривање на канцер на дојка“, што Општа болница Велес попладнево ја организираше во Европската куќа на млади во Велес.
Трибината е во рамки на розовиот месец за борба против оваа болест со цел едуцирање на населението за борба против оваа болест. Трибината има за цел да ја подигне свеста за редовни самопрегледи на велешанки, како и за користење на термините од прегледите на скринингот што го спроведува Министерство за здравство.
Вавите податоци ги потврди и еден од предавачите на темата д-р Тања Петровска, специјалист по радиодијагностика и субспецијалист по гинеколошка и мамодијагностика на ЈЗУ Универзитетска клиника по хирушки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Таа ги едуцираше присутните и апелираше на градење култура кон личното здравје. Информира дека има промена во постапката на закажување на прегледите како дел од скрининг постапката.
Со вака алармантни бројки од по илјада новозаболени жени со канцер на дојка и појава на болеста кај мажите, д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни доктори на Македонија бара државата итно да почне да размислува за отворање Центри за дојка во јавните здравствени установи низ земјава, а најпрво во Велес.
Присутните лекарки потенцираа дека со болеста канцер на дојка се живее, но доколку биде рано откриена и на време бидат преземени сите здравствени мерки за нејзино лекување.
Сепак животот не е така едноставен, констатираа оперираните жени, говорејќи отворено за личната и грижата на семејствата кои се нивната најголема поддршка.
Со денешната трибина и ЈЗУ Општа болница Велес се вклучи во активностите кои се организираат низ државата и се посветени на розовиот месец, октомври - посветен на подигнување на свеста за болеста канцер на дојка.
Извор/фото МИА