Економија
Харис или Трамп: Кој ќе биде подобар за светската економија?
Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | 01 октомври 2024г.
САД се дом на само 5 отсто од светското население и придонесуваат со само 15 проценти од глобалната додадена вредност. Но, нивната улога во обликувањето на светската економија е неспоредлива со ниедна друга земја. Затоа е многу важно каква економска политика ќе спроведува идниот станар на Белата куќа.
Така е тоа секои четири години. Целиот свет најмалку десет месеци е во големо исчекување кој ќе победи на американските претседателски избори кои законски се одржуваат во првиот вторник по првиот понеделник во ноември.
Годинешнава претседателска трка имаше толку многу пресврти поради што се претвори во глобален настан од највисок интензитет: водство во анкетите на кандидатот на републиканците, Доналд Трамп, пред актуелниот претседател Џо Бајден; катастрофата на Бајден во дебатата со Трамп во јуни; обидот за атентат на Трамп, кого куршумот на осамениот стрелец го промаши за влакно; изборот на потпретседателот Камала Харис за кандидатка на демократите; голема еуфорија во Демократската партија и воопшто во прогресивниот дел од американската јавност; наплив на донации за Хамала Харис која успеа да ја стопи предноста на Трамп во анкетите. Само во август кампањата на Харис успеа да собере 361 милион долари наспроти 130 милиони на Трамп.
Тоа ќе биде целосно неизвесна трка. Многу работи се пишуваат за тоа каков одраз ќе има на американската политика и општество (а и во светот) изборот на едниот или на другиот за станар на Белата куќа. Генерално малку се пишува за она каков ќе биде економскиот светоглед доколку поранешниот претседател Трамп победи на изборите, а што ќе понуди потпретседателот Харис и какви ќе бидат последиците за глобалната економија.
Некои од познатите светски економисти веќе ги даваат ако не прогнозите туку можните предвидувања. Што се знае досега?
Иако Соединетите Американски Држави се дом на само 5 отсто од светското население и придонесуваат со само 15 проценти од глобалната додадена вредност, нивната улога во обликувањето на светската економија е неспоредлива со ниедна друга земја. Имајќи го предвид ова, трговските политики на следната администрација (било да е Харис било Трамп) ќе имаат значителни последици за глобалната економија.
Американски царини за Кина од 60 отсто
Професорот по финансии и економија на Универзитетот Колумбија, Шанг-Џин Веи, вака ги претставува можните работи за светската економија од јануари идната година:
„Знаеме што најверојатно ќе направи Трамп: ќе ги зголеми американските царини за увоз од Кина на 60 отсто и ќе воведе царина од 10 отсто за увозот од сите други земји. Овие политики најмногу би му наштетиле на кинескиот извоз во САД, но исто така и на извозот во САД на многу други земји. Оние неколку што обезбедуваат замена за кинески стоки би можеле да имаат корист. Ќе страдаат и економиите кои зависат од синџирите на снабдување кои ја вклучуваат Кина. Многу јужнокорејски и јапонски фирми извезуваат делови и компоненти во Кина каде што се комбинираат со делови и со компоненти произведени во Кина, а можеби и се склопуваат во финални производи за извоз во САД и на други места. Ова имплицира дека секое намалување на кинескиот извоз во САД ќе се претвори во намалување на извозот од Јапонија, од Јужна Кореја и од други слични на нив. Напорите да се заобиколи проблемот со префрлање на синџирите на снабдување во Индија, во Виетнам и на други места може делумно да го неутрализира овој ефект, но таквите решенија веројатно ќе бидат и скапи и нецелосни. Ефектите од ’трговскиот шок на Трамп‘ нема да завршат тука. Доколку царините го попречат растот во Кина, кинеската побарувачка за увоз може да падне, што ќе им нанесе уште еден удар на економиите за кои Кина е водечки трговски партнер како што се Јапонија, Јужна Кореја и земјите од Југоисточна Азија.“
Економистите велат дека предложените тарифи на Трамп би имале и два помалку очигледни ефекти, но дека ниеден од нив не е посакуван за САД. Прво, тие би дејствувале како кочница за извозот на САД во многу земји. Со оглед на тоа што предложените тарифи на Трамп нема да ги зголемат значително заштедите во САД, намалувањето на американскиот увоз ќе биде усогласено со намалување на американскиот извоз. Со тоа релативното значење на Америка како трговски партнер за многу земји ќе се намали.
Потоа царините на Трамп ќе го поткопаат светскиот економски поредок за кој токму САД беа главниот мотор. Мерките на Трамп ќе ги прекршат законските обврски на Америка наложени од Светската трговска организација. Но, со оглед на тоа што САД потрошија години слабеејќи го механизмот на СТО за решавање спорови, телото веројатно нема да може да одлучува за протекционизмот на Трамп. Ова ќе го зајакне чувството дека САД не играат според правилата и ќе ги охрабри другите земји да спроведат одмазднички тарифи или други протекционистички политики.
Економските контури на Харис не се доволно јасни
И Шанг-Џин Веи и други економисти велат дека контурите на веројатната трговска политика на Харис се помалку јасни. Може да се замисли дека таа го поддржува пристапот на американскиот претседател Џо Бајден кон трговијата, кој е малку помалку непостојан од оној на Трамп, но останува лошото влијание од економско-политичкото наследство на Бајден. Всушност, ако продолжи политиката на Бајден, тоа ќе значи забрзување на релативниот пад на Америка како трговска земја, иако не толку брзо како што тоа ќе го направат тарифите на Трамп.
Но, Шанг-Џин Веи вели дека постои уште една можност: „Земајќи инспирација од двајца други неодамнешни демократски претседатели, Барак Обама и Бил Клинтон, Харис може да се обиде да го оживее американското лидерство во глобалната трговија не само со повторно приклучување кон Сеопфатното и прогресивно транспацифичко партнерство (ЦПТПП) со: Австралија, Брунеи, Канада, Чиле, Јапонија, Малезија, Мексико, Нов Зеланд, Перу, Сингапур и Виетнам. Иако Кина во моментов не ги исполнува барањата на договорот, таа поднесе барање да се приклучи, што ја сигнализира нејзината подготвеност да ги реформира државните претпријатија и пристапот до пазарот. ЦПТПП што ја вклучува Кина, но не и САД, тешко дека е во интерес на Америка. Администрацијата на Харис, исто така, би можела да ги промени тарифите на претходните администрации за кинески увоз, кои значат данок за американските потрошувачи, особено за домаќинствата од средната класа и со ниски приходи. Харис мора да може да ѝ објасни на американската јавност дека тарифите се самоуништувачки бидејќи ги зголемуваат трошоците за живот без да отворат нови работни места за американските работници.“
Но, кој би можел да знае дека Камала Харис ќе ги избере вистинските трговски советници или ќе ги надмине протекционистичките притисоци во нејзината партија. Но, ако го направи тоа − ако комбинира релативно отворена трговска политика со домашна прераспределба − таа може да воведе глобално трговско заживување што ќе ја зајакне американската економија и ќе го зајакне глобалното лидерство на САД. Со Трамп, напротив, нема многу причина да се очекува нешто повеќе од уште еден негативен шок за глобалната трговија, што ќе резултира со многу повеќе губитници отколку победници.
Бланко чек на Трамп за најбогатите во Америка
Уште еден професор по економија на Универзитетот Колумбија, но глобално многу попознат, Џозеф Штиглиц (згора на тоа и нобеловец), вели дека американските гласачи се соочуваат со избор не само меѓу различни политики туку и меѓу различни цели на политиката. Иако Харис допрва треба подетално да ги претстави главните цели на својата економска агенда, таа веројатно ќе ги зачува централните начела на програмата на претседателот Џо Бајден. Штиглиц вели дека тоа ќе бидат силни политики за одржување на конкуренцијата, зачувување на животната средина (вклучувајќи и намалување на емисиите на стакленички гасови), намалување на трошоците за живот, одржување на растот, зајакнување на националниот економски суверенитет и издржливост и ублажување на нееднаквоста.
Според Штиглиц, економската политика на Трамп е спротивна на тоа: поранешниот претседател нема интерес да создаде поправедна, поцврста и одржлива економија. „Наместо тоа, републиканскиот билет нуди бланко чек на компаниите за јаглен и за нафта и ги задоволува милијардерите како Илон Маск и Питер Тил. Тоа е рецепт за правење на американската економија послаба, помалку конкурентна и помалку еднаква. Во Харис, САД имаат некој кој би бил внимателен и прагматичен во мерењето на компромисите и во измислувањето избалансирани решенија. Во Трамп имаме импулсивен нарцис кој чекори низ хаос и ја отфрла научната експертиза.“
Трамп веќе зборува дека сака да ја поткопа независноста на централната банка ФЕД (што е продолжување на неговите постојани напори да ја поткопа независноста на судството и на државната служба). На тој начин, второ претседателство на Трамп ќе воведе постојан извор на економска несигурност, депресивни инвестиции и раст и речиси сигурно зголемување на инфлациските очекувања.
Во 2017 година, Трамп ги намали даноците за корпорациите и за милијардерите и тоа не предизвика нови инвестиции туку поттикна откуп на акции. Оваа даночна мерка важи до 2025 година. Трамп вети дека ќе го продолжи овој рок, иако овие даночни олеснувања не донесоа придобивки за американската економија, туку целта беше богатите да бидат уште побогати, а нееднаквоста уште подраматично се зголеми. Тоа би можело да биде голем проблем за долгорочниот економски успех на Америка.
На почетокот на оваа година, Републиканската партија беше без пари. Тогаш Трамп се обрати до своите богати поддржувачи за помош. Многу супербогати донатори кои го критикуваа Трамп за поттикнување на упадот во Капитол на 6 јануари ги променија размислувањата, одлучувајќи дека нивниот профит вреди повеќе од американската демократија.
Тој им вети на директорите од нафтената индустрија дека ќе ги укине регулативите за фаворизирање на електричните возила и на енергијата на ветерот доколку на неговата кампања ѝ дадат една милијарда долари.
Белата куќа на Трамп се продава, а богатите купуваат. Педесет семејства милијардери дадоа најмалку 600 милиони американски долари политички донации заклучно со мај, а над две третини беа за поддршка на кандидатите на Републиканската партија и на конзервативните каузи.
За време на неговиот претходен мандат, Трамп предлагаше големи намалувања за науката и за технологијата речиси секоја година, но неекстремистичките конгресни републиканци ги блокираа овие буџетски намалувања. Овој пат веројатно би било поинаку бидејќи Републиканската партија стана личен култ на Трамп. Уште полошо, партијата прогласи џихад против американските универзитети, вклучително и водечките институции кои ги унапредуваат границите на знаењето.
Една од најголемите пречки за реизборот на американскиот претседател Џо Бајден беше тоа што гласачите го сметаа за лош управител на економијата. Затоа и неговите бројки во анкетите беа лоши. Можеби Американците нема да го имаат истиот став за потпретседателот Камала Харис.
Анкетата од средината на август на Фајненшел тајмс/Универзитетот во Мичиген открива дека поранешниот претседател Доналд Трамп заостанува зад својот противкандидат за економското управување за прв пат откако анкетарите почнаа да го следат ова прашање пред речиси една година. Тоа е добар знак за Харис, но не е доволен.
Харис мора да ги согледа предизвиците со кои се соочуваат типичните Американци и јасно да артикулира како таа ќе се разликува од Бајден во нивното решавање. На Американците им треба нова насока од Демократската партија. Шест од десет испитаници на анкетата на ФТ/Мичиген сметаат дека Харис треба да заземе сосема поинаков пристап или да направи големи промени во економската политика на Бајден.
Медениот моментум за Камала Харис по повлекувањето на Бајден и нејзиното именување за кандидатка на Демократската партија веќе заврши. Во изборниот спринт до ноември таа ќе треба да им претстави појасна слика за економијата на оние кои ја избираат – американските гласачи. А тоа внимателно ќе се следи во целиот свет.