Економија
ПРОЕКЦИИ НА ММФ ЗА 2024: СВЕТОТ СО РАСТ ОД 3,2 ОТСТО, ЕВРОПА СО 1,7 ОТСТО И МАКЕДОНИЈА СО РАСТ ОД 2,2 ОТСТО
22.10.2024
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја задржа процената за светскиот економски раст за годинава од 3,2 отсто, а истиот процент е проектиран и за следната година.
Во проекциите за раст на развиените економии, за САД е зголемен растот на БДП на 2,8 отсто, а за еврозоната е намален на 0,8 отсто. За Германија се прогнозира стагнација по минатогодишната рецесија.
За земјите во развој ММФ прогнозира раст за оваа и за наредната година од 4,2 отсто. За Кина е намалена прогнозата на 4,8 отсто за годинава и за Индија на седум отсто. За Европа се предвидува економски раст од 1,7 отсто за 2024 и 2025 година, а четири земји од ЕУ ќе завршат во рецесија и со нулта растот на најголемата европска економија, Германија.
Во најновиот извештај за глобалните економски изгледи, Меѓународниот монетарен фонд за Македонија предвидува годинава раст на реалниот домашен бруто производ од 2,2 отсто, а во наредната 2025 година ќе изнесува 3,6 отсто. Во најновата прогноза на ММФ има намалување од претходно проектираниот раст од 2,7% што беше објавен во април. Светска банка предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 1,8%, следната ќе порасне за 2,5%, а дури во 2026 година ќе порасне за 3%.
Србија годинава ќе забележи раст од 3,9 отсто, а следната година раст од 4,1 отсто. Просечната стапка на инфлација во светот, според ММФ, ќе изнесува 4,5 отсто, а следната 3,6 отсто, пренесува „Данас“.
фото freepic