Економија
ШТО МОЖЕ ДА НИ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА НЕФЕР ТРГОВСКИ ПРАКТИКИ ВО СИНЏИРОТ НА СНАБДУВАЊЕ СО ЗЕМЈОДЕЛСКИ И СО ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ?
Валентин Пепељугоски | Авторот е адвокат
Економија и бизнис | печатено издание | 15 октомври 2024г.
Како и секогаш, ЕУ и развиените западни демократии пред да донесат некоја регулатива и/или директива или закон прво истражуваат, ги документираат потребите на бизнисот и на граѓаните, па потоа ги регулираат односите. Така беше и во случајот на нефер трговските практики. Европската комисија (ЕК)1 направи истражување кое даде поразителни резултати. Имено, 83 % од испитаниците кои биле подложени на нефер трговски практики сметаат дека имаат зголемени трошоци, а дури 77 % од испитаниците кои биле подложни на нефер трговски практики сметаат дека имале намалени приходи.2 Следуваше донесувањето на Директивата 2019/633 на Европскиот парламент и на Советот од 17.4.2019 година за нефер трговски практики во односите бизнис со бизнис во синџирот на снабдување во земјоделието и храната (Директива 2019/633).
Знаејќи дека трговците, а посебно големите синџири на маркети, како купувачи се многу „инвентивни“ во начините на нарушување на конкуренцијата преку дејствијата на нефер трговски практики, Европската Унија (ЕУ) бара од надлежните национални органи поголема флексибилност, а не ригидност во дефинирањето на трговските практики. Се проценува дека на ваков начин, а особено преку тајноста на барањата за постапување од повредените и од заинтересираните лица, националните администрации за заштита на конкуренцијата, како и ЕК ќе предизвикаат состојба на страв кај потенцијалните сторители на овие прекршоци на конкуренцијата.
Директивата 2019/633 предвиде 16 нефер трговски практики при што Директивата 2019/633 прави разлика меѓу т.н. „црни“ и „сиви“ практики. Со оглед на тоа што „црните“ нефер трговски практики се забранети, без оглед на околностите, „сивите“ практики се дозволени доколку доставувачот и купувачот претходно се договорат за нив на јасен и на недвосмислен начин.
Вреди да се напомене дека, според првичниот извештај од октомври 2021 година3, повеќето ЕУ-држави избраа да одат надвор од минималните мерки и заштита предвидени во Директивата 2019/633. Ваквата практика ја следеше и нашава држава која, со донесувањето на Законот, предвиде поголема заштита и мерки за доставувачите во синџирот на снабдување во земјоделието и храната во ЕУ. Собранието на Северна Македонија го донесе Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи на 13 март 2024 година4 (ЗНТП), но во него беше предвидена одложена примена (vacatio legis). Иако во јавноста постоеја голем број на негодувања во однос на одложената примена на Законот, односно дека таа е прекусо определена, според нас решението на законодавецот за одложена примена на Законот од 6 месеци е добро и ѝ остава простор на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), но и на доставувачите и на купувачите во синџирот на промет со земјоделски производи подготвени да ја дочекаат примената на Законот.
КЗК е надлежен орган за спроведување на Законот, односно Комисијата за одлучување за прекршоци (КОП) во рамките на КЗК. Ова значи дека постапката која евентуално би се водела пред КОП во рамките на КЗК за утврдување на евентуални повреди на ЗНТП е речиси идентична на прекршочната постапка која се води за повреда на одредбите од Законот за заштитата на конкуренцијата. Но, законодавецот не го зел предвид фактот дека КЗК не е ниту кадровски ниту технички екипирана да ја врши работата која им е оставена во основната надлежност, па ќе бидеме пријатно изненадени доколку нè демантираат во спроведувањето на ЗНТП.
ЗНТП под нефер трговски практики подразбира договорни одредби и деловни практики кои еднострано се наметнуваат од купувачот кон доставувачот во врска со продажбата на земјоделски и на прехранбени производи, користејќи ја неговата значителна преговарачка моќ во однос на доставувачот. За дејствијата кои се сметаат за нефер трговски практики, нашиот законодавец предвиде прекршочни санкции само за купувачите, но не и за доставувачите, па кога ќе започне примената на ЗНТП ќе видиме дали ова решение ќе се покаже добро во практиката.
Можеме да заклучиме дека македонскиот ЗНТП е во целост усогласен со Директивата 2019/633. Следејќи ја практиката на повеќето земји членки на ЕУ, нашиот законодавец предвидел 26 нефер трговски практики, од кои дваесет и една „црна“ трговска практика и пет „сиви“ трговски практики. Можеби некој со право ќе рече премногу и зошто сме ние „поголеми католици од Папата“, па воведуваме толку многу нефер трговски практики!
Едно од задолженијата предвидени во Законот беше Министерството за економија да донесе листа на производи, предмет на регулирање на Законот, која ја донесе Министерството навремено и на неа стави 2 506 производи. Коментарот за бројот на нефер трговски практики можеме слободно да го повториме и за обемната листа на производи на кои ќе се применува Законот. На овој начин обемот на работа и на контрола на нефер трговските практики драстично се прошири. Имено, и според Директивата 2019/633, но и според ЗНТП, под земјоделски производи и прехранбени производи се подразбират оние кои се физички резултат од земјоделското производство, како и од индустриските операции за преработка на производи. Веројатно нашиот законодавец и Владата сметаат дека овој закон ќе им ги реши проблемите со покачувањето на цените на основните животни продукти. Се сомневаме во тоа бидејќи ниеден закон сам по себе не ги решил проблемите доколку доследно не се спроведува. А ние сме „шампиони во неспроведување на законите“.
Основен принцип од кој тргнува и нашиот законодавец е заштита на послабите доставувачи против посилните купувачи, што го вклучува секој снабдувач на земјоделски и на прехранбени производи со вкупен годишен приход до 350 милиони евра со диференцирани нивоа на заштита обезбедени под тој праг (минимумот е 2 000 000 евра). Зошто нашиот законодавец „слепо“ го следел прагот од Директивата 2019/633 не можевме да најдеме образложение, и тоа во ситуација кога некои држави членки на ЕУ го намалија овој праг (Естонија прагот кај доставувачите го намали на 500 000 евра).
ЗНТП во член 7 утврдува дека договорот за снабдување на земјоделски и на прехранбени производи меѓу доставувачот и купувачот мора да биде склучен во писмена форма и пред испораката на земјоделски или на прехранбени производи. Договорот мора да ги содржи сите услови кои се неопходни за уредување на деловниот однос меѓу доставувачот и купувачот како договорни страни. Покрај другото, во договорот за снабдување мора на јасен и на недвосмислен начин да бидат утврдени и општите деловни услови меѓу договорните страни, кои не смеат да содржат одредби кои се сметаат за нефер трговски практики согласно член 8 од ЗНТП.
Законодавецот предвидел дека со општите деловни услови (кои се задолжителни и за доставувачот и за купувачот) се утврдуваат условите за продажба и за купување, правата и обврските на доставувачот и правата и обврските на купувачот, обезбедување на побарувањата на доставувачот, правата и обврските на доставувачот и на купувачот во случај кога купувачот ќе го раскине договорот, размената на информациите, измената на општите услови, виша сила, решавање спорови, заштита на личните податоци и доверливост. Понатаму Законот предвидува и прилично стриктни рокови во однос на испораката на производите и на условите на плаќање. Се поставува прашањето дали на ваков начин законодавецот навлегол во доменот на облигационото право на начин што го „нарушил“ принципот на слобода на договарање или ова ограничување е во рамките на заштитата на поголеми цели.
Сакаме да напоменеме дека некои дејствија на нефер трговски практики оставаат можност за различни толкувања. Од овие причини Министерството за економија направи документ „Прашања и одговори за примена на ЗНТП“ во кој, по примерот на Агенцијата за заштита на пазарниот натпревар на Хрватска, даде одговори на поставени прашања од заинтересирани субјекти кои се однесуваат на практичната примена на ЗНТП.5 Од друга страна се предвидува плаќањата по основ на рабат и останатите трошоци кај исклучоците да не биде повисок од 10 % од остварениот промет во тековната година. Ваквата формулација може да предизвика проблеми, особено што примената на Законот започнува во последниот квартал на 2024 година. Како доставувачот ќе може да утврди колкав е износот на рабатот изразен во проценти во ситуација кога неговата висина се утврдува од остварениот промет во тековната година!? Имено, поради божиќните и новогодишните празници ниту купувачот ниту продавачот не можат да предвидат колкав промет ќе остварат и може да се случи тој да биде помал, па рабатот да биде незначително поголем од 10 %. На таков начин, купувачот ќе направи прекршок. Затоа ќе беше подобро доколку висината на рабатот се определуваше за тековната година според прометот остварен во претходната година.
Значајно е да се напомене дека овој закон се однесува и ги регулира само односите меѓу бизнисите, но не и со крајните потрошувачи. Сепак, ефектите од примената на ЗНТП најмногу би требало да ги почувствуваат крајните потрошувачи бидејќи веќе нема да има рабати поголеми од 10 % кај 2 506 производи од Листата на Министерството за економија. На ваков начин се вулгаризира причината за донесување на овој закон и неговата основна намена – да се заштитат послабите доставувачи од појаките купувачи – големите синџири на маркети − и да се стави ред на пазарот меѓу конкурентите. Ама кој може да размислува поинаку во услови на беспоштедна политичка борба и популизам, во ситуација кога е најбитна дебатата на темата „есенски“, „божиќни“, „рамазански“ и „пролетни“ кошници, чија намена е ограничување на цените на есенцијалните производи, односно која власт повеќе „административно“ ги ограничила цените на основните производи и ги „заштитила потрошувачите“.
1„Tackling unfair trading practices in the business-to-business food supply chain“ /* COM/2014/0472 final */, https://eur lex.europa.eu/legalcontent/EN/TXT/HTML/?uri=CELEX:52014DC0472, Последна посета на 27.09.2024 година.
2Ibid.
3„Commission delivers report on the implementation of EU rules against unfair trading practices in the food supply chain“ (https://agriculture.ec.europa.eu/news/commission-delivers-report-implementation-eu-rules-against-unfair-trading-practices-food-supply-2024-04-23_en, Последна посета на 27.09.2024 година).
4„Службен весник на РСМ“ бр. 66/2024.
5https://economy.gov.mk/content/Прашања%20и%20одговори%20за%20примена%20на%20законот%20за%20нефер%20трговски%20практики%20(004).pdf, Последна посета на 27.09.2024 година.