Општество

Вештачката интелигенција – помош или закана за професорите?

Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Веројатно „најжешката“ тема за која се зборува во последно време (и за која уште повеќе ќе се зборува во иднина) е вештачката интелигенција. Нејзините способности се толку големи што никој не може да остане рамнодушен, а ако имаме предвид дека нејзините денешни можности ќе бидат смешни во споредба со оние што ќе ги има за десет или за дваесет години, тогаш слободно можеме да кажеме дека не можеме ниту да замислиме каде ќе заврши нејзиниот иден развој. Притоа односот на јавноста кон вештачката интелигенција е поделен: на една страна се оние кои со восхит гледаат на речиси безграничните можности што ги нуди таа, а на друга страна се оние кои не само што се загрижени од опасноста многу луѓе да останат без своите работни места туку и во вештачката интелигенција ја гледаат најголемата закана за иднината на човештвото. Само времето ќе покаже дали ќе се остварат овие црни прогнози, а во оваа прилика ќе стане збор само за едно тесно подрачје на примената на вештачката интелигенција – нејзините придобивки во високото образование. Конкретно, во продолжение ќе разгледаме како вештачката интелигенција може да биде корисна во двете главни подрачја во работата на професорите – изведувањето на наставата и научно-истражувачката работа.

Како и секоја друга иновација, главната придобивка од вештачката интелигенција лежи во тоа што таа ја олеснува работата и ја зголемува продуктивноста на трудот. Оттука, ако ја гледаме светлата страна на нештата, нема сомнение дека вештачката интелигенција ќе биде многу корисна во планирањето и во изведувањето на наставата – дејност која по својата природа е трудоинтензивна, е напорна и им одзема многу време на професорите. Имено, наспроти сите досегашни технички пронајдоци, горе-долу професорската работа сѐ уште се спроведува на сличен начин како пред сто години, а тоа значи рачно. Едноставно и ден-денес професорите мора добро „да го загреат столот“ за да се подготват за предавањата, а сето тоа им одзема многу време кое тие би можеле да го употребат за некоја друга работа (на пример, за истражување).

За среќа, изгледа дека конечно и професорите си најдоа замена во работата. Денес вештачката интелигенција е способна да ги врши речиси сите работи поврзани со подготовката на наставата. На пример, алатките од типот на Decktopus, Gamma, Tome, MagicSlides итн. многу лесно и многу побрзо можат да ги состават и наставната програма и планот на предавањето. Доволно е професорот само да ја зададе темата на предавањето, а вештачката интелигенција детално ќе го организира часот наведувајќи ги поединечните точки кои ќе бидат покриени во предавањето заедно со времетраењето потребно за секоја од нив. Имајќи предвид дека професорите трошат многу време на подготовката на часот, оваа помош е повеќе од добредојдена. Уште повеќе, за нецела минута вештачката интелигенција може да ги направи презентациите кои ги користат професорите за време на предавањата. Повторно, доволно е само професорите да ја зададат темата и вештачката интелигенција ќе направи многу поубави (визуелно) и побогати (по содржина) презентации во споредба со оние што ги прават самите професори.

Оттука нема никаква дилема дека вештачката интелигенција може да биде многу корисна помошничка на професорите во спроведувањето на наставата, а придобивките ќе ги уживаат не само професорите (заштеда на време и труд) туку и учениците (поквалитетна настава). Меѓутоа, загрижените души со право ќе ја постават следнава забелешка: ако вештачката интелигенција се развива со сегашнава брзина (а ќе се развива уште побрзо), тогаш еден ден таа ќе стане способна целосно да ја спроведува наставата. На тој начин, за прилично брзо време, професорите ќе станат непотребни, односно ќе ја загубат работата.

Оваа забелешка е делумно точна зашто навистина ќе дојде денот кога вештачката интелигенција подобро ќе извршува некои професорски работи, но тоа не значи дека таа ќе ги прави сите професорски работи. На пример, голем дел од предавањата се однесува на некои лесни, основни работи за кои нема ниту смисла ниту економска оправданост да се ангажираат професори. Замислете − поединците и општеството треба да вложат еден куп пари и време за да „произведат“ доктори на науки кои потоа на студентите ќе им предаваат најосновни работи кои лесно можат да ги предаваат не само луѓето со помало образование туку тоа можат да го прават и машините (вештачката интелигенција). Оттука, ако вештачката интелигенција ги замени професорите во ваквите предавања, тоа воопшто не е лошо, туку напротив. Ако, пак, тоа значи дека некои професори ќе останат без работа, ниту тоа не е лошо зашто ако машината може подобро да извршува некоја работа, тоа значи дека човекот не треба повеќе да се занимава со неа. Впрочем, токму тоа се случува во текот на целата човекова историја: кога бил измислен тракторот, коњите и воловите биле ослободени од орањето; кога биле измислени автомобилите и камионите, магарињата и коњите биле ослободени од влечењето товар; кога бил измислен комбајнот, луѓето биле ослободени од жнеењето итн. Се разбира, поради техничкиот напредок многу занимања изумреле, но тоа е цената на напредокот и тука професорите не треба (и нема) да бидат исклучок. На пример, зарем денес некому му е жал за кујунџиите, за самарџиите и за останатите изумрени професии?

Меѓутоа, историјата нѐ учи дека, наспроти импресивниот технички напредок, луѓето не се целосно исфрлени од употреба, односно и ден-денес вршат некакви работи. Тоа се однесува и на професорите: ако вештачката интелигенција ги замени во предавањата, со тоа само се ослободува повеќе време професорите да се посветат на некои други работи: на пример, научни истражувања или работа на практични проекти за фирмите или за владините служби.

Во продолжение ќе кажеме нешто и за примената на вештачката интелигенција во научно-истражувачката дејност, а тука, пред сѐ, мислиме на големите јазични модели кои се посебен тип на генеративна вештачка интелигенција. Тие претставуваат системи на вештачка интелигенција кои се обучени да комуницираат со луѓето, т. е. да одговараат на нивните барања и инструкции. На пазарот постојат неколку големи јазични модели од кои најпопуларен е ChatGPT, а негови конкуренти се: New Bing, Bard, Claude 2 и LlaMA 2.

Вештачката интелигенција е многу корисна алатка за сите кои се занимаваат со некакви истражувања (учениците и студентите, наставниците и професорите). Имено, големите јазични модели се способни да извршуваат бројни задачи и тоа многу подобро и побрзо од кој и да било човек. Всушност, истражувачите можат да ја искористат вештачката интелигенција во сите фази на истражувачкиот процес како: поставувањето на темата, пишувањето на трудовите и на извештаите, анализата и претставувањето на податоците, извршувањето на математичките и на статистичките пресметки, пишувањето на компјутерските кодови итн. Некои од овие модели се способни да пребаруваат информации на интернет во реално време така што на корисниците им овозможуваат пристап до најновото знаење – својство со кое не може да се пофали ниту „најпаметниот“ професор на светот!

Вештачката интелигенција може да биде корисна уште на самиот почеток од истражувањето, кога истражувачот бара добра идеја од која може да се роди интересно и ново истражување. Бидејќи големите јазични модели имаат пристап до огромно количество информации, тие секогаш се подобро информирани од професорите за постоечките научни трудови, како и за потенцијалните теми за идните истражувања. Исто така, откако ќе биде завршено истражувањето, вештачката интелигенција е способна да го прочита целиот труд, да посочи на недостатоците и да даде соодветни контрааргументи и други корисни забелешки и предлози за подобрување. Уште повеќе, вештачката интелигенција може целосно да ја преземе задачата за пишување на трудот. На пример, професорот само ќе ги наведе главните негови идеи, замисли и заклучоци, а потоа вештачката интелигенција ќе ги состави речениците, ќе стави наслови и поднаслови, ќе го подобри стилот, ќе направи лектура и поправка на печатните и на граматичките грешки, ќе го преведе текстот итн. Во тие рамки, вештачката интелигенција може да ја преземе техничката работа при пишувањето на трудовите како: пишувањето на некои некреативни делови (воведот, делот во кој се дава преглед на литературата, заклучокот и списокот на користената литература). Во продолжение, вештачката интелигенција може да извршува и многу други корисни задачи како: пишување компјутерски кодови, цртање графикони и слики, поставување и решавање на математички модели итн.

Имајќи ги предвид огромните можности на вештачката интелигенција, читателите со право ќе се запрашаат: Тогаш што ќе работат професорите? И навистина, прашањето е оправдано, а одговорот на него е едноставен: професорите ќе се посветат на креативната работа која (барем засега) не можат да ја извршуваат машините. Се разбира, наведените способности на вештачката интелигенција отвораат простор за злоупотреби. На пример, неспособните или мрзливите лесно можат да паднат во искушение целата работа да ѝ ја препуштат на вештачката интелигенција. Но, во тој случај, со таквото однесување, тие самите си ја сечат гранката на која седат зашто порано или подоцна нивната неспособност ќе излезе на виделина и тие ќе го загубат угледот. Во секој случај, заканата од злоупотреба на вештачката интелигенција не е проблем на самата вештачка интелигенција, туку на луѓето кои можат да ја злоупотребат. Впрочем, историјата е преполна со примери на злоупотреба на техничките пронајдоци: првобитно огнот служел за греење и за осветлување, а подоцна луѓето се сетиле дека може да послужи и за палење села и градови (и живи луѓе); ножот и копјето биле измислени за лов (набавка на храна), а дури потоа почнале да служат за убивање луѓе; Кинезите го измислиле барутот за забава (огномети), а Западот се сетил да го употреби за убивање луѓе (со пушките) и за разурнување градови (со топовите). Оттука, во крајна мера, секогаш одговорноста е кај луѓето.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано