Економија
СРБИЈА СЕ ПРИКЛУЧИ НА ГЛОБАЛНАТА АЛИЈАНСА ЗА БАТЕРИИ
08.10.2024
Србија денеска се приклучи на Глобалната алијанса за батерии која има за цел да воспостави транспарентни, одговорни и одржливи синџири за снабдување со батерии во целиот свет. Писмото за пристапување на Србија во оваа организација, денеска беше предадено лично од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој учествува на панелот „Преговори за нова алијанса-одговорен и кружен синџир за снабдување со батериите“, која се одржува во рамките на Хамбуршката конференција за одржливост.
- Ова е одлична можност за сите нас кои се придруживме на глобалната алијанса. Кога зборуваме за добри можности секогаш е добро да се разговара за големи и важни предизвици, изјавил Вучиќ.
Тој нагласил дека пристапувањето во Глобалната алијанса за батерии е голема можност за „сите во иднината, бидејќи не станува збор само за рударење, туку и за употреба на литиумот“, пренесува „Еуроњуз“.
Глобалната алијанса за батерии (ГБА) се обидува да воспостави транспарентни, одговорни и одржливи синџири за снабдување на батериите ширум светот, изјави Свења Шулце, германската сојузна министерка за економска соработка и развој.
- Целта на ГБА е да се постави глобални стандарди за производство на батерии и да ги усогласи регулативите и да воведе „пасош за батерии“. Овој „пасош“ ќе биде дигитална копија за батериите кои содржат информации за усогласеноста со еколошки, општествени критериуми и критериуми за управување во текот на целиот животен век на батеријата, изјавила германската сојузна министерка.
фото freepic