Економија
ФРАНЦИЈА ГО ОДЛОЖУВА НАМАЛУВАЊЕТО НА БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ, дефицитот во државниот буџет ќе биде намален под три отсто од БДП до 2029
02.10.2024
Франција мора да го намали јавниот финансиски дефицит и јавниот долг, предупреди новиот француски премиер Мишел Барниер, на денешната седница на парламентот. Тој најави зголемување на даноците и намалување на јавната потрошувачка.
Според неговите процени, дефицитот во државниот буџет ќе биде намален под три отсто од БДП до 2029 година, две години подоцна од првичните проекции на француската влада.
- Нашата цел е намалување на дефицитот на пет отсто од БДП во 2025 година, изјави Барниер.
Поранешниот министер за финансии Бруно Ле Мер во септември годинава објави дека дефицитот до 2027 година ќе биде под три отсто од БДП, но и тогаш аналитичарите изјавуваа дека тоа е нереален рок.
Две третини од намалувањето на дефицитот што е планиран за 2025 година ќе се оствари со намалување на јавната потрошувачка, која претставува 57 отсто од францускиот БДП. Просекот во ЕУ е 49 отсто, пренесува „Сеебиз“.
- Јавниот долг на Франција изнесува над 3.200 милијарди евра и тоа е меч кој виси над главите на Франција и над секој Французин, изјави Барниер.
фото freepic