Економија
Finance Think: Да разбереме како изгледа сивата економија наместо да наддаваме со бројки за нејзината големина: фокус врз непријавената работа
Економија и бизнис | печатено издание | 01 септември 2024г.
Институтот за економски истражувања и политики (Finance Think) врши редовна ригорозна анализа на економските политики на Владата, базирана на податоци и на квантитативни методи. Во заедничка иницијатива со Економија и бизнис, наодите од овие истражувања ќе бидат пренесени, во кондензирана форма, во магазинот, со цел поголемо доближување на резултатите од истражувачката работа и нивната релевантност за политиките до пошироката читателска публика.
Заднина
Владата на Северна Македонија има цел да ја намали сивата економија. Во моментов активна е Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2023 − 2027 година, која го наследи изданието 2018 − 2022 година. Сепак, не е многу постигнато во реализацијата на втората: самото Министерство за финансии во 2023 година оцени дека 37 од 75 предвидени мерки во изданието 2018 − 2022 воопшто не се реализирани, додека читањето на наративите на останатите активности открива минимална или делумна реализација кај мнозинството од нив. Потенцијалните причини за таквиот исход го вклучуваат, прво, фактот дека првото издание на стратегијата постоело како панинституционална стратегија без вистински институционален сопственик со што се оневозможува силна координација и следење на извршувањето на пропишаните активности. Второ, многу активности беа слепо дизајнирани како теоретски предлози што се видени во литературата или на друго место без да се знае суштината и манифестираните форми на неформалната економија во Северна Македонија.
Прашања на кои даваме одговор и методологија
Целта на нашата студија е разбирање на еден сегмент од сивата економија: непријавената работа. Одговараме на прашањата: i) што е поголем проблем: целосно непријавените работници или нецелосно пријавените работници?; ii) колкав е дополнителниот буџетски приход што може да се прибере со целосна формализација на работата?; и iii) каде да се насочат ресурсите на властите за борба со сивата економија во делот на непријавената и нецелосно пријавената работа? Користиме метод на трудов придонес (LIM), споредувајќи ја пријавената понуда на работна сила од работниците (Анкета за работна сила) со пријавената искористеност на трудот од страна на работодавачите (структурна деловна статистика). Овој пристап ни овозможува да го измериме обемот на непријавена работа во земјава.
Слика 1: Непријавена работа како % од придонесот на трудот (по сектори)
Петтина од вкупниот трудов придонес останува неоданочена, што е еднакво на неприбрани буџетски приходи од најмалку 250 милиони евра годишно
Од вкупниот придонес на трудот во Северна Македонија, 21,1 отсто е непријавен (слика 1). Овој резултат во голема мера е поттикнат од преработувачката индустрија која сочинува најголем дел од вработеноста на набљудуваните сектори, 32,8 отсто, како и од трговијата кој е втор сектор по вработеност, 28,4 отсто. Но, тие сектори не се најголеми според уделот на непријавената во пријавената работа, иако процентите се значајни, 20,8 проценти и 10,6 проценти. Овој удел е најголем во секторите рударство и вадење камен и поправка на компјутери и лични и производи за домаќинство, 79,6 проценти и 119,3 проценти соодветно. Сепак, придонесот на овие сектори во вкупната непријавена работа е многу ограничен поради нивната мала големина (само 1,37 проценти од вкупната вработеност). Третиот по големина сектор во однос на учеството во вработеноста, градежништвото, има значителни 48,2 проценти непријавен трудов придонес, додека од спротивната страна е малиот сектор информации и комуникација со само 1,6 проценти.
Изгубените приходи од нецелосно пријавена работа се најголеми од преработувачката индустрија, а пропорционално помалку од трговијата и од хотелиерството поради нивната пониска продуктвност
Непријавената работа во просек сочинува 21,9 отсто од бруто-додадената вредност (слика 2). Овој процент е нешто поголем од непријавената работа мерена според работни часови, што значи дека работата на „црно“ е поизразена во сектори со поголема продуктивност. Проценетата изгубена БДВ поради непријавена работа изнесува 69,7 милијарди денари годишно од што државата би можела да наплати најмалку 250 милиони евра приход по основ на персонален данок на доход и социјални придонеси. Очекувано, најголемата загуба на БДВ доаѓа од најголемиот сектор, преработувачката индустрија. Од друга страна, непријавеното работење во вториот по големина сектор по БДВ, трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, претставува помал процент од БДВ, 9,1 отсто, поради пониската продуктивност на вложениот труд во овој сектор. Слично, придонесот на секторот сместување и услуги за храна е многу ограничен и покрај повисокиот процент на непријавена работа во однос на одработените часови поради пониската продуктивност на работниците во овој сектор.
Слика 2: Непријавена работа како % од вкупната бруто-додадена вредност (по сектор, лево) и изгубена и вкупна БДВ (десно)
Нецелосно пријавената работа е многу поголем проблем од целосно непријавените работници
Во преработувачката индустрија, непријавената работа во голема мера се манифестира преку работен однос, со речиси 90 проценти (слика 3). Бидејќи е тешко да се остане нерегистриран во овој сектор – и како фирма и како работник, поради фактори како потребата од фиксно место на работа и дополнителни работници, освен себе и семејството, поверојатно е дека непријавената работа во секторот се манифестира преку недоволно пријавување на платите како „плата во плик“, феномен документиран во Институтот за економски истражувања и политики (Finance Think [2017]). Во оваа поранешна студија, многу испитаници се изјаснија дека биле осигурени на минимална плата и дека примале износи колку (тогашната) минимална плата како неформална исплата за да се избегнат даноци и придонеси. Наодот е исто така усогласен со стилизираниот факт дека целосно непријавените работници – наспроти документираната непријавена работа кај формалните работници – не се чести во производството, само 2,4 отсто од вработените во овој сектор се целосно неформални.
Во градежништвото состојбата е слична, но во споредба со преработувачката индустрија, самовработувањето има поголем придонес за непријавената работа. Последново е усогласено со фактот дека градежништвото е второрангиран сектор во однос на масата на неформални работници и трет според нивното релативно учество (28,5 проценти). Наодот е дополнително конзистентен со наодите на Петрески и Петрески (2022) кои ги идентификуваа нпр. гипсарите и молерите дека обично работат како поединци или како мали групи на поединци во нудење на нивните услуги − обично на домаќинствата − целосно под радарот на властите, додека во трговијата самовработувањето има доминантен придонес кон непријавената работа надополнето со удел од семејна работа. Повторно, ова се усогласува со идентификацијата на секторот како трет по големина работодавач на неформални работници, како и со Петрески и Петрески (2022) кои документираа дека нпр. механичари на возила (кои би биле под поправка на моторни возила) или различни форми на продавачи на улици, штандови или дури и во бутици за облека (кои би потпаднале во трговија), претставуваат важен дел од нерегистрираните претпријатија.
Непријавената работа е најзастапена (29,7 проценти) во фирмите со помалку од 20 работници кои опфаќаат 42 проценти од работниците. Во фирмите со 20 до 49 работници учеството на непријавената работа изнесува 18,8 отсто, додека во фирмите со над 50 работници учеството е најниско и изнесува 13,7 отсто. Ова укажува дека непријавената работа е поверојатно да се случи во помалите фирми. Во однос на учеството во БДВ, непријавената работа е највисока во фирмите од средна големина со 20 до 49 работници, кои зафаќаат повеќе од една третина од БДВ на примерокот. Кај најмалите фирми, 25,3 проценти од БДВ се припишува на непријавената работа, што е помало во споредба со процентот во однос на придонесот на трудот, што укажува дека непријавената работа е поттикната од помалку продуктивни сектори.
Слика 3: Непријавена работа по вид на вработување (најголеми 3 сектори)
Заклучоци и препораки
Анализата го открива обемот на непријавената работа во Северна Македонија, проценувајќи ја нејзината распространетост низ секторите, големината на ентитетите и видовите вработување. Непријавената работа сочинува значителен дел од вложениот труд и бруто-додадената вредност (БДВ) при што производниот сектор доминира во овие бројки поради неговата големина и продуктивност. Интересно е тоа што различни сектори прикажуваат различни форми на непријавена работа при што во преработувачката индустрија таа главно се манифестира преку нецелосно пријавување на платите, т.н. плата во плико, додека градежништвотото и трговијата имаат значаен удел на целосно непријавени работници.
Овие наоди укажуваат дека политиките треба да се разликуваат во однос на структурата на непријавената работа. На пример, политиките за олеснување на започнувањето бизнис може да бидат соодветни во секторот трговија каде што преминот од невработеност кон самовработување ќе биде полесен и поевтин. Конкретно, иницијативите како нудење субвенционирани заеми или заеми со компонента за грантови за формализирање – добро познати во Северна Македонија – но прилагодени на овој специфичен сектор или слични активности, може да помогнат повеќе за активности како градежници од мал обем, малтерџии, сликари, механичари сервисери итн. кои сами или со својата мала група ги нудат своите услуги обично на домаќинствата, но се демотивирани да се регистрираат поради високите перципирани − не нужно реални трошоци за водење бизнис.
Од друга страна, мерките на политиките во преработувачката индустрија и градежништвото треба да вклучат поагресивен мониторинг за да се намали нецелосно пријавената работа/плата. Тоа се обично формални претпријатија, работници и дејности чие постоење е лесно да се идентификува поради нивната големина и фиксните места на работа. Сепак, нивната „плата во плико“ или други начини на манипулација со работното време предвидено во договорот веројатно се флагрантни, што бара истрајни активности на Државниот инспекторат за труд и на Управата за јавни приходи. Главните активности може да вклучуваат разбирање на начините на кои готовината се извлекува од фирмата – на законит начин – што потоа служи за дополнување на платите во плик. Оттука фокусот на работата на Владата во овие сектори не смее да биде бркање неформални работници или нерегистрирани бизниси, туку исклучиво справување со неформалните практики кои ја надополнуваат формалната работа.
Во однос на големината на фирмата, употребата на државните ресурси во борбата против неформалната економија треба да биде исклучиво насочена кон малите фирми, а потоа кон средните фирми. Големите фирми треба да бидат исклучени од овие размислувања за фокусирање и на напорите и на ресурсите.