Економија

ФРАНЦИЈА ПЛАНИРА ПОВИСОК ДАНОК НА ПРОФИТОТ ОД ГОЛЕМИТЕ КОМПАНИИ

01.10.2024

Франција ги разгледува плановите за воведување на привремени даноци на големите компании и данок при откуп на акциите. Данокот на добивка сега е поставена на ниво од 25 отсто од профитот, компаниите со годишен промет од најмалку милијарда евра би плаќале дополнителен данок од 8,5 отсто,  објави францускиот весник „Ле Монд“, кој имаше увид во плановите.

Со остварувањето на новата даночна политика, Франција ќе се врати на стапката на данок на добивка од 2017 година, откако претседателот Емануел Макрон воведе постепено намалување на даноците заради подобрување на конкурентноста на француските компании. Новиот данок може да обезбеди дополнителни приходи за државниот буџет во износ од осум милијарди евра до 2025 година.

Една од мерките кои ги разгледува министерството за економија и за финансии е како да се избегне  зголемување на данокот на доходот за да не се оптоварат претставниците на средната класа.  Во Франција данокот на доход е прогресивен  и во граница од 0% до 45% во зависност од висината на платата и се усогласува со висината на инфлацијата.

Исто така , се разгледува и опцијата за воведување на данок при откупот на акции. Со оваа одлука би биле опфатени компаниите кои ги откупуваат сопствените акции на пазарот, а потоа ги „поништуваат“ за да го намали бројот на достапни акции. На овој начин се зголемува вредноста на акциите, од кои корист имаат акционерите. Но, критичарите велат дека откупот на акции не создава вредност и дава предност на профитот во однос на вложувањето во компаниите или за подобри плати за вработените.

Се предвидува и зголемување на еколошката такса за автомобилите, а целта на овој данок е да се поттикнат граѓаните  да купуваат помалку загадувачки возила: принципот би бил колку повеќе загадува, толку поголем данок. Повисоки даноци се планираат и за краткорочните издавања на станови преку платформите за изнајмување, заради зголемување на даночните приходи и намалување на станбената криза.

Новата француска влада се соочува со дефицит во државниот буџет кој изнесува околу шест отсто од БДП. Францускиот јавен дефицит во 2023 година достигна 154 милијарди евра  или 5,5 отсо од БДП. Во 2022 година дефицитот беше 4,8 отсто и 6,6 отсто во 2021 година. 

Јавниот долг на Франција изнесува 110,6% од БДП на крајот на 2023 година и 111,9%  на крајот на 2022 година.

Во јули годинава ЕУ ја повика Франција и шест други земји да спроведат неопходни чекори за намалување на преголемиот јавен дефицит. Во оваа група на земји се: Белгија, Италија, Унгарија, Малта, Полска и Словачка кои го надминале лимитот од три отсто од БДП, што е определен со Пактот за стабилност и раст на ЕУ 2023 година, пренесува „Инвеститор.ме“.


фото freepic 

 

ПРЕПОРАЧАНО