Општество
НЕРЕФОРМИРАНИОТ ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ НÈ ОДДАЛЕЧУВА ОД ШАНГАЈСКАТА ЛИСТА
Автор: Митко Јовановски, новинар во Економија и бизнис
30.09.2024г
Донесувањето на националната стратегија за образование во која ќе се постават принципите за создавање на квалитетен образовен систем во земјава е стожерниот документ од кој ќе произлегува новата „фаза“ во реформирањето на образованиот систем. Според најавите, промените ќе се одвиваат паралелно во основното, во средното и во високото образование и тие треба да придонесат за современ образовeн процес и за подобрување на статусот на просветните работници. Крајната цел на образовните реформи е стекнување на подобри знаења од страна на учениците и на студентите, но и позасилена научна дејност кај просветните работници. Од Министерството за образование и наука најавуваат дека со новата национална стратегија која би се применувала од 2026 година ќе се надминат сегашните слабости во образовниот процес на сите нивоа, кои резултираат со продукција на кадри со недоволни знаења, со што нема да можеме успешно да се соочиме со предизвиците од новата технолошка револуција која се случува во светот.
Клучното прашање е дали со новите образовни реформи земјава конечно ќе успее да се појави и на повисоките места на меѓународните рангирања по знаење на учениците и на студентите и секако позабележителни научни остварувања на професорскиот кадар. Сегашната состојба во која се наоѓа македонското образование не е охрабрувачка. Со ваквата оцена се согласуваат експертите, професорите, но и претставниците на власта и креаторите на образовните политики.
НÈ НЕМА МЕЃУ ТОП 1 000 УНИВЕРЗИТЕТИ
Нашите ученици постигнуваат потпросечни резултати на меѓународни тестови како ПИСА. Уште полошо стоиме на рангирањето на македонските факултети и на универзитетите во остварување на научни трудови и сл. Најилустративен приказ за тоа е Шангајската листа на која нема ниеден универзитет од земјава во првите 1 000 најдобри во светот. Но, затоа на листата има универзитети од регионот. Белградскиот универзитет е најдобро рангиран и се најде на позиција меѓу 401. и 500. место. На позиција меѓу 401. и 500. место се најде и Универзитетот во Загреб. Универзитетот во Љубљана е позициониран меѓу 501. и 600. место. Универзитетот во Нови Сад се задржа на позиција меѓу 901. и 1 000. место. Истовремено на листата оваа година се најдоа шест грчки универзитети, меѓу кои најдобро рангиран е Атинскиот меѓу 301. и 400. место. Освен македонски, на Шангајската листа нема ниеден универзитет од Бугарија и од Албанија. На врвот на најновото рангирање на универзитетите во светот во 2024 година на Шангајската листа и натаму се универзитетите од САД − Харвард, Стенфорд и Институтот за технологија Масачусетс (МИТ).
Првите петнаесет универзитети според Шангајската листа

Според оцените на Горан Петревски, професор на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, состојбата во високото образование не е различна од целокупната состојба во македонското општество, но како што нагласува тој „најдобро ја изразуваат меѓународните рангирања кои јасно покажуваат каков е квалитетот на македонските универзитети“.

Политиката на „евтино образование за сите“ ќе нѐ остави заглавени во калта, Горан Петревски, професор на Економскиот факултет во Скопје
− Нема сомнение дека на македонското образование му треба сеопфатна и радикална реформа. Притоа наталожените проблеми се толку бројни и големи, што никако не можат да се решат за две-три години. Тоа значи дека реформата на високото образование (и на образованието воопшто) би траела најмалку 10 до 15 години. Оттука првиот предуслов за каква и да било реформа е да се постигне широк општествен и политички консензус, т. е. реформата не може да ја спроведе само тековната влада, туку таа задача ќе остане и за идните влади. Тоа, пак, бара високото образование да престане да им служи на политичарите како средство за остварување политички поени, туку кај нив треба да има визија за долгорочните ефекти од таквиот зафат. Се разбира, сето тоа е тешко да се постигне, а имајќи ја предвид политичката состојба во Македонија (длабоката национална и политичка поделеност и политичкиот клиентелизам), мислам дека тоа е невозможно, вели професорот Горан Петревски.
Реформата мора да биде сеопфатна и да ги вклучи: финансирањето на образованието, конкуренцијата, критериумите за избор на професорите и материјално-техничките услови, нагласува нашиот соговорник.
− Од една страна, современото образование е скапо, тоа значи дека политиката на „евтино образование за сите“ ќе нѐ остави заглавени во калта. Од друга страна, глобализацијата нема да ги одмине ниту македонските универзитети, што значи дека или тие ќе фатат приклучок со меѓународните стандарди или нивната иднина ќе биде мрачна, додава Петревски.
ФИНАНСИРАЊЕ НА НАУЧНИ ИСТРАЖУВАЊА БЕЗ КРИТЕРИУМИ
Квалитетот во високото образование се мери според три категории: истражување, настава и мисија и врски со заедницата и со индустријата, патенти и слично, посочува Марјан Бојаџиев, професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје, кој речиси цела декада е евалуатор за бизнис-школи во рамките на меѓународната акредитација ACBSP.
− Во сите позначајни рангирања Македонија стои лошо. Најпознати три мерења се: QS, Times Higher Education и Jiao Tong Academic Ranking of World Universities. Според ARBU, УКИМ e 11. во регионот. УКИМ Скопје има 12,5 пати помалку цитирани трудови од Загреб, 6,3 пати помалку од Белград и 5,4 пати помалку од Љубљана. Генералната оцена за состојбата на македонското високо образование е дека тоа е во процес на „слободен пад“. Ако во СФРЈ нашиот УКИМ беше 4. или 5. универзитет, денес се пред него универзитети што ги сметавме за длабока провинција, како на пример, Крагуевац или Ниш, ни изјави професорот Бојаџиев, кој држи настава на повеќе меѓународни универзитети (Индија, Словенија, Холандија) и е визитинг професор на Универзитетот Тор Вергата во Рим.
Рангирање на универзитетите во регионов според АРБУ

Според Министерството за образование и наука „поразителен е фактот дека Македонија никогаш немала свои универзитети меѓу најдобрите 100, ниту меѓу најдобрите 1 000 во светот“.
− Потребен е ангажман на повеќе засегнати страни и затоа е во фаза на формирање ново национално координативно тело за реформи во високото образование со кое ќе управува МОН и во кое ќе има претставници на универзитетите и на научните институции, на МАНУ, на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, на бизнис-заeдницата и на граѓанскиот сектор. Ова тело ќе направи детална анализа на состојбата и ќе даде препораки по кои во иднина ќе се водиме сите за да обезбедиме поголема конкурентност на високото образование во Македонија во глобални размери, ни изјавија од Министерството за образование.
За разлика од други универзитети во земјите од нашето поблиско опкружување, од земјава нема ниеден на Шангајската листа на сто најдобри универзитети. Според Бојаџиев, причините за ваквата состојба во високото образование се должи на неколку фактори.

Во сите позначајни рангирања Македонија стои лошо, Марјан Бојаџиев, професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје
− Во 2018 година се донесе Законот за високото образование со кој, де факто, Владата се исклучи од какви било ингеренции, освен да дава пари. Сите ингеренции се префрлија на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, како и на Агенцијата за квалитет во високото образование. Проблемот е што Националниот совет кој беше формиран е оставен без соодветни простории, буџет и стручен кадар. Еден од проблемите е погрешното решение зафинансирањето на високото образование кое е на ниско ниво. Ние останавме на некој соцреалистички модел во кој секој финансира сѐ. Дополнително, новиот Закон за високото образование пропиша плати на прилично високо ниво, во однос од 4 до 6 минимални плати за универзитетски наставници. Ова на прв поглед изгледа супер. Но, суштинскиот проблем се состои во тоа што секое финансирање без критериум е промашување. Зошто да финансираме професор што никому не предава? Зошто да финансираме професор што ништо не публикува? Во сегашната состојба во образованието македонските истражувачи, кои се херои на нашето високо образование, водат донкихотовска битка. Без поддршка, без финансирање, без системски напор − и не може да се стори нешто повеќе. Во ТОП 100 истражувачи во регионот (екс Југославија плус Албанија) имаме само тројца од Македонија, потенцира професорот Бојаџиев.

НОВ ЗАКОН ЗА ОБРАЗОВАНИЕ
Едно од решенијата за подобрување на научниот ранг на македонските универзитети е доследна примена на законското решение, односно обврската за професорите да објавуваат истражувачки студии во академски списанија со импакт фактор. За ова прашање во МОН ни одговорија дека се во процес на изработка на нов закон за високо образование и во моментов се прибираат предлози и сугестии од страна на академската и на научната заедница во државава. Набргу ќе следуваат и измени на Законот за научно-
-истражувачка дејност. Нацрт-верзиите на законите ќе бидат јавно објавени со цел да се креираат решенија со кои сите досегашни предизвици ќе се надминат.
Заради спроведување на образовните реформи, новата влада најави дека ќе ги зголеми буџетските средства наменети за образованието на 5 % од БДП за време на мандатот на новата влада. Со наредната буџетска година, како што ни изјавија во МОН, се креираат, односно ќе се спроведуваат образовните политики за што веќе правиме проекции на буџетот за 2025 година и зголемувањето во споредба со сите досегашни буџети очекуваме да биде драстично.
− Мора да има и ќе има средства за повисоки плати за вработените во образованието, за повеќе и покрупни инфраструктурни проекти, за изработка на нови наставни програми и нови квалитетни учебници и воопшто за реализација на сите останати мерки и активности од програмата за работа на новата влада во делот на образованието и на науката, ни изјавија од МОН.
Со овој текст, Економија и бизнис се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“ кој е поддржан од Британската амбасада.