Lifestyle

ФИЛМ: ПАДНАТИ ЛИСЈА

Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2024г.

Во денешен Хелсинки, Анса и Холапа се две осамени души кои случајно се среќаваат во караоке бар и се обидуваат да изградат врска. Нивниот пат до среќата е поплочен со пречки, од изгубени телефонски броеви до погрешни адреси, алкохолизам и сиромаштија... и едно шармантно куче скитник.
„Паднати лисја“ (Fallen Leaves [Kuolleet lehdet]) ја имаше својата светска премиера на минатогодишниот Кански филмски фестивал каде што ја освои наградата на жирито. Тоа е 20-тиот долгометражен филм на Аки Каурисмаки (Aki Kaurismäki) и продолжение на неговиот пролетерски серијал кој ги вклучува „Сенки во рајот“ (1986), „Ариел“ (1988) и „Девојката од фабриката за кибритчиња“ (1990). Главните улоги ги играат Алма Појсти (Alma Pöysti) и Јуси Ватанен (Jussi Vatanen).
Како е возможно? Финска е најсреќната земја во светот. Шеста година по ред. Тоа е резултатот од неодамна објавениот извештај на Мрежата за решенија за одржлив развој која работи под покровителство на ОН. До неодамна Финска ја имаше една од највисоките стапки на самоубиство во светот поради употребата на алкохол и на антидепресиви. Во ред, Финска е една од првите земји која го воведе флексибилното работно време. Нашите од јавната администрација го имаат со години, но бадијала, ние сме рангирани на 84-то место. Финскиот претседател неодамна изјави дека природата, довербата и образованието се клучните причини за успехот на земјата. Во финската култура постои фраза која отприлика вели „Кој ја нашол среќата − треба да ја скрие“, која не значи дека луѓето треба да ги кријат своите емоции, туку упатува на скромност и на тивко задоволство. Како воопшто се мери среќата? Не сум експерт, Финска ја познавам најмногу преку филмовите на Аки Каурисмаки, а тие егзистираат во една посебна димензија, реалност, во која среќата е скриена на најнеочекувани места. Таа е тивка и неизречена, но удира силно и длабоко.
Се запознав со филмовите на Аки Каурисмаки многу одамна, уште во студентските денови. Имав несекојдневна привилегија да делам биртија со него, онаква, налик на оние од неговите филмови. Често се навраќам на неговите постари наслови кога не знам што да гледам. Постои извесен афинитет, чувство на препознавање и некоја фамилијарност кoja најчесто има ефект на топла другарска прегратка која сè уште не можам целосно да си ја објаснам. Можеби воопшто и не треба. Трпеливо чекав и редовно проверував кога филмот ќе се појави на интернет. Кога денот конечно дојде − мало разочарување, титлови со превод сè уште не беа достапни. Набргу сфатив дека сум се разгалил и решив дека ништо нема да ми го расипе празникот. Во 90-тите, кога спасот го баравме во сателитските антени, не ми беше никаков проблем да го гледам „Девојката од фабриката за кибритчиња“ со германски титлови. Со тоа што филмот беше речиси без дијалог. Аки Каурисмаки отиде чекор понатаму кога во 1999 година го направи „Јуха“ (Juha), последниот нем филм во минатиот век. Искуството да се гледа филм без превод може да биде посебно. Имагинацијата ги пополнува празнините и ги пишува дијалозите. И тогаш, на среде филм, прекрасно откритие и музичка катарза. Типичен Каурисмаки локал со задушени црвени светла. Скаменета публика која внимателно слуша. Во средина настапуваат две русокоси девојки во карактеристичен мртов ладен (deadpan) манир. Додека да ги дочекам титловите со превод, имам нова опсесија. Нивното име е Маустетутет (Maustetytöt [превод на англиски: Spice Girls]), современо поп-дуо од Хелсинки. Песната е насловена „Syntynyt suruun ja puettu pettymyksin“ („Родена во тага и облечена во разочарување“).
Првата строфа оди вака:
Мувлосано кафе во лонче
и садови на подот
дождот ги исплакнува прозорците
не мора јас да ги чистам
ништо повеќе не ме спречува да заминам.

Не постои режисер што ја третира музика во филмот како што тоа го прави Каурисмаки. Но, овде сме на следно ниво, ова е спојка од соништата (match made in heaven). Си го замислувам Аки како им ги снима видеоспотовите за следниот албум.
Откако Анса го поканува Холапа на вечера, таа оди да купи една дополнителна чинија и прибор за јадење. Тоа е врвот на осаменоста. Кога се соочуваме со ликовите на Каурисмаки го живееме нивното протерано, маргинално и длабоко осамено постоење. Овие прекрасни кутри души живеат од ден за ден, најдобро што можат. Во апсолутна егзистенцијална несигурност, во монотонијата на повторувањата, меѓу фабрики, супермаркети, скромно уредени станови, улици под сиво небо и забутани барови во предградија. Токму од овие длабоки маргини и од споделувањето на заедничките маки процветуваат највозвишените чувства: длабоко меѓусебно разбирање, споделување на афинитети, братства, пријателства, љубови…
Во киното на Каурисмаки непретенциозно провејуваат траги и љубовни омажи на мелодрамите на Даглас Сирк, етиката на Роберт Бресон, естетиката на Годар, мртволадниот манир на побратимот Џармуш, нежноста на Чаплин и многу други филмски влијанија. Но, доволен е еден кадар да се препознае неговиот авторски печат и неговата уникатна визија на светот. Аки Каурисмаки е тој автор: ироничен, очајно романтичен, тврдоглаво минималистичен, искрен и инволвиран. Ги сака своите ликови, дури и кога ги малтетира. Опусот на Аки Каурисмаки е портал кој нè води во паралелна филмска димензија. Во неа приказната, формата и животот битисуваат во апсолутна едноставност и хармонија.

ПРЕПОРАЧАНО