Економија

МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА СО РАСТ ОД 2,3 ОТСТО, растот на БДП во вториот квартал се должи на порастот од 9,5 отсто во секторот уметност,забава и рекреација...

04.09.2024

Стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во Македонија во второто тримесечје од 2024 година е 2,3 отсто, покажуваат  проценетите податоци на Државниот завод за статистика.

Во второто тримесечје од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите Уметност, забава и рекреација; Други услужни дејности; Дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 9,5 отсто. Во секторите  Стручни, научни и технички дејности; Административни и помошни услужни дејности растот е 8,7 отсто.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во второто тримесечје од 2024 година, номинално расте за 4,7 отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 74,5 отсто.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е намален за 3,4 отсто,  а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 5,2  отсто.

Реалните стапки на раст на бруто-домашен производ според производниот метод, во вториот квартал годинава,  во секторот земјоделство, шумарство и рибарство е минус 3,2 отсто, во рударството и вадење камења  минус 2,1 отсто. Секторот градежништво во наведениот период забележал раст од 5,1 отсто и трговијата на големо и мало за 5,8 отсто.

Бруто-инвестициите во второто тримесечје од 2024 година бележат зголемување во делот на бруто инвестициите во основни средства, а намалување во промената на залихите, објави денеска ДЗС.


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано