Економија

Елвира Набиулина – жената која ја спаси руската економија

Љупчо Поповски | Авторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2024г.

Гувернерот на централната банка е клучниот лик како Русија успеа да ги преживее западните санкции. Па дури и да закрепнува. Набиулина е една од ретките што може искрено и отворено да зборува со Владимир Путин и да му каже што не ѝ се допаѓа.



Можеби фотографијата избледела од сеќавањата. Четири дена по инвазијата на Русија на Украина, на 24 февруари 2022 година, на долгата 12-метарска маса кај рускиот претседател Владимир Путин беа дојдени на реферирање неколку лица од економските сектори (на чело со премиерот Михаил Мишустин) за да се разгледа ситуацијата по објавените големи санкции на Западот. Путин беше на едната страна од масата, а од другата страна, далеку од него, беа луѓето што требаше да го подготват економскиот одговор на тешката ситуација. Последна на масата седеше Елвира Набиулина, гувернерот на централната банка. Сите беа со скаменети лица. По задача на Путин, тие требаше да го најдат одговорот како Русија да излезе од неверојатно комплицираната ситуација.
Елвира Набиулина беше единствената жена во тоа друштво, но развојот на настаните во економијата покажа дека таа е клучот за спас на руската економија.
Руската економија требаше да имплодира и да пропадне. Но, тоа не се случи. Тековната економска отпорност на Русија ги вознемири западните држави, но нивната реакција не е насочена само кон рускиот претседател Путин, поранешен шпион на КГБ со империјални амбиции. Таа е насочена и кон жената зад него: Елвира Набиулина, гувернерот кој игра главна улога во одржувањето на воената економија на Русија.
„Набиулина беше многу ефикасна во стабилизирањето на руската економија и покрај огромниот економски притисок од санкциите“, изјави за „Бизнис инсајдер“ Даниел Мекдауел, професор на Универзитетот Сиракуза, специјализиран за меѓународна политичка економија. Тој ѝ дава заслуга на нејзината контрола на капиталот и монетарната политика за стабилизирање на рубљата и нејзиниот потег да ја оддалечи Русија од употребата на западните валути во меѓународната трговија.
„Иако животниот стандард во Русија опадна по санкциите, условите веројатно би биле многу полоши да не беа нејзините паметни одлуки“, вели Мекдауел. „Мислам дека е фер да се каже дека таа ја пишува книгата за тоа како да се одговори на притисокот од надворешни санкции.“

Константа во претседателскиот круг
Блумберг и „Економист“ пред неколку месеци објавија големи написи за Набиулина во рок од една недела. Изворите на агенцијата и на магазинот забележуваат дека во рускиот политички систем Набиулина е една од ретките што може искрено и отворено да зборува со Владимир Путин, кажувајќи „што не ѝ се допаѓа“. Блумберг ја нарекува шефицата на централната банка „константа“, која остана блиска со претседателот во изминатава деценија, и „аномалија што Путин се обидува да ја заштити“.
Сепак, управувањето со „воената машина“ во контекст на зголемените трошоци ја прави работата на Набиулина сè потешка, а иднината на руската економија изгледа сè понеизвесна по војната.
Путин „ги цени и им верува на советите на Набиулина“ и го гледа нејзиното присуство како можност за балансирање на неговиот економски тим, чии основни членови активно ја поддржуваат воената реторика, велат изворите на Блумберг. Меѓу овие членови, агенцијата посочува дека министерот за финансии Антон Силуанов е човекот кој зборува за „буџет за победа“.
Според поранешниот прв заменик-гувернер на централната банка, Олег Вјугин, Путин верува дека Набиулина е неизвалкана од корупција и покажува резултати во многу кризни години. „Елвира има ексклузивно право да зборува отворено за ситуацијата, а тој тоа го прифаќа“, смета Вјугин.
Друг од колегите на Набиулина, висок функционер кого Блумберг не го именуваше, ја опишува шефицата на централната банка како „принципиелен идеалист кој продолжува да игра според правилата, дури и кога старите правила веќе не важат“.
„Таа е член на тимот на Путин кој јасно ја исполнува својата улога, но има поголем степен на слобода од Владата“, смета Вјугин. Во исто време, како што забележува тој, Набиулина „има способност да биде независна благодарение на својот карактер“. Сепак, како што пишува Блумберг, тоа не значи дека шефицата на централната банка е неранлива на критики.
Откако Русија започна целосна инвазија на Украина, Набиулина му се обрати на својот персонал со зборови за „целосно нестандардна ситуација“ што „никој не ја сакаше“ и ги повика да ги „остават настрана сите несогласувања“ за да им „помогнат на колегите“ и да работат. Според Блумберг, во разговор со персоналот во исто време, Набиулина оценила дека главната мисија на централната банка е спречување на економски колапс што, според неа, може да доведе до политички хаос како по распадот на СССР во 90-тите години на минатиот век.

Барањата на „воената машина“
Во првите месеци по почетокот на војната, Набиулина успеа да им помогне на руските банки да го ублажат почетниот шок од санкциите и падот на приходите од нафта и од гас, а нејзината „макроекономска агилност“, како што пишува „Економист“, му даде можност на Путин да ги зголеми воените трошоци. Сепак, до август 2023 година, економската отпорност на земјата, според надворешните знаци, „се намалуваше“, забележува магазинот.
По остриот пад на рубљата, која ја премина психолошки важната граница од 100 рубљи за долар, еден од најголемите јастреби во медиумите, ТВ-водителот Владимир Соловјов, остро ја критикуваше централната банка во својот етер, барајќи да ѝ „објасни на земјата“ што се случува. „Што се случи за стапката да е ваква? [Централната банка] дури и не објаснува зошто, по ѓаволите, стапката скока толку многу што сега сите во странство ни се смеат“, извикуваше Соловјов.
Четири дена подоцна економскиот советник на Путин, Максим Орешкин, во написот објавен од агенцијата ТАСС директно ја обвини централната банка за падот на рубљата и нејзината премногу мека монетарна политика, изразувајќи мислење дека банката требало да ја зголеми стапката. „Се чини малку веројатно дека две такви високи политички фигури би ја нападнале Набиулина без барем премолчена поддршка од Кремљ“, забележува „Економист“.
Но, барањата на „воената машина“ и постојано менувачкото влијание на санкциите ја отежнуваат работата на Набиулина, пишува „Економист“, истакнувајќи дека централниот банкар мора да ја зацврсти економската и политичката конфигурација, што ја оддалечува Русија од нејзините рани соништа за регулиран слободен пазар.
Поранешниот претседател на централната банка Сергеј Дубинин, кој беше на чело на банката до 1998 година, забележува дека со годишното зголемување на воените трошоци на централната банка ќе ѝ биде сè потешко да ја контролира ситуацијата. Сепак, политиката на банката, како што пишува „Економист“, е клучна за одложување на колапсот со кој би можела да се соочи руската воена економија. Почетокот на демилитаризацијата ќе повлече сериозна криза: секој кој работи во воено производство ќе мора да биде отпуштен; ова ќе биде советскиот ефект, втор дел.
Според извори на Блумберг, Набиулина најверојатно ќе биде „безбедна“ на својата позиција до крајот на нејзиниот мандат кој истекува во 2027 година. Самата Набиулина, како што пишува „Економист“ повикувајќи се на „ширењето гласови во руските деловни кругови“, редовно се обидува да поднесе оставка, но нејзините барања не се одобрени. Изворите на магазинот сугерираат дека би било опасно за неа да ја напушти функцијата пред Путин да се согласи.

Вино и вечери со европската елита пред војната
Пред само неколку години, Набиулина се сметаше за либерал, дури и меѓу упатените во Кремљ. Изгледа дека елитата во Брисел гледаше на Набиулина како на своја. Во 2018 година, Кристин Лагард, тогашниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, ја пофали Набиулина − колешка љубител на операта − како креатор на политика што „може да го натера централното банкарство да ’пее‘“.
Денес 60-годишната Набиулина е исто толку отпадничка во западниот свет како и Путин. Таа е санкционирана од САД и од Велика Британија.
Многу од економистите и од аналитичарите кои некогаш сакаа да зборуваат со неа, ѝ вртат грб на жената која ја одржува во живот руската економија − со што му помогна на Путин да го обезбеди својот петти мандат како претседател.
Андерс Аслунд, шведски економист кој е специјализиран за руската економија, во март 2022 година напиша во „Москва тајмс“: „Никогаш не сум ја слушнал како го крева гласот. Тешко е да не ја сакаш.“
Таа има извонреден пат во највисоките ешалони на руската влада.
Родена во индустрискиот град Уфа во Централна Русија, Набиулина е од семејство на етнички Татари − малцинска група во Русија. Нејзиниот татко бил возач, а нејзината мајка работничка во фабрика.
Растејќи во 70-тите години на минатиот век, таа студираше француски јазик, уживаше во класичната музика и читаше класици − Лав Толстој, Фјодор Достоевски и Франц Кафка, рече нејзиниот сопруг Јарослав Кузминов во 2013 година, објави Блумберг.
Набиулина се запознала со Кузминов − основачот на Вишата економска школа, престижна институција − во 80-тите години на минатиот век кога тој предавал на Московскиот државен универзитет каде што студирала економија. Имаат еден возрасен син.
Токму на Московскиот државен универзитет Набиулина се сретна со западните економски концепти кои би ѝ се покажале корисни во променливата постсоветска економија.
Во 1991 година, според нејзината официјална биографија, таа работела како економист во Одборот на научно-индустрискиот сојуз на СССР. Во 1994 година, таа се приклучи на Одделот за реформи на Министерството за економија.
Таа ја напушти јавната служба во 1998 година и повторно ѝ се приклучи на Владата во 2000 година како прв заменик на Герман Греф − актуелниот извршен директор на рускиот банкарски гигант Сбербанк, кој е познат и како либерал и кој тогаш беше министер за економија на Русија. Во 2003 година, Нибиулина ја напушти позицијата во тинк-тенк организација и беше поканета од Путин да го замени Греф како министер за економија во 2007 година. Таа покана била изненадување за неа, објави Блумберг во 2013 година, цитирајќи ги нејзините колеги.
Поканата означи пресвртница во нејзината кариера. Дотогаш таа беше навикната да игра споредна улога. Нејзиното преместување во водечка улога беше зацврстено во 2013 година кога Путин ја постави за шеф на централната банка.
Како и многу шефови на централни банки во светот, Набиулина е попозната во финансиските кругови отколку меѓу општата популација. Таа, исто така, се чини дека останува подалеку од центарот на вниманието, освен ако не зборува за нејзината работа.

Меѓународна ѕвезда меѓу гувернерите
Назначувањето на Путин на Набиулина на улогата на главен централен банкар во 2013 година ја исфрли како меѓународна ѕвезда. Во тоа време, таа беше првата жена што ја предводеше централната банка во Групата осум, или Г8.
Набиулина му ја докажа својата вредност на Путин една година подоцна, во 2014 година, кога Москва го анектираше Крим, а Набиулина ја закрепна руската економија од западните санкции. Поради анексијата САД и другите сили ја исфрлија Русија од Г8, која пак стана Г7, но Набиулина сепак стекна меѓународна почит и признание меѓу нејзините професионални колеги во годините по интеграцијата на руската економија во глобалниот систем и модернизирање на централната банка на земјата.
Во 2015 година, „Еуромани“, публикација за финансиска трговија, ја прогласи Набиулина за гувернер на годината. Во 2017 година, „Банкер“ ја прогласи за централен банкар на годината за Европа.
Таа е опишана како ефикасна, прагматичен професионалец и неидеолошка.
Но, критичарите, сепак, тврдат дека таа е само уште една пријателка на Путин. Има и такви − како Аслунд, шведскиот економист − кои велат дека нејзиното искуство како централен банкар не е толку одлично.
Откако Русија ја започна војната во Украина, Набиулина беше доволно потресена за да сака да ја напушти работата, објави Блумберг на 23 март 2022 година, цитирајќи четворица неименувани лица кои знаеле за дискусиите.
Путин ја одби нејзината оставка, а Набиулина остана на нов петгодишен мандат. Таа се чини дека е многу ефикасна во тоа досега.
БДП на Русија порасна за 3,6 % во 2023 година. Меѓународниот монетарен фонд очекува нејзината економија да порасне за 2,6 % оваа година. Невработеноста е околу рекордно ниско ниво, а платите растат.
Секако, не е сè добро во руската економија. Воените трошоци и владините субвенции го водеа голем дел од растот на Русија во последните две години. Земјата, исто така, доживува недостиг на работна сила поради воената регрутација и одливот на мозоци.
Но, Набиулина досега, исто така, успеа да повлече различни лостови, како што се оние за каматните стапки и контролата на валутата, во корист на економијата.
За многумина таа сега е соучесник во војната на Путин кој користи тврдокорни тактики за да ја задржи економијата да работи. „Да се биде во тимот на Путин значи дека ги споделувате неговите вредности, ги споделувате неговите принципи и сте му енормно лојални“, изјави Сергеј Алексашенко, поранешен врвен руски централен банкар, за „Фајненшл тајмс“ во декември 2022 година.
Јасно е дека Путин ѝ верува на Набиулина. Владините претставници се судрија со неа за нејзината политика, но рускиот лидер остана со неа и јавно ја поддржа уште пред да започне војната.
Тешко е да се знае што мисли Набиулина за нејзината улога во поткрепувањето на власта на Путин. Таа е позната по тоа што ги пренесува своите мисли преку нејзините брошеви и облека, па некои аналитичари го прочитаа нејзиниот „погребен црн“ кодекс на облекување неколку дена по војната како сигнал за тага и личен отпор кон конфликтот.
Таа, понекогаш, беше поискрена од повеќето руски официјални претставници за состојбата на економијата на земјата погодена од санкциите. Во април 2022 година, Набиулина рече дека руските резерви не можат да траат вечно. Во декември таа издаде предупредување дека руската економија е во опасност од прегревање.
И покрај тековната војна, економијата на која ѝ помогнала сега се чини дека има некаков привид на нормалност за обичните Руси. Набиулина повторно оди во опера.
На крајот на јули, во своето излагање во Советот на федерацијата на Русија, Елвира Набиулина рече дека економијата на државата е во „бурни непознати води“ поради влијанието на западните санкции и тековната војна во Украина.
Од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, Русија доживеа огромен егзодус на таленти и на капитал.
Според Руската централна банка, над 253 милијарди долари приватен капитал ја напуштиле земјата, а проценките сугерираат дека до еден милион висококвалификувани работници емигрирале, според „Фајненшл тајмс“. Ова бегство на капитал сериозно ја попречува способноста на Русија да иновира и да одржува технолошки и економски раст.
Набиулина, се разбира, не може да ги реши овие проблеми. За тоа е потребна не само економска умешност туку, пред сѐ, и политичка антиципација на работите. На пример, до каде може да се оди со војната во Украина? Додека Путин не биде задоволен од победата? А во исто време државата е економски девастирана затоа што сега нејзината економија главно се крепи од военото производство.
На таа средба Елвира Набиулина рече: „Нашиот брод влезе во многу бурни незабележани води, но океанот е сè уште океан, кормилото е во наши раце и треба цврсто да го отвориме патот до целта.“
А океанот навистина сѐ уште е океан.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано