Економија
ПАЗАРОТ НА ТРУД ВО САД СЕ „ЛАДИ“, ревизијата покажува помалку новоотворени работни места од претходно пријавените
22.08.2024
Пазарот на труд во САД е многу послаб од тоа што се претпоставуваше. Ревизијата на податоците во периодот од лани до крајот на првиот квартал во 2024 година, покажува 818.000 помалку нововработени лица од податоците кои ги објави државната статистика, соопшти Министерството за труд.
Годинава има најголема разлика во податоците од 2009 година и тие откриваат дека пазарот на труд во САД се „лади“ многу повеќе од проценките. Реално американската економија вработувала секој месец нови 174.000 лица, а тоа е помалку од првобитно пријавените нови работни места од 242 илјади.
Најголемото намалување на вработените е забележано во „професионалниот и деловен сектор“, односно во канцелариските дејности. Во трговијата, угостителството и рекерацијата имало помалку нововработени од тоа што се проценуваше. Производниот сектор ги надмина проекциите за вработување за 115.000 работни места. Во сообраќајот, услужниот сектор и здравството имаат повеќе вработувања од предвидените проекции, пренесува „Нова економија“.
фото freepic