Економија
КОИ СЕ МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ СО НАЈВИСОКА ОСТВАРЕНА ДОБИВКА, кои котираат на Македонската берза?
09.08.2024
Во првите шест месеци од годинава 66 друштва кои котираат на Берзата оствариле вкупна добивка од 198,7 милиони евра или 12.225.946.830 денари. Остварените финансиски резултати на компаниите за годинава се подобри за 23,48 отсто во споредба со истиот период лани. Во првата половина на 2023 година 67 компании имале заедничка добивка од 9.901.006.837 денари, односно 160,9 милиони евра. Годинава во заедничкиот профит најголем удел имаат седум банки, кои учествуваат со 53,6 отсто од остварената добивка.
Од 93 друштва на Македонска берза позитивни резултати имаат 66, а 22 работеле со загуба, едно не приложило извештај, а четири се долгорочно суспендирани.
Според официјалниот преглед на финансиските резултати доставени до Македонската берза, вкупната полугодишна загуба на овие компании изнесува 436.883.976 денари (7,1 милион евра). Лани во истиот период негативното салдо изнесувало 774.845.249 денари (12,5 милиони евра).
Банките во Македонија оствариле раст на заедничката добивка од 25,62%. Вкупната добивка кај седумте банки што котираат на берзата е 6.554.231.322 денари (106,5 милиони евра). Најголем скок на добивката има кај Комерцијална банка (42,16%) и со остварена добивка од 46 милиони евра. НЛБ Банка АД Скопје оставри нето добивка од 1.641.262.000 денари или раст од 13,10%. Стопанска банка АД Скопје има добивка од 1.783.826.000 денари или раст од 18,95%.
Заедничкиот нето-профит во 26 компаниите од индустријата и во услуги изнесува 1.842.341.966 милиони денари (околу 30 милиони евра) и раст на добивката од 80,45%. Од 35-те друштва од дејноста индустрија, осум работеле со загуба. Највисок раст на добивката од индустриските компании искажан во проценти оствариле: БИМ АД Свети Николе со 224,48%, Витаминка АД Прилеп 140,02 % и Рудници Бањани АД Скопје со раст на добивката од 649,12%.
Компаниите од трговијата кои котираат на Македонската берза оствариле нето добивка од 364.179.253 денари или раст од 163,74%. Највисока добивка од трговските компании прикажал Скопски Пазар АД 343.844.000 или раст за 470,02%.
Компании со највисок раст на нето добивка (во проценти) за периодот 01.01.- 30.06.2024, по дејности во денари
Рудници Бањани Скопје (индустрија) 854.000 (649,12%)
Скопски Пазар Скопје (трговија) 343.844.000 (470,02%)
Фабрика Карпош Скопје (градежништво) 25.712.000 (395,51%)
Лотарија на Македонија Скопје (услуги) 3.511.000 (198,30%)
ОКТА Скопје (трговија со нафтени деривати) 99.007.561 (166,03%)
Македонијатурист Скопје (угостителство) 56.345.800 (43,52%)
Комерцијална Банка Скопје (банкарство) 2.849.214.000 (42,16%)
ЗК Пелагонија Битола (земјоделство) 32.448.000 (19,51%)