Економија
МЕПСО сe задолжи со 26,4 милиони евра за да ја зајакнува преносната мрежа
23.07.2024
Во Владата денеска е потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонскиот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО, наменети за зајакнување на преносната мрежа. Параф на договорот ставија претседателката на ЕБОР Одил Рене Басо и директорот на АД МЕПСО Зухди Енуз во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Средствата ќе бидат искористени во рамки на проектот за изградба на трафостаница блиску до Милетково и обнова на 110 киловолтниот далновод Валандово -Струмица, што ќе овозможи приклучување на нови 1170 мегавати од обновливи извори кои стојат неприклучени. Вкупната вредност на овој проект е 34,7 милиони евра од кои 26,4 милиони се обезбедуваат со заем од ЕБОР, а 7,6 милиони евра се грант обезбеден од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан на ЕУ и половина милион евра од Климатскиот инвестициски фонд за забрзување на транзицијата од јаглен.
Претседателката на ЕБОР Басо истакна дека овој проект ќе има сериозно влијание со намалување на загубите за пренос со 14,5 гигавати и намалување на емисиите на ЦО2 до 8.158 тони годишно, што ќе го трансформира енергетскиот пејзаж на Северна Македонија.
- Клучно и она што би сакала да го потенцирам е дека проектот ќе овозможи поврзување на дополнителни 1,2 гигавати од обновливи извори што во моментов не може да бидат поврзани затоа што имаме застарени потстаници во Југоисточниот регион. Покрај оваа корист проектот ќе негува и развој на човечки капитал. Ние ќе помогнеме МЕПСО да воспостави центар за обука во Југозападниот регион и овој центар ќе се фокусира на обука на операторите на мрежите и другите секторски работници коишто ќе бидат погодени од транзицијата кон зелена енергија и ќе развијат зелени вештини за иднината, нагласи Басо изразувајќи задоволство од продолжувањето на соработката со МЕПСО и со Владата за олеснување на агендата за зелена транзиција.
Според евроамбасадорот Гир, инвестирањето во преносни линии и воведувањето паметни мрежи е клучен потфат во Северна Македонија имајќи предвид дека мрежите во земјата се стари веќе со децении и многу треба да бидат заменети и имаат недостиг од нови приклучоци.
- Овие дејства ќе и помогнат на Северна Македонија да ја достигне својата цел и да постигне 66 проценти удел од производството на енергија од обновливи извори до 2030 година, рече Гир најавувавјќи дека ќе продолжи поддршката за земјава бидејќи инвестицијата во енергетска структура е двигател за регионалниот развој и економскиот раст.
Министерката за енергетика Божиновска порача дека токму еден од приоритетите на оваа Влада е зајакнување на електропреносните капацитети преку реконструкција односно ревитализација на постојните далекуводи.
Извор?фото МИА