Економија
Црногорската влада на итна седница ќе ги ограничи маржите на храната
20.07.2024
Министерството за економски развој на Црна Гора викендов ќе подготви Одлука за ограничување на маржата на основните животни намирници, а ресорниот министер Ник Џељошај ќе побара одржување на итна и телефонска седница на Владата, соопшти РТЦГ.
Донесувањето на одлуката за маржите по итна постапка се прави поради најавените поскапувања на основните животни намирници во трговијата, а со цел за заштита на стандардот на граѓаните.
- Одлуката ги опфаќа основните производи, како што се брашно од пченица Тип-400 и Тип-500, шеќер кристал, масло за јадење, готварска сол, информираат од Владата на Црна Гора.
Цените на брашното во повеќето трговски фирми ќе бидат зголемени за околу 15 отсто, а маслото за јадење од сончоглед ќе поскапи од 20 до 25 отсто.
Уредбата за ограничување на трговските маржи на основните животни продукти (брашно, масло за јадење, шеќер и сол) престана да важи до 30 јуни, но некои од трговците во Црна Гора одлучија да ги зголемат цените од наредната недела. Со претходната одлука овие четири производи имаа ограничена продажна маржа од пет отсто за трговија на големо и до седум отсто во малопродажбата. Трговците најавија дека ќе ги вратат маржите од десет отсто во трговијата на големо и од 15 отсто во малопродажбата, пренесува „Вијести“.
фото freepic