Економија

Хрватска вложува 200 милиони евра за поставување на полначи за електрични возила

19.07.2024

Во Хрватска се очекуваат инвeстиции од најмалку 200 милиони евра за инсталирање на полначи за електрични возила. Овие вложувања произлегуваат од обврските кон Европската Унија и  донесувањето на Уредбата за воведување на инфраструктура за алтернативни горива која стапи на сила на 13 април годинава.  

Дино Новосел, претседател на новоформираната Групација на оператори на мрежата за полначи на електрични возила во Хрватската стопанска комора вели дека овие прописи ќе важат се додека учеството на електричните возила во ЕУ не достигне 15 отсто, а за Хрватска тоа значи дека треба да изнесува околу 200.000 возила.

Прописите на ЕУ предвидува секоја земја членка до 2025 година да постави е-полначи за приватни електрични возила на сите главни патишта на секои 60 километри, а за тешките товарни возила до 2030 година.

Целта е до 2027 година на  сообраќајниците на коридорот ТЕН-Т  да бидат поставени 50 отсто од предвидениот капацитет за  полначите за лесни електрични возила. До 2030 година Хрватска треба да обезбеди дополнителни 100 до 150 МW е-полначи, а во овој момент има обезбедено околу 20 МW.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува околу 200 милиони евра до 2030 година, а тоа ќе придонесе Хрватска да го зголеми учеството на обновливите извори на енергија во сообраќајот од постојните три на минимално 21 отсто.

Учеството на обновливи извори на енергија во сообраќајот на ниво на ЕУ изнесува 9,6 отсто во 2022 година. Целта на ЕУ до 2030 година да достигне 29 отсто, објави „Балкан грин енерџи њуз“. 


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано