Економија
Светска банка: Западен Балкан треба да вложи 37 милијарди долари против климатските промени
17.07.2024
Шесте економии од Западен Балкан треба заедно да вложат најмалку 37 милијарди долари во наредната деценија за да ги заштитат граѓаните и имотот од сите поголеми штетни влијанија од климатските промени, е заклучокот во регионалниот Извештај за климатски промени и развој на Светската банка.
Спроведувањето на соодветни политики за спречување на климатските промени можат да донесат голема корист за Западен Балкан, како што се избегнување на ризикот од загуба на човечки животи, на имот и намалување на продуктивноста, но и да се поттикне економскиот раст на земјите од регионот.
Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора се под силно влијание на климатските промени. Минатите години овие земји беа зафатени со поплави во кои беа погодени милиони луѓе, а состојбата дополнително ќе се влоши со појавата на екстремни врнежи. Поголема закана претставуваат шумските пожари. Во 2021 година во регионот имаше околу 1.500, што е зголемување од 21 отсто во однос на претходната деценија. Исто така и сушите негативно влијаат на земјоделското производство, а топлотните бранови придонесуваат за загадување на воздухот и за предвремена смрт на илјадници граѓани.
- Климатските промени се јасна закана за економскиот развој на Западен Балкан, изјави Саочинг Ју, директорка за Западен Балкан во Светската банка, пренесува „Данас“.
фото freepic